Преспанско – Пелагониска Православна Епархија http://www.pppe.mk Mon, 04 Mar 2024 08:40:18 +0000 mk-MK hourly 1 https://wordpress.org/?v=4.5.11 Недела на блудниот син – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Лидија“, во Битола http://www.pppe.mk/2024/30795/ Sun, 03 Mar 2024 08:24:59 +0000 http://www.pppe.mk/?p=30795 ]]> На 03.03.2024 г., во Втората подготвителна недела за Великиот пост, Неделата на блудниот син, кога го празнуваме споменот на Светите апостоли Архип, Филимон и Апфија, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Димитар Михајловски, ерејот Стојан Пешовски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Лидија“, во Битола.

На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во чин ереј да го ракопроизведе ѓаконот Стројан Пешовски.

Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Дверите (вратите) на покајанието отвори ми ги Животодавче!“

Нашата Света Црква, браќа и сестри, Евангелијата во неделите пред Велигденскиот пост, ги определила за да нè потсетат и подготват со мислите и чувствата, навреме да почнеме да размислуваме за постот, кој што ни претстои, кој не е нашата цел, туку е средството за дочекувањето на најголемиот празник Христовото Воскресение.

Во оваа недела, именувана недела на блудниот син, нашата Света Црква, ни ја предлага евангелската парабола за блудниот син.

Имено, се вели дека еден човек имал два сина, еден постар и еден помал. Помалиот син, пристапил кон татка си и му рекол: „Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!“ (сп. Лука 15, 12) и таткото му го дал. Понатаму во параболата се вели  дека помладиот син отишол во далечна земја, каде го упропастил сиот имот што го зел од својот татко, живеејќи блудно, нечесно и недостојно, со блудници, пијаници и со нечесни луѓе. И ете, понатаму се вели дека, откако го упропастил имотот, го напуштиле пријателите и немал никого, така што дошол до тој степен да не може ни да се прехрани, па затоа отишол кај некој човек, да чува и пасе свињи. Гладот, браќа и сестри, овој блуден син, не можел да го утоли со ништо, па се вели дека бил страден дури и корењето и желадите што ги јаделе свињите да ги јаде, но и тоа не му било дозволено во доволна мера, па затоа се вели дека тогаш дошол при себеси и си рекол: „Во домот на мојот татко и наемниците имаат храна во изобилство и сè што е потребно, а јас умирам од глед, ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници“ (сп. Лука 15, 17-19). Понатаму се вели дека, кога се приближил кон татковиот дом, татко негов го виде оддалеку и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива, а синот му рече: „Татко, не сум достоен да се наречам твој син, туку прими ме како еден од твоите наемници“ (сп. Лука 15, 19). Тогаш, таткото им наредил на слугите велејќи им: „Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде“ (сп. Лука 15, 22-24). И тогаш, во параболата се вели дека отпочнала веселбата, а постариот син, кој се враќал од полето, кога ја слушнал веселблата, прашал што се случува, а слугите му рекле: „Твојот брат се врати, а татко ти, кога виде дека е здрав, нареди да се заколи угоеното теле“ (сп. Лука 15, 27). Тогаш  постариот син се налутил и му рекол на татка си: „Татко, еве јас ти служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели; а кога дојде овој твој син, што го упропасти твојот имот со блудници, за него ти закла угоено теле“ (сп. Лука 15, 29-30), а таткото му рече: „Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде“ (сп. Лука 15, 32).

Оваа прекрасна парабола, браќа и сестри, е Евангелие во Евангелието, бидејќи е најубавата изречена парабола за синот, кој го напуштил татковиот дом. И ете, оваа парабола има свое преносно значење или објаснување, па затоа ќе се потрудиме да го објасниме она што беше кажано во параболата.

Имено, човекот што имал два сина е Отецот Небесен. Синовите т.е. постариот син, според потесното мислење, ги претставува ангелите Божји, кои се создадени од Бога, а помалиот син, се грешните луѓе, односно оние што не живеат во согласност со учењето на Светата Црква. Тука во таа смисла, покрај потесното значење, има и пошироко значење, според кое постариот син го претставува избраниот Еврејски народ, кој бил свет и од Бога избран, кој во последно време формално ги извршувал Божјите заповеди, а помалиот син, се народите во времето на Авраама, кои не верувале во вистинскиот Бог, а и сите незнабожечки народи до доаѓањето во Тело на  Спасителот наш Господа Исуса Христа. Во врска со она што беше кажано дека постариот син му позавидел на помалиот, се однесува на луѓето, кои се сметаат за праведни и ги обвинуваат оние кои се грешни, сметајќи дека ако не бидат казнети, нема да бидат во заедница со Бога. Од тука е и погрешното учење на Римокатолиците, кои сметаат дека луѓето што згрешиле, треба преку казни да се ослободат од гревовите. Ова учење, според учењето на Православната Црква е погрешно, зашто за сите гревови, за сета грешност на човечкиот род, Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, слегол од небесата и поживеал со луѓето, доброволно пострадал на Крст, на кој ја пролеал Својата Света Крв, со која нè избави од гревот и смртта. Па според тоа, оние што згрешиле и вистински се каат за своите гревови т.е. го променуваат својот начин на живот, од грешен кон свет, за нив не треба казна. Епитимиите што во Црквата се определени, не се казна, туку поправна мерка, со цел човекот, кој претходно грешел, да се откаже од гревовите што ги направил и да почне да живее свет и непорочен живот.

Она место од параболата, каде се вели дека помалиот син го зел имотот и отишол во далечна земја, Свети Јован Златоуст го толкува и вели дека под далечна земја, не се подразбира некоја далечина, каде што Господ не е присутен, зашто Господ е секадеприсутен, туку се мисли на оддалеченоста од Бога. Ние се оддалечуваме од Бога, тогаш кога грешиме, кога правиме гревови, зашто ништо заедничко нема светлината со темнината.

Бог со велијар т.е. со сатаната, со ѓаволот, нема ништо заедничко. Кога ние правивме гревови, тогаш сме со сатаната и се оддалечуваме со Бога, односно одиме во таа таканаречена далечна земја, во која овој блуден син отишол да живее грешно, спротивно на Божјата волја, спротивно на Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци на нашата Света Православна Црква.

Па токму, кога човек ќе се оддалечи од Бога, тој, пак, копнее кон Бога. Затоа е кажано: „Икона сум на Твојата неискажлива слава Господи, иако ги носам раните на моите гревови“. Токму во таа смисла, е кажано дека човекот и по првородниот грев, кој ние го наследуваме, од Бога има дадена можност да го разликува доброто од лошото, и со Божја помош да почне да живее чесно и достојно. Ете, токму тоа се случило и со блудниот син, кој откако потрошил сè што имал т.е. имотот што Господ му го дал, а имотот што Господ му го дал е умот, првдата, здравјето и сите добрини. Ете, сето тоа блудниот син го упропастил.

Човекот што него го најмил во полето, е сатаната, а свињите што ринкале и јаделе корења и желади, се демоните (ѓаволите). Јадењето на желадите и корењата, кои свињите ги ринкале, се всушност погрешните учења за Бога и разните религии, кои немаат никаква врска со вистината, зашто единствената вистина е Христос нашиот Бог и Спасител и нашата Света Православна Вера и Црква, која не ја измислил ниту човек, ниту ангел, туку Самиот Син Божји, Кој слегол од небесата, за да ни ја проповеда вистината за Бога.

