Свети Козма и Дамјан, браќа по тело, биле родум од Азија. Татко им бил незнабожец, а мајка им, по име Теодотија – христијанка. Останувајќи вдовица, после смртта на нејзиниот маж и поминувајќи го времето во најусрдно служење на Христос, таа сиот свој живот го посветила на тоа, да му угодува на Бога. Таа била, како онаа вдовица, која ја пофалува Апостолот: „Вистинската и осамена вдовица се надева на Бога и пребива во молитви и молби ден и ноќ“ (1 Тим. 5, 5).
Живеејќи богоугодно сама, таа ги научила на истото и своите возљубени деца, Козма и Дамјан, зашто ги воспитала во добро поучување во христијанската вера и со изучување на Божествените Писма и ги насочила на секоја добродетел. Кога дошле на полнолетна возраст, и се утврдиле во непорочниот живот, по законот Господов, Козма и Дамјан биле како два светилници на земјата, кои сјаеле со добрите дела. Тие добиле од Бога дар да исцелуваат и давале здравје на душите и телата, лекувајќи ги сите болести, исцелувајќи ја секоја немоќ и секоја рана меѓу луѓето, изгонувајќи зли духови.
Тие им помагале не само на луѓето, туку и на животните, и од никого не земале ништо за тоа; зашто тие го правеле тоа не за добивка, не за збогатување со злато и сребро, но заради Бога, сакајќи преку љубовта кон ближните да ја изразат својата љубов кон Него. И не барале своја слава со лекувањето на луѓето, туку славата Божја, и ги исцелувале немоќите за прославување на името Господово, кое им дало таква сила на лекување. Тие избавувале од болести не толку со треви, колку со името Господово, без плата и награда, како дар, исполнувајќи ја Христовата заповед: „во дар добивте, во дар давајте“ (Мт. 10, 8). Затоа верните и почнале да ги нарекуваат бесплатни лекари и бесребреници. Минувајќи го добродетелно патот од нивниот живот, тие се упокоиле мирно и благочесно. Се прославиле со многу чуда, не само за време на нивниот живот, но и по смртта, и се топли застапници и добри исцелители на нашите болести, душевни и телесни.
За нивното нестекнување и бесплатно лекување постои таков расказ:
Некоја жена, по име Паладија, многу години лежела на болничка постела и не добивала никаква помош од различни лекари. Кога слушнала за светите Козма и Дамјан, дека исцелуваат секакви болести, испратила до нив молба, да ја посетат пред смртта. Светителите, примајќи ја оваа прозба, отишле во нејзиниот дом, и веднаш, таа жена, по верата своја, добила исцеление преку доаѓањето кај неа на светите лекари и станала здрава, славејќи го Бога, што им дарувал на Неговите слуги толкава благодат на исцеленија.
Од благодарност кон своите лекари, за оваа добродетел, таа сакала да им направи подарок. Но, тие не земале ништо, никогаш и од никого, зашто не ја продавале благодатта, која ја имале од Бога. Жената сакала да ги измоли, барем едниот од нив да го прими од неа тој најмал дар; земајќи три јајца, таа дошла тајно кај свети Дамјан и го преколнила пред Бога, да ги земе од неа трите јајца во името на Света Троица. Дамјан, кога го слушнал името на Троединиот Бог, го зел од жената тој мал дар, поради големата клетва, со која го преколнала. Свети Козма, кога дознал за тоа, многу се натажил и пред својата смрт оставил завет, да не го погребаат Дамјан покрај него, зашто ја нарушил заповедта Господова и примил од жената награда за исцелението.
Свети Козма се упокоил во Господа, а со тек на време, дошол часот на смртта и за Дамјан, кој се претставил од времениот во вечниот живот.
Луѓето не знаеле што да прават – каде да го погребат Дамјан, зашто знаеле за заветот на Косма ни не смееле да го положат покрај него брат му.
Во тоа време, додека се сомневале, ненадејно дошла камила, која претходно беснеела и добила исцеление од светителите. Таа проговорила со човечки глас, да не се сомневаат да го положат Дамјан близу Козма, зашто тој ги зел од жената трите јајца не заради наградата, туку заради името Божјо.
Така, нивните чесни мошти биле положени заедно, во таканаречениот Фереман.