Господ не дошол во светот заради праведниците, туку заради грешниците. Господ ги сака праведниците, ама ги милува грешниците, па затоа на грешните луѓе им пушта, страдања, маки, неволји и искушенија, за да се отрезнат и освестат, како овој блуден син, кој се отрезнил и си рекол: „Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад “ (сп. Лука 15, 17). Така е со секој грешен човек, кој после страдањата, маките и искушенијата, ако се отрезни и ако разбере дека греши и сака да се поправи, треба да тргне по правиот пат. И така, кога ние ќе дојдеме во состојба да размислиме дека сме грешни и да побараме да се вратиме во татковиот дом, односно да бидеме во заедница со Бога, тогаш ние пристапуваме кон Бога, како што пристапил овој блуден син.

Светлата, убава и чиста облека, која таткото им наредил на слугите да ја донесат, е благодатта Божја, која ние грешните ја губиме кога правиме гревови, а кога ќе се покаеме и вратиме на правиот и вистински пат, кој е во согласност со Светото Писмо и Светото Евангелие, тогаш, повторно ја добиваме. Светиот пророк Давид, во покајниот педесетти псалм, вели: „Светиот Дух Твој не одземај Го од мене“ (сп. Псал. 50, 11), а тоа е благодатта Божја, која може да ни биде одземена заради нашите гревови. Ставањето на прстенот на раката на блудниот син, го означува печатот на Светиот Дух или повторно влегување во заедница со Бога или венчавање со Бога, како кога младите се венчаваат и даваат завет дека еден на друг ќе бидат верни до крајот на животот, така и ние, откако повторно ќе се вратиме при Бога, треба да дадеме ветување дека ќе живееме достојно и никогаш повеќе нема да Го изневериме Бога.

Обувките што му ги дале на блудниот син, го означуваат достоинството дека е син на богат човек, па така  и ние кога ќе се вратиме во заедницата со Бога, го добиваме достоинството или повторното посинување од страна на Бога.

Како што кажавме, постариот син, според толкувањата на Светите Отци, ги означува Ангелите, кои не се нажалени, туку напротив се радуваат и веселат, бидејќи при Бога се вратил еден грешник.

А што се однесува, пак, до другото толкување за избраниот Еврејски народ и за оние што себеси се сметаат за праведници, како фарисеите, се луѓето кои формално ги извршуваат Божјите заповеди и не го прават она што Му е угодно на Бога.

Сите ние, браќа и сестри, треба да се видиме во блудниот син, зашто нема човек на земјата, кој не згрешил. Секој наш грев, нè прави да бидеме блудни синови или ќерки. Секој од нас треба да си спомне за блудниот син, во смисла дека сме го напуштиле Божјиот дом, со нашиот грев и сме се оддалечиле од Бога, и дека повторно треба да се вратиме во заедница со Бога.

Па така, оваа прекрасна парабола, која како што кажавме, е Евангелие во Евангелието, ни укажува токму на тоа дека ние треба да знаеме дека Велигденскиот пост, што ни претстои, è поттик за размисла, но и за наше вистинско спознавање, кои сме и што сме т.е. дали сме грешни или праведни.

Ниту еден човек, браќа и сестри, не е без грев, па дури и Мајката Божја. Пресвета Богородица, го носела првородниот грев на нашите прародители Адама и Ева, од кого била очистена, кога и била соопштена радосната вест за раѓањето на Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, ама свои лични гревови не направила.

Од сите луѓе, кои живееле на земјата, нема човек, кој не направил свој личен грев. Затоа, сите на некој начин се препознаваме во блудниот син и можеме да се ослободиме од гревот и смртта, ако постапиме онака како што постапил блудниот син, раскајувајќи се и плачејќи за своите гревови.

Велигденски пост, за кој се подготвуваме, во овие подготвителни недели, треба да го постиме и духовно, како што ќе пееме во песните од Канонот на Свети Андреј Критски, а и телесно. Духовното постење пред сè значи, да си поставиме стражарот на нашиот ум, за во него да не влегуваат грешни мисли, помисли и фантазии, а исто така и во срцето да не дозволиме да  имаме грешни желби, похоти, страсти, грешни чувства и дела. Ако од сето ова се ослободиме, во текот на Велигденскиот пост, тогаш ќе можеме радосно да го дочекаме Празникот над празниците, Христовото Воскресение – Велигден. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар

]]>
Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, Довлеџик http://www.pppe.mk/2024/sveta-arhierejska-liturgija-vo-hramot-sveti-arhangel-gavril-dovledhik/ Sat, 02 Mar 2024 07:42:35 +0000 http://www.pppe.mk/?p=30774 ]]> На 02.03.2024 г., кога го празнуваме споменот на Светиот Лав I, папа Римски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски, ерејот Метошко Дончовски, протоѓаконот Ѓорѓи Делев и ѓаконот Стојан Пешовски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“ во Битола.

На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во ѓаконски чин да го ракоположи богословот Стојан Пешовски.
Од името на Епархијата, на новоракоположениот ѓакон Стојан Пешовски, му го честитаме ѓаконскиот чин и се молиме достојно да Му служи на Бога и на верниот народ, принесувајќи многубројни плодовите.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

]]>
Света Архиерејска Литургија во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Цетиње http://www.pppe.mk/2024/sveta-arhierejska-liturgija-vo-manastirot-rozhdestvo-na-presveta-bogoroditsa-vo-tsetine/ Sun, 25 Feb 2024 09:43:37 +0000 http://www.pppe.mk/?p=30747 ]]> На 25.02.2024 г., во Неделата на митарот и фарисејот, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Црногорско-приморски г. Јоаникиј, како и свештеници од двете сестрински Цркви, отслужи Света Архиерејска лиртургија во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Цетиње.

На крајот од Светата Литургија, Митрополитот Јоаникиј, поздравувајќи го Митрополитот Петар, му се заблагодари што одговорил на поканата да дојде на свечената прослава на празникот Свети Симеон Мироносец.

„Најпрво во местото на неговото раѓање, Подгорица, каде што вчера соборно го прославивме Свети Симеон, со повеќе архијереи, со многу свештенство и верен народ. Со вашето доаѓање добивме голем благослов од македонските и сесловенските светители Климент и Наум. Ни ја донесовте Вашата љубов и љубовта на Вашето благочестиво паство. Голем благослов е што денес имаме можност да служиме тука, пред кивотот на Свети Петар Цетињски, што се помоливме пред честичката од Чесниот Крст Христов и пред раката на Свети Јован Крстител, во оваа древна светиња, во седиштето на Митрополитите Црногорско-приморски“, рече Митрополитот Јоаникије.

Тој ја изрази својата радост што дојде до помирување и канонско и литургиско општење помеѓу Македонската и Српската православна црква.

„Тоа е голем благослов за сите нас, бидејќи, еве, фала на Бога, откако дојде до помирување, ние архијереите на Српската црква често служиме во светињите на Македонската православна црква. И нашите браќа архијереи од Македонија доаѓаат да служат во нашите светињи. И нашиот верен народ никогаш не ни престана да ги посетува светињите и на едната и на другата страна. Како што браќата од Македонија многу често доаѓаат кај Свети Василиј Острошки, така и нашиот верен народ од Црна Гора оди да се поклони на светињите во Македонија, пред сè на кивотот на Свети Наум Охридски и Свети Климент, и да се помолат на Бога во прекрасните македонски светињи“, рече тој.

„Нашите врски“ – продолжи Митрополитот Јоаникиј – „се уште од Свети Јован Владимир и неговата сопруга Косара, ќерка на царот Самуил“.

„Она што е многу важно е да се потпреме на нашите духовни и културни корени, кои се заеднички. Има многу нешта кои нè поврзуваат. Да гледаме на она што нè поврзуваше, што нè облагородуваше, што нашите предци низ многуте векови на нашата бурна историја го заеднички го чуваа, заеднички се крепеа, во Светиот Дух се радуваа во верата и во љубовта Божја“, рече Митрополитот Јоаникиј, изразувајќи му добредојде на Преспанско-пелагонискиот Митрополит.

Митрополитот Петар, заблагодарувајќи му се на домаќинот Митрополитот Јоаникиј, исто така изрази радост заради канонското и литургиското општење на архијереите, свештенството и свештеномонаштвото на двете цркви.

„Тоа е голема радост. Нема поголема радост од тоа кога браќата се заедно. Како што и ние бевме заедно денес на оваа Света Литургија“, рече тој.

Тој рече дека тоа заедништво во поново време го утврдуваат и неодамна откриените мошти на Света Стефанида Скадарска, по кои своевремено трагаше блаженопочинатиот Митрополит Амфилохие.

„Тоа заедништво овој пат се утврдува преку маченичката смрт на оваа света девојка“, рече тој и предложи заеднички да испратат писма до Синодите на Српската и на Македонската црква за, ако тоа биде Божја волја, оваа светителка да биде канонизирана.

]]>
Свети Симеоновски собор во Подгорица http://www.pppe.mk/2024/sveti-simeonovski-sobor-vo-podgoritsa/ Sat, 24 Feb 2024 14:43:20 +0000 http://www.pppe.mk/?p=30759 ]]> На 24.02.2024 година, во чест на празникот на Свети Симеон Мироточив, беше отслужена Света Архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Црногорско-приморски г. Јоаникиј, Неговото Преосвештенство Епископот, Рашко Призренски г. Tеодосиј, Неговото Преосвештенство, Епископот Милешевски г. Атанасиј, Неговото Преосвештенство, Епископот Дељадровско Илинденски  г. Јоаким, Неговото Преосвештенство Епископот Буеносајрески и јужноанерички г. Кирил, Неговото Преосвештенство Епископот Захумско-Херцеговачки г. Димитриј, Неговото Преосвештенство Епископот Будимљанско-никшички г. Методиј, како и многубројно свештенство од сите краеви на Црна Гора.

]]>
Свети Три Светители – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп http://www.pppe.mk/2024/sveti-tri-svetiteli-sveta-arhierejska-liturgija-vo-hramot-sveto-blagoveshtenie-vo-prilep-4/ Mon, 12 Feb 2024 08:14:48 +0000 http://www.pppe.mk/?p=30741 ]]> На 12.02.2024 г., кога го празнуваме споменот на Светите Три Светители (Свети Јован Златоуст, Свети Василиј Велики и Свети Григориј Богослов), Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослушение на Епископот Хераклејски г. Климент, Епископот Велички г. Никола, протоереј-ставрофорот Никола Грамбозов, протоереите Влатко Ристески, Илчо Смилески, Петко Кесакоски, протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Александар Петковски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

]]>
Известување http://www.pppe.mk/2024/izvestuvane-5/ Fri, 09 Feb 2024 11:45:18 +0000 http://www.pppe.mk/?p=30721 ]]> Започна со работа црковно-информативниот портал „Литургија.мк“. Истиот ќе ги опфаќа следниве содржини: новости од МПЦ – ОА и од православниот свет, разни соопштенија поврзани со нашата Црква и, воедно, приказ на современи текстови, ставови и поуки за православната вера.

Сајтот може да го посетите на следниов линк:
https://liturgija.mk/

]]>
Црковните состојби, во православната екумена и МПЦ ОА http://www.pppe.mk/2024/tsrkovnite-sostojbi-vo-pravoslavnata-ekumena-i-mpts-oa/ Tue, 06 Feb 2024 17:42:51 +0000 http://www.pppe.mk/?p=30715 ]]> Интервојуто е интегрален текст запишан од видео запис на 16.01.2023 година.

Интервјуто со Митрополитот г. Петар (М.П) го водеше новинарот Слободан Томиќ (С.Т), автор на Програмата Гласот на народот.

Добровечер Македонијо, добровечер почитувана публико!

Еве во предвечерието на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление, го реализираме овој разговор со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско Новозеландски Петар.

Слободан Томиќ: Добро вечер и добре дојдовте, Владико благословете!

Митрополит Петар: Добро ве најдов!

Почитувани, сакам да искажам голема благодарност до сите вас, кои во овие неполни дваесет и четири часа, по нашата објава дека ние вечерва повторно ќе бидеме заедно после една голема пауза, за да го реализираме ова мошне важно интервју за состојбите во Православната екумена и МПЦ-ОА, со оглед дека реакциите се позитивни, а секако и интересот е најголем од сите пет континенти на светот, каде што Македонската дијаспора го има главниот збор, а тој збор е дека Македонија постои и живее, како и македонскиот јазик и идентитет. Ме радува фактот што самата најава како што кажавме за состојбите во православната екумена и МПЦ-ОА, создава голем интерес и буди големи симпатии кај вас, со оглед дека повеќе сакате да сознаете и да слушнете што е тоа што се случува токму во православната екумена. Исто така сакам да ги поздравам и гледачите во Соединетите Американски држави, а воедно да го поздравам и менаџерот и сопственикот на телевизијата г. Џорџ Атанасовски, кој дава несебична поддршка во реализација на вечерашната емисија, како и семејството Јанкулови, кои исто така се поддржувачи на емисијата и сите наши Македонци, кои живеат во Соединетите Американски држави, Канада, Австралија, Европа, па и тука. Се надевам дека ќе го задржиме вашето внимание.

С.Т.: Како што спомнав, интересот околу оваа тема е голем Ваше Високопреосвештенство. Дозволете ми од групата што поставува предлози, кои јас ги апсолвирав како прашања, на истите да ми дадете одговор.

Слободан Томиќ: Краток осврт на организирање на храстијанските Цркви до указот на Светиот цар Константин за слобода на христијанската Црква во 312 година, создавање на митрополитанскиот систем и автокефалните Цркви признати на Вселенските Собори?

Митрополит Петар: Во врска со ова прашање, потребно е да се знае дека Црквата Христова од почетокот е организирана од Самиот Спасител, Кој е глава на Црква. Па така, Црквата е всушност христоцентрична т.е. центар на Црквата не е Отецот или Светиот Дух, туку Христос Спасителот, Кој заради неа дошол на земјата, примил човечко тело и се изедначил со луѓето во сè, освен во гревот. Црквата ја сочинуваат верните чеда т.е. верниците, заедно со свештенството и монаштво собрани околу својот Епископ. Гледано од аспект на Светата Тајна Евхаристија или Светата Причест, Црквата е Тело и Крв Христова. На тој начин таа се поистоветува со Телото и Крвта Христови.

Знаеме мошне добро дека Христос можел да проповеда кога наполнил триесет годишна возраст, па така секој во тогашната Еврејска држава, која е всушност еден вид провинција на Римското Царство, за да може да проповеда, морал да има триесет години.

Еве се ближи празникот Богојавление, кога Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан, а потоа ја отпочнал Својата проповед со зборовите со кои Свети Јован Крстител ја започнал својата проповед: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 17). Што всушност е мисијата на Црквата? Мисијата на Црквата, е покајанието на верните, за да се вратат во единство со Бога, поради она што го направиле нашите прародители Адам и Ева со првородниот грев, не исполнувајќи ја единствената Заповед да не јадат од забранетиот плод. Кога Христос ја почнал Својата мисија, избрал Дванаесет најблиски Апостоли, а потоа се избрани уште и Седумдесет други Апостоли. Кога Апостолите требало да ја отпочнат својата мисија за да го проповедаат Словото Божјо, од Христа Спасителот биле испратени по двајца со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да пазат сè што Сум ви заповеда“.

Па така, Светите Апостоли, проповедта ја започнале од Ерусалим. За  Ерусалимска или Сионската Црка во една црковна пeсна се вели: „Радуися Сионе Свети“. Што значи Мајка на Црквите, е Ерусалимската Црква, гледано од аспект дека од таму почнува да се шири Христијанството насекаде во светот. Првиот епископ Ерусалимски, е Светиот апостол Јаков. Па така, Дванаесетте Апостоли стигнале насекаде во целиот свет, но не само Дванаесетте, туку и останатите Седумдесет, за кои зборувавме претходно. Имено, мошне добро е познато дека од Исток до Запад и од Север до Југ, Светите Апостоли успеале да го прошират Светото Писмо, Светото Предание, Словото Божјо, па ете во Индија проповедал Светиот апостол Тома, а Светиот апостол Андреј проповедал во Мала Азија, Русија и Романија, па затоа Романската Православна Црква го има како свој патрон на Црквата. Понатаму Светиот апостол Аристовул проповедал во Англија, па цела западна хемисфера била просветлена од Светите Апостоли.

Па така, првите Цркви биле организиран од Светите Апостоли и мошне добро е познато дека тие поставувале епископи не само во големите градови или метрополи, па затоа првите организирани Помесни Цркви се викаат митрополии, според главниот град на таа поголема област, од кои најголемите биле префектурите. Па затоа имињата на Црквите од почетокот биле според градовите. Црквата секогаш ги следела политичките граници како начин на организирање, во смисла како што денеска се политичките општини, така тогаш биле црковните општини. Кај нас е мошне познато дека првите црковни општини во Македонија, ги организирал Свети апостол Павле, нејнапред во Филипи, откако во Троада му се јавил Македонец и му рекол: „Дојди кај нас во Македонија да ни помогнеш“. Втората црковна општина е во Солун, а третата во Бер или Верија.

Црковните организации или Цркви, од почетокот биле организирани како Помесни Цркви, како што кажавме според градовите, областите и префектурите и тука нема никакви забуни и недоразбирања околу организирањето на Црквите. Недоразбирањата се случиле подоцна, кога од некоја Црква, се одвојува некоја друга Црква. Недоразбирањата секогаш настанувале околу териториите, кои се одземаат од одделна дијацеза или метропола. Денеска недоразбирањата се случуваат токму по таа основа, бидејќи ниедна, именувана Мајка Црква, не била расположена кога од нејзината јуриздикција ќе се одделела некоја Црква. Затоа велам дека организирањето било спонтано, бидејќи првите векови на христијанството, се векови на гонења на христијаните. Можеме слободно да кажеме дека кога е издаден Указот на цар Константин во 312 година, за слобода на христијанската Црква, тогаш веќе се организира Црква во големиот град Константинипол, најверојатно околу 330 година, која го носи името Константинополска, по името на царот Константин, а за сметка на тоа, некои постоечки Цркви, кои до тогаш биле на тие простори или области, се припојуваат кон неа, па затоа имало извесни отпори и недоразбирања околу тоа, зашто се знае дека пред тоа постоела Пeнтархијата. Пентархијата се петте големи патријаршии: Римската, Александриската, Антиохиската, Црквата во Ефес, а на Петтото место е Ерусалимската, затоа што Ерусалим бил разрушен во седумдесеттата година по Христа според Христово претскажување дека ни камен на камен нема да остане од него, а потоа во близината на самиот Ерусалим, бил изграден мал град, кој се именувал Елија Капитулина, но со текот на времето, тој град се зголемува, но сепак заради немањето на достоинство е сместена на петтото место, а на прво место избил Рим. Кога се организира Цариградската, или, Константинополската Црква, тогаш кон неа се припојуваат оние Цркви, кои пред тоа биле самостојни, а се знае дека понатаму за недоразбирањата што се случувале во врска со верата и погрешните учења, почнувајќи од погрешното учење на Ариј, биле свикувани Вселенски Собори, на кои се разрешувале овие прашања. Првиот Вселенски Собор, го свикува Светиот цар Константин, а Петтиот или Петто шестиот Собор, Светиот цар Јустинијан, кој ја основал Црквата Јустинијана Прва и потекнува од селото Таор Скопско, па се смета дека најверојатно нејзиното седиште било во близината на аквадутот, каде се наоѓаат големи површини на Цркви, зашто некои сакале да кажат дека седиштето на Црквата Јустинијана Прва, можеби е во Охрид. За нас е битно дека Јустинијан како цар на тронот на Ромејското Царство, ја основа Јустинијана Прва, а понатаму епископите на Охридската Архиепископија, сметајќи се за наследници на Јустинијана Прва, се потпишувале како архиепископи Охридски и на Јустинијана Прва.

Во тој случај сакам да нагласиме дека автокефалните Цркви биле признавани до крајот на Вселенските Собори, се мисли на Седмиот Вселенски Собор во 787 година, кој е последниот Вселенски Собор, кој бил одржан заради погрешните учења (иконоборството). Понатаму на Третиот Вселенски Собор, кога било прашањето со Црквата на Крит, за да се потврди дека кога некоја Црква ќе мора со својата администрација и со епископатот да се пресели на туѓа територија, нејзе треба да и се даде можност да ја  врши својата мисија, а такво нешто имало и со Српската Црква, кога во Сремски Карловци, била преселена поради преселбата на Србите, заради востанието што било за времето на Арсение Чарноевиќ.

С.T.: Интересен осврт во секој случај што побудува факт да продолжиме понатаму со прашањата.

Слободан Томиќ: Давањето на автокефалија на Црквите по Седмиот Вселенски Собор до денешни дни, како и создавањето на недоразбирања во врска со тоа прашање помеѓу Мајките Цркви од кои произлегле новосоздадените Помесни Православни Цркви или само прогласените автокефални Цркви, како и признавање на автокефалија на веќе постоечки Цркви, кои биле неканонски укинати од страна на политичките власти, а некои од Цариградската Патријаршија?

          Митрополит Петар: Што се однесува до автокефалијата, треба да се знае дека давањето на автокефалноста, не е догматско прашање, бидејќи станува збор за управно прашање. Тоа е повеќе административна работа, бидејќи како што кажавме, се работи за определени територии или области, каде на епископите им е дадена можност да ја извршуваат својата апостолска мисија на нивата Господова. Имено, се знае дека според 34 апостолско правило, никој нема право да навлегува на територијата на јуриздикцијата на соодветниот епископ во неговата Епархија или во неговата јуриздикција, бидејќи тој е оној што има целосно право да управува со таа Епархија или дијацеза. Епископот се венчава за својата Црква, за својата Епархија, па од тие причини, никој нема право да навлегува во неговата Епархија, освен ако приликите не се поинакви, како на пример со Кипарската Црква, која поради некои непријателски воени дејствија, морале да се преселат од Кипар на територијата на Антиохиската Црква. Понатаму кога зборуваме за доделување на Томос или Одлука за делување на автокефалност, прашањето е следно: Дали тие Цркви легитимно се одвоиле од Мајката Црква; дали била исполнета волјата на Мајката Црква и волјата на народот, свештенството и монаштвото во таа Црква со епископатот и дали за такво нешто била согласна актуелната власт, зашто како што спомнавме пред малку, одделни цареви во времето на Ромејското царство можeле да основаат Цркви. Како пример ќе го земеме цар Самуил, кој ја основал Охридската Патријаршија, која што подоцна, по распаѓањето на Самуиловото царство во 1018 година е деградирана, од страна на Ромејскиот цар Василиј II, именуван Македонец, на степен Архиепископија, па од тогаш натаму, таа веќе делува како Архиепископија, а пред тоа јасно е дека била пратријаршија. Од тогаш натаму нашата Црква се именува како Охридска Архиепископија.

Слободан Томиќ: Дали сите Помесни Православни Цркви се истомислени по прашањето доделување, односно давање Томос за автокефалност од Цариградската Патријаршија и дали црковните правници го прецизирале тоа прашање или и тие не се истомислени, ова особено дали Крмчијата и Црковното право на Никодим Милаш на Руските и Бугарските правници се истомислени по тоа прашање?

Митрополит Петар: Да довршиме уште со претходното прашање. Значи имало и случаеви, некои Цркви не само да бидат организирани врз основа на нивната созреана ситуација, туку тоа да го бара и актуелната власт, и тогаш се добивало согласност или признание од Мајката Црква.  Очигледно е дека тоа било нормално, кога станува збор за голема оддалеченост од другите Цркви, кои претендираат да бидат Мајка Црква. Во конкретниот случај, имаме две одделни Цркви, кои сами прогласувале автокефалија, па отпосле добивале од страна на Мајката Црква или од Цариградската Патријаршија Согласност, Одлука или Томос за нивната автокефалност, а од почетокот биле ставени во изолација или како што тоа обично се нарекува шизма. Таков бил случајот со Грчката или Еладската Црква, која по востанието што го кренале Грците во 1820/21 година, тие во 1931 година организирале Црква и прогласиле автокефалија, но бидејќи Цариградската Патријаршија не им дала Томос или признание на нивната автокефалија, до 1850 година функционирале во изолација и биле прогласени како расколничка организација, а Томос за автокефалија добиле  од Цариградската Патријаршија дури во 1850 година. Исто така сама прогласила автокефалија и Романската Православна Црква во 1864 година, за после дваесет и една година да добие Томос од Цариградската Патријаршија. Има случаеви кога некои од Црквите добивале два томоси. Таков е случајот со Полската Православна Црква, која Томос добила и од Руската Црква и од Цариградската Патријаршија, а нешто слично е и со Чехословачката Црква, бидејќи Црквата од каде што произлегле како Мајката Црка, во тој период се јавува Српската Црква, па после ја отстапува јуриздикцијата на Руската Црква, а после тоа се бара решение да добие Томос од Цариградската Патријаршија. Интересен случај имаме со Американската Православна Црква, именувана Православна Црква во Америка, која ја сочинуваат верници, свештенство и епископат од американизирани руси, која добива Томос за автокефалност од Руската Црква, а другите Цркви не ја признаваат од причини што претендираат сите тие на својата дијаспора. Имено, во Америка има силна и голема дијаспора Цариградската Патријаршија, но исто така дијаспора има и Руската Задгранична Црква, потоа Бугарската Црква, Српската Црква, Романската Црква, а некои епископи од овие Цркви т.е. Романската и Бугарската, се приклучиле кон Црквата во Америка. Овие прашања остануваат нерешени од причина што сите полагаат право на своја дијаспора и секоја од тие Цркви бара да си го запази својот црковен идентитет, заедно со етничкиот идентитет и посебностите т.е. јазикот, фолклорот и.т.н. Тој проблем на дијаспората до денес не е решен и не очекуваме дека за релативно кусо време може да биде решен.

Слободан Томиќ: Го поставив тоа прашање за истомисленоста односно  доделување, односно давање томос за автокефалност од Цариградската Патријаршија и дали црковни правници како што реков го прецизирале тоа прашање или тие не се истомислени, особено дали Крмчијата и Црковното право на Никодим Милаш, на руските и бугарските правници, се истомислени по тоа прашање?

Митрополит Петар: Во врска со прашањето за доделување Томос за автокефалија, имаме различен приод, бидејќи тоа од почетокот не било канонско прашање. Канонско прашање, е ако се работи за верата, а тука станува збор исклучиво за административно уредување на Црквата по принципот на организирање на самата држава. Значи на големите области како што се: префектурите, дијацезите и митрополиите, се поставувале епископи, кои добивале епитети патријарси, митрополити, архиепископи и.т.н. По тоа прашање, денеска немаат комплетен и воедначен став сите Помесни Православни Цркви за тоа како треба да се постапува, па затоа во многу случаеви имало недоразбирања, а се случувале шизми и расколи заради тоа што некоја Црква, која сметала дека веќе ги исполнила условите самостојно да функционира, а не и било дозволено, таа сама да се прогласи за автокефална, па отпосле кога ќе се констатирало дека таа е во состојба сама да функционира или ги отстранувала пречките за добивање на самостојно или автокефално фунционирање, тогаш добивала признавање и од другите Цркви. Имало случаеви кога некои Цркви, кои добивале Томос од Цариградската Патријаршија, но не биле признаени од другите Помесни Православни Цркви, а имало и обратно, кога некои Цркви, пред да добијат Томос од Мајката Црква, да бидат прифатени и со нив да се сослужува, како што е случајот со Црквата во Америка, со која сослужуваат и оние што не ја признаваат неа како автокефална Црква.

Слободан Томиќ: Зошто не ја признаваат?

Митрополит Петар: Не е проблемот во нејзината каноничност, како што и за нашата Црква не беше проблем каноничноста, туку едно банално политичко прашање т.е. името на нашата Црква.

Слободан Томиќ: Токму тоа беше прашањето поставено од нашата дијаспора особено во Америка да бидам искрен. На Флорида имаме доста наши Македонци верници, кои се ревносни верници и ја посетуваат Црквата и литургискиот живот е присутен меѓу нив, како и во Њу Џерси. Вие дадовте одговор на тоа зошто не е призната Американската Црква. Која е разликата измеѓу автономни, со најширока автономија Цркви и автокефални, кои носат име автокефални, а де факто се со помала јуриздикција од автономни со широка автономија, односно која од православните Цркви има право на дијаспора, со оглед на фактот што Цариградската Патријаршија претендира на целата дијаспора во светот и на мисија во неправославните земји или свет како и судирот меѓу Цариград и РПЦ околу мисијата во дијаспората, Јапонската Православната Црква и мисијата на РПЦ во Кина и другите земји во светот и судирот околу тоа прашање. Кој има право на мисија во дијаспората, само Цариград или и секоја Православна Црква која има своја дијаспора?

Митрополит Петар: Во врска со почетокот на прашањето, Црквите кои се именуваат како автономни, некои од нив се нарекуваат самостојни или самоуправни. Тука се даваат разни титули, кои зависат од положбата, местото и државата во која што се наоѓа соодветната Црква. Имено, ако во некоја држава, еве конкретно да ја земеме Белорусија или Молдавија, кои се под канонска јуриздикција на Руската Православна Црква, тие го носат епитетот самоуправни или самостојни Цркви, чии што поглавари на тие Цркви, се членови на Синодот на Руската Православна Црква, а тоа беше случај и со Украинската Православна Црква, пред да се случи расчинувањето на Митрополитот Филарет. Потоа имаме случаеви, некои од автокефалните Цркви, да имаат свои автономни Цркви надвор од нивната јуриздикција, во држави кои подоцна се организирани, како што е државата Јапонија. Во Јапонија во XVIII век, прекрасна мисија има извршено Свети Николај Јапонски, кој по народност е Русин, кој ја организирал таа Јапонска Православна Црква, која е автономна Црква под јуриздикција на Руската Православна Црква. Тоа се смета како еден вид внатрешна управа во самата Црква, на која и е дадена соодветна слобода со свои избрани епископи од нивниот народ, да управуваат со таа Црква. Таков е случајот и со Црквата на Крит. Надворешна автономија има Финската Православна Црква, која е под јуриздикција на Цариградската Патријаршија,  која има поголема или поширока автономија.

Значи во конкретниот случај ако ние дискутираме за тоа прашање, знаеме дека има неколку Цркви, меѓу кои и стари Цркви, како што се Кипарската, Ерусалимската, Александриската Црква и Грчката Црква во Елада, кои немаат своја дијаспора, најверојатно според некој договор со Цариградската Патријаршија, но тие Цркви го носат именителот Грчка Александриска Црква, Грчка Ерусалимска Црква, Грчка Антиохиска Црква и Грчка Еладска Црква. Тука се поставува прашање: како (зошто) носат таков именител, кој всушност во диптихот на Црквите на Цариградската Патријаршија, не се така именувани. Тогаш како на некоја Црква и ставаат етикета дека е етнофилетистичка, како нам што ни лепеа етикета дека ние сме етнофилетисти, а од друга страна, пак, гледано, ние не го носиме името по нашата нација, туку го носиме името по нашата земја Македонија. Ако се оди од таа гледна точка дека ние го носиме името по нашата земја Македонија, како Грузијците што го носат името на својата Црквата како Грузиска по Грузија, истото тоа се однесува на Романската, Руската, Бугарската и Српската Црква. Едно е прашањето како во диптихот на Цариградската Патријаршија некоја Црква ќе биде ставена и именувана, а друго е како таа самата себе си се именува и како во нејзиниот Устав е нејзиното име и титулата и на нејзиниот поглавар.

Слободан Томиќ: Зошто на некои Цркви им се забранува за ја протегаат својата јуриздикција надвор од матичната држава, чие име го носи и на градот на Црквата во истоимената држава да нема право да ја протега јуриздикцијата во соседните држави, а пак на Црквите од соседните држави, не им е забрането да ја прошируваат јуриздикцијата на територијата на нашата држава, односно дури пројавуваат претензии за проширување на јуриздикцијата врз нашата држава, како што е случајот со Македонските егзарси на поранешната провинција Егејска Македонија, сега Северна Грција, примерот со егзарсите на горна Македонија, односно територијата кога била поделена Македонија на горна и долна, сега територијата на горна Македонија, е всушност на Република Македонија? Доказ прилог од Календарот на Вселенската Патријаршија.

Митрополит Петар: Тоа е поврзано со претходното ваше прашање околу дијаспората. Имено, ние знаеме дека една Црква, ако сама не се согласила да се откаже од дијаспората, никој не може да и ја одземе. Имено, се знае мошне добро дека Охридска Архиепископија, која е наследничка на Јустинијана Прва, имала многу широка јуриздикција. Ние како Црква со својата јуриздикција сме биле присутни во времето на цар Самуил, чија огромна држава се протегала дури на територијата на дел од денешна Романија т.е. Влашко, и скоро ицелиот Балкан бил под нејзина јуриздикција, со мали исклучоци, и јужна Италија, Сицилија и Сардинија. Очигледно е дека со губењето на тие територии, со пропаста на тоа царство, се смалува и јуриздикцијата на Охридската Архиепископија т.е. како што се менувале политичките граници, така се менувале и духовните граници на Црквите. Тука имаме дури и некои неприфатливи состојби. Имено, за време на Балканските и Светските војни, на нашата денешна држава, јуриздикција имале повеќе Цркви. Тука била присутна Бугарската Црква, потоа Српската Црква, а за време на Втората Светска Војна, била присутна и Албанската Црква во западниот дел на Македонија т.е. Тетово, Гостивар, Кичево, па дури и во Преспа. Сакам да кажам дека како се менувале политичките граници, така се менувала и духовната граница. Се знае дека по Првата Светска Војна, епархиите од денешната држава Република Македонија, биле отстапени заедно со територии во Боска и Херцеговина и Далмација, на Кралството на СХС, односно на Српската Православна Црква т.е. на обединетата Црква во Кралството на СХС, па од тогаш натаму гледано од аспект на нашата јуиздикција, ние сме потпаднале под јуриздикција на Српската Црква. Ете затоа и последните Одлуки, совети или препораки, како да ги наречеме, на Цариградската Патријаршија, да го решиме прашањето т.е. да ги решиме управните работи со Српската Православна Црква, беа во таа насока упатени дека Цариградската Патријаршија нема јуриздикција на територијата на нашата земја, бидејќи своевремено со промена на политичките граници и формирањето на кралството СХС, овој дел припаднал под тоа Кралство, а ние сме се формираме и оргинизирале како Црква, односно ја обновивме нашата древна Охридска Архиепископија, која е наследничка на Јустинијана Прва. Ние практично Црквата ја обновуваме во времето на државата Југославија. Па така, ние сме Црква која што очигледно во тоа време, во Југославија, функционира како самостојна, а единството со Српската Црква, ни е преку персоналната унија на тогашниот патријарх Герман, бидејќи тој се потпишуваше како Патријарх на Српската и Македонската Црква и на Српскиот и Македонскиот народ. Тие недоразбирања што настанаа од 1965 до 1967 година, кога ние прогласивме автокефалност, кое не требаше според мое мислење така да се случи, бидејќи требаше само да се информираат останатите Цркви дека имаме недоразбирање, но тоа сега е минато и нема потреба да се враќаме, битно е дека Српската Православна Црква конечно со љубов погледна кон нашата Црква, народ и држава и минатата година, нè призна и ни додели автокефалност. Ете, нашата автокефалност веќе ја прифатија одделни Цркви, а што се однесува до сослужувањето, со своја Одлука излезе и Цариградската Патријаршија, која нè прогласи дека ние повеќе не сме во изолација и шизма, како што тие милуваа да кажат. Мислам дека разликата измеѓу шизми и расколи во првите векови и шизми и расколи во денешно време не е исто. Зошто? Во првите векови расколите не биле од административен карактер, туку биле од морален и догматски карактер. Пример, некои од тие расколи, како што е новацијановиот раскол, кои проповедале пуританизам, односно дека оние што се чисти, можат да бидат во Црквата, а оние кои поднале во тешки гревови, треба да бидат исклучени за секогаш, што не е добро, бидејќи Христос дошол не за праведниците, туку за грешниците. Во Црквата, на сите кои згрешиле, треба да им се даде можност за да се поправат во Црквата. Од друга страна, пак, некои од тие расоли, кои се случувале во тоа време, биле на некој начин екстремни и не сакале да ги почитуваат правилата на каноните. Во тој контекст на нештата, сакам да кажам дека и денеска, во поново време, имаме слични нешта, дали е тоа некомуницирање на една Црква со друга Црква заради некои настанати проблеми. На пример, во Грција имаше проблем за време на Блажено починатиот архиепископ Христодул, во врска со избор на владика за Егејскиот дел на Македонија, па се случи недоразбирање со Цариградската Патријаршија, па тогаш имаа несослужувања (раскол). Значи поглаварите и епископите на едната и другата Помесна Црква, кои се од блокот на именуваните грчи или елинофонски Цркви, не сослужуваа. Имаме случаеви кога некои Цркви, ќе навлезат на територијата на друга Црква, а имало дури и такви состојби да превземаат некои од надлежните повисоки фактори, тука мислам на Синодите на Цркви, кои почнуваат да ги расчинуваат епископите или митрополитите, па дури и патријарските на други Цркви. Таков е случајот со блажено починатиот Ерусалимски Патријарх Диодор, околу надоразбирањето за еден манастир од Австралија, кој го прифатил под своја јуриздикција, иако не знам како било решено тоа прашање. Ерусалимската Црква да нема јуриздикција надвор од своите граници, односно да нема во дијаспората. Ете, заради тоа беше расчинет од страна на Цариградската Патријаршија и заедно со неговиот секретар Митрополитот Тимотеј. Потоа откако се измирија и се најде решение, пак се надминаа тие недоразбирања. Таков е случајот измеѓу Цариградската Патријаршија и Руската Православна Црква, околу случајот со Црквата во Украина.

Слободан Томиќ: Како ја гледате таа разврска?

Митрополит Петар: Па таа разврска не можам јас да прогнозирам како ќе биде, но мислам дека се доволно мудри и едниот и другиот поглавар. Цариградскиот патријарх Вартоломеј, е мудар човек и наоѓал начини да надмине многу недоразбирања и прашања, а сега ова прашање не е само црковно, туку и политичко, а можеби и воено стратешко прашање. Токму заради тоа мислам дека не може никој да прогнозира, бидејќи таму постоеше Украинска Црква, која е под јуриздикција на Московската Патријаршија, со која сослужуваа сите Црква и немаше никаков спор, но сега веќе заради ова што се случи, некако се комплицираат работите. Најново нешто за кое имаме сознанија, е дека некој свештеник од Српската Црква, кој бил под јуриздикција на Цариградската Патријаршија, е расчинет, па сега преминал под јуриздикција на Руската Задгранична Црква. Српската Православна Црква, таа пресуда не ја прифаќа. Значи тоа се прашања, кои можат бргу да се решат, но битното е дали станува збор за канонски проблем на една Црква.

Слободан Томиќ: Во тој контекст сакам да прашам дали може поскоро да се реши таа разврска или ќе се чека свикување на нов Сеправославен Собор или има можеби друга солуција?

Митрополит Петар: Мислам дека прашањето за автокефалијата беше едно од главните теми на Собор што се одржа во 2016 година во Крит, каде настана недоразбирање. Имено, прашањето околу тоа да се има консензус за автокефалност на некоја Црква, која треба да ја добие автокефалноста од сите Цркви и дека таа Одлука или Томос треба да биде потпишан од страна на сите поглавари на Помесните Православни Цркви. Таму станало збор дали Цариградскиот Патријарх ќе биде потписникот. Наводно, било речено само тој да биде потписник, а другите да бидат сопотписници, но со тоа не се согласиле некои од Црквите, па затоа не присуствуваа на тој Собор. Колку што ми е познато против беше Руската Црква, Антиохиската Црква, Грузиската Црква, Бугарската Црква, а Српската Црква беше поделена, дел од нив беа за, а дел против. Тоа создаде големо недоразбирање и настана еден метеж меѓу Црквите околу тоа прашање, па засега останува нерешено тоа прашање и не може никој да рече дека овој е надлежниот. Очигледно е дека најголемата согласност за признавање на автокефалност, мора да биде од Мајката Црква, која всушност е и условот за автокефалија. Без согласност или волја од Мајката Црква, во конкретниов (наш) случај тоа е Српската Црква, не може да има автокефалност. Ние од Српската Црква добивме апостолско преемство по Втората Светска Војна. Исто така, нашата територија т.е. нашите седум епархија и беа доделени на Српската Црква од Цариградската Патријаршија во 1922 год, па очигледно е дека од неа се бараше согласност и потврда. Ете, затоа Српската Црква го издаде Томосот и понатаму следуваше признавањето од другите Цркви. Што се однесува до тоа давање или недавање на Томос, рековме дека сега во оваа ситуација каква што е, со недоразбирањата меѓу Црквите, да рече дека ова е најправилниот начин. Најверојатно тоа ќе се реши на следен Сеправославен Собор или Сеправославна конференција, па да се разговара и да се најде некоја солуција или решение, кое што ќе биде најповолно, но најбитно од сè за нас, е да имаме сослужување со сите Помесни Православни Цркви, без оглед кои од тие Цркви нас нè признаат како автокефална или, пак, нè признаат како канонска Црква. Некоја Црква може да има титула автокефална, а де факто да биде Црква, која ги нема сите услови што ги имаат другите автокефални Цркви, како што е случајот со Црквите, кои имаат дијаспора, како: Антиохиската, Руската, Српската, Романската, Бугарската и.т.н., а во конкретниот случај дијаспора има и нашата Црква. Нам сега како репер ни е Антиохиската Црква, дека не смееме да се откажеме од нашата дијаспора по никоја цена. Зошто? Па ако ја ограничите Антиохиската Црквата на нејзината територија, тоа е Сирија, и таа нема да постои, бидејќи нема ни една четвртина од своите верниците во Сирија, во нејзината матична држава, каде што е и нејзиниот главен митрополитски град Дамаск. Таа осумдесет насто е во дијаспората. Ние како православен народ, сме повеќе во дијаспората, отколку во земјата, па ако се откажеме, а сме со тенденција да се доиселиме, ќе исчезнеме. Затоа треба да се има разбирање за нашето прашање, кое всушност е суштествено прашање за опстојот на нашиот народ. Нашата дијаспора, не е само Америка, Канада, Австралија, Нов Зеланд, туку сме присутни и во Европа. Во Европа во последниве две децении, ни се одлеаја повеќе од петстотини илјади (верници) народ. Тоа е проблемот зошто ние не сакаме да се откажеме од нашата дијаспора. Сите оние што денеска прават пропаганда по тоа прашање, дека ние треба да се задоволиме само со јуриздикција на територијата на Република Македонија, во најмала рака ќе бидам можеби многу груб во кажувањето, се најголеми напријатели на нашата Црква и нашиот народ, поточно речено гробари. Нека ми простат, ама тие се гробари на нашата Црква и на нашиот народ и држава, бидејќи сакаат да нè лишат од нашето единство со дијаспората т.е. со Америка, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Европа.

Слободан Томиќ: Тоа е токму таа моја порака што Македонците во Европа, еве многу пораки испратија на мојот фејзбук и со нетрпение очекуваат да ве слушнат вечерва. Зошто МПЦ не може да го носи именителот Македонска? Кој има право да дава томос за автокефалина на автономна и автокефална Црква и зошто кога на некоја Црква, како на МПЦ и поставува и се создава парацрковна организација како ПОА, сите Помесни Православни Цркви го прифатија Томосот на СПЦ за создавањето на ПОА и сослужуваа со епископите на ПОА, а не сослужаваа со епископите на МПЦ-ОА, дали тоа беше само заради тоа што т.н. ПОА се откажа од именителот Македонска на штета на МПЦ, иако ПОА никогаш немала повеќе од стотина приврзаници, вкупно и епископи, монаштво и верници и како ја толкувате изјавата на Вранишковски од 2018 година зошто МПЦ не може да го носи именителот Македонска?

Митрополит Петар: Вие видовте и цел свет виде како беше односот кон нас како кон Црква и народ, па и држава по тоа прашање. Значи одеднаш кога таму се создаде нешто не канонско, веднаш се јавија подржатели од Црквите, кои што своевремено, кога била нашата земја под Турците, а и за време на Балканските војни била поделена на четири дела, наеднаш се најдоа тројца епископи, кои дојдоа да сослужуваат токму во Нижеполе во мојата Епархија, за да покажат дека во тоа време сеуште се симпатиите кон овој народ и кон оваа земја, со самото тоа како вие што кажавте дека владиката Јован се откажува од именителот Македонска и става име Православна Охридска Архиепископија. Тоа беше со големи симпатии прифатено од гркофонските Цркви, а и од други Цркви, кои имаат симпатии кон нашата територија, па затоа сите сослужуваа со нив, а со нас никој не сакаше да сослужува. Дури до таму се одеше, да се бара по секоја цена да биде регистрирана таа „Црква“ кај нас. Кај нас до таму се крена високо гласот дека голема неправда се прави за стотина луѓе, а сега не се прави никаква споредба за она што се случува во Украина, во врска со нетрпението меѓу едната и другата Црква т.е. онаа што е призната од Цариградскиот Патријарх и онаа што е под јуриздикција на Московската Патријаршија, на која насилно и се одземаат манастирите, црквите, имотот и.т.н.. Ако имаме црковна совест, ние владиците, свештенослужителите, митрополитите, архиепископите и патријарсите, да реагираме на тоа, без оглед кој положил рака на едната или на другата страна. Она што не е добро, треба да го осудиме сите и да речеме: не е добро да се прави насилство врз тој народ само за тоа што не се декларира дека не е Украински туку Руски или симпатизер на Руските. Ако се прави насилство од една страна врз другата, тоа треба да се осуди и обратно. Тука мислам дека Помесните Православни Цркви сме неправедни, бидејќи треба да подадеме рака таму каде што има насилството за тоа да престане. Значи во конкретниов случај мислам дека тука затајува совеста човечка по тоа прашање.

Слободан Томиќ: Не мора да ми одговорите, меѓутоа тоа беше едно прашање на еден од напите Македонци верници во дијаспората токму за Украинската Црква и посетата на Вселенскиот Патријарх на Претседателот на американската држава Џо Бајден, па потоа да се случи тој неред што денеска го имаме. Дали беше тоа случајно или организирано признавање на Украинската Црква без волјата на Русија?

Митрополит Петар: Јас не навлегувам во политичките прашања, но сите луѓе имаат право да расудуваат и размислуваат, а не ако некој нешто каже, кое не се совпаѓа со мислењето на другиот, тогаш веднаш се лепат етикети: аха, тој е проруски или проамерикански. Сега тука дојдовме до суштината на нештото. Имено, па ние зборуваме за тоа дека имаме право на говор. Каде е правото на говор на некого да каже нешто дека не се согласува со тоа, без оглед дали е во право или не е во право, а од друга страна, пак, сега ние сме демократска земја. Демократски се и Западот и Истокот. Ако се добиваат целосни информации за состојбите на сите полиња, тогаш можеме да имаме јасна претстава за нештата. Ако некој ти ги сопре информациите да ги добиеш од другата страна и те тера ти исклучиво, само неговите информации, што ти ги дава, да ги прифаќаш, тоа е тортура. Тоа не е во ред, па затоа секому треба да му се даде можност реално да процени дали во конкретниот случај, без оглед кој е во прашање, да осудиме агресија од една или од друга страна. Значи јас не можам никогаш да се согласам ако Руски високодостојници од Московската Патријаршија, вршат насилство врз верници и цркви, кои се од Црквата признаена од Цариградскиот патријарх, тоа да го прифатам и да го одобрам, но нема да го прифатам и одобрам и обратното, ако верници признаени од Цариградската Патријаршија, вршат насилство и тортура врз црквите, манастирите и верниците, кои се под јуриздикција на Руската Црква. Затоа мислам дека мудри се и двајцата Патријарси и неопходно е потребно што е можно поскоро да седнат на маса и да ги решават проблемите. Секое одлагање на седнување на заедничка маса и решавање на тоа прашање, е погубно за двете страни.

Слободан Томиќ: Ќе ми дозволите, морам три прашања што ги апсолвирав од гледачите. Прашува, зошто Цариградскиот патријарх сослужуваше со Поглаварот и Архиереите на МПЦ-ОА по доделувањето на Томосот на МПЦ-ОА ако не го признава Томосот и зошто таа не додели Томос пред СПЦ, туку ја упати МПЦ да ги уреди управните работи со СПЦ?

Митрополит Петар: Можам да кажам дека Цариградскиот Патријарх правилно постапи кога нас нè упати кон Српската Црква да ги решиме управните работи. Тоа е за пофалба, како што тие милуваат да кажат дека ја симнале шизмата од нашата Црква, но не се согласувам и со условите напишани во тој Акт.

Слобoдан Томиќ: Дали е можно Цариградската Патријаршија да постави свој Егзарх во Македонија се шпекулира на игуменот Партениј?

Митрополит Петар: Ние зборнавме малку, а сега пак ќе поговориме во врска со егзарсите. Мора да бидеме искрени во дискусиите, мислењата и разговорите. Не може повеќе да има табу црковни