Еднаш, за време на жетва, еден од жителите на тие места излегол да жнее на својата нива. Изнемоштен од жегата и сакајќи да одмори, отишол под еден даб, легнал и цврсто заспал. Во сонот, низ отворената уста му влегла змија. Кога се разбудил, земјоделецот веднаш не почувствувал никаква болка, така што повторно се фатил за работа на својата нива. Со настапувањето на вечерта, кога земјоделецот дошол дома, и после вечера легнал на постелата, почувствувал страшна болка, затоа што змијата почнала да ја растргнува неговата внатрешност. Болниот, не поднесувајќи ги страдањата, почнал да вика, со што ги пробудил сите домашни. Тие, дошле кај болниот и гледајќи ги неговите страшни маки, никако не можеле да му помогнат; тие дури и не можеле да сфатат каква болест е тоа. Тогаш болниот, не добивајќи никаква помош од ближните, прибегнал кон брзите помошници Козма и Дамјан и воскликнал: „свети лекари, Козма и Дамјан помогнете ми!“ Светителите веднаш дошле со својата помош: болниот цврсто заспал, и за време на неговиот сон, од неговата уста излегла змијата. Тие кои го виделе ова чудо се ужаснале и ги прославиле светите угодници. Кога змијата исползила, мажот веднаш се пробудил, и со помош на светите бесребреници целосно оздравел.
На тоа место имало и друг маж, по име Малх. Тој живеел во близина на храмот на светите лекари Козма и Дамјан, во Фереман. Сакајќи да замине на далечен пат, тој ја повел својата жена кон храмот и ѝ рекол:
– Ете, јас одам на далечен пат, но те доверувам на заштитата на Козма и Дамјан: остани дома, додека не ти испратам знак за мене, кој ќе го познаеш како мој. И ако сака Бог, ќе ти го испратам тој знак и ќе те земам со мене.
Поучувајќи ја така својата жена, Малх заминал на пат. По изминувањето на неколку дена, ѓаволот примил образ на некој познат човек, и доаѓајќи кај жената на Малх, ѝ го покажал знакот, на кој ѝ укажал нејзиниот маж, велејќи: „ќе ти испратам знак и ќе те земам кај себе“.
Покажувајќи ѝ го овој знак, ѓаволот и рекол да оди по него кај мажот ѝ.
– Мене, – рекол тој, – ме испрати твојот маж по тебе, да те одведам кај него.
Жената рекла:
– Го знам тој знак, но не сакам да одам, зашто сум доверена на светите бесребреници Козма и Дамјан; и ако сакаш да дојдам со тебе, да одиме првин со мене во храмот на светителите, застани пред олтарот и заколни се, дека нема да ми направиш никакво зло по патот.
Ѓаволот ѝ ветил, и приближувајќи се со неа до храмот, застанал пред олтарот и се заколнил велејќи:
– Се колнам, пред силите на Козма и Дамјан – нема да нанесам зло по патот, туку ќе те одведам кај твојот маж.
Жената, кога ја чула клетвата, се доверила на лажливиот бес, во образ на познат човек, и тргнала со него на пат. Измамникот пак, одведувајќи ја на пусто место и непроодно сакал да ја оскверни и таму да ја убие. Таа, гледајќи се во крајна мака, ги кренала очите кон небото и викнала од длабочината на срцето кон Бога, велејќи:
– Боже, по молитвите на светите Твои, Козма и Дамјан, помогни ми и побрзај да ме избавиш од рацете на овој убиец!
И веднаш се јавиле брзите помошници, светите бесребреници Козма и Дамјан. Ѓаволот, гледајќи ги, ја оставил жената и побегнал; искачувајќи се на високиот брег, тој се фрлил во пропаста и исчезнал, а светителите, земајќи ја жената, ја одвеле во нејзиниот дом.
Жената, поклонувајќи им се, говорела:
– Ви благодарам, господа мои, што ме избавивте од горката пропаст. Ве молам, – кажете ми, кои сте вие, за да знам, кому да благодарам до крајот на мојот живот.
Тие ѝ рекле:
– Ние – сме слугите Христови, Козма и Дамјан, на кои те довери твојот маж пред да замине на пат, па затоа и побрзавме на помош и те избавивме по благодатта Божја, од ѓаволот.
Слушајќи го тоа, жената паднала на земја од страв и радост, а светителите станале невидливи. И воскликнала жената, фалејќи Го и благодарејќи Му на Бога и на Неговите свети слуги, Козма и Дамјан. Кога дошла во храмот, паднала со солзи пред иконите на светителите и им раскажала на сите за тоа што станало – како Господ ја пројавил кон неа милоста, по молитвите на Своите угодници. Се молела, со овие зборови:
– Боже на татковците наши Авраама, Исака, Јакова и нивниот праведен род! Ти си ја изгаснал огнената печка за трите момчиња , Ти ѝ помогна на Твојата слугинка Текла да не се посрами ; Ти благодарам, што ме избави и мене грешната од ѓаволските мрежи преку Твоите угодници Козма и Дамјан. Ти се поклонувам Тебе, кој правиш прекрасни и преславни чудеса, и Те славам Тебе, Отецот, Синот и Светиот Дух, во веки. Амин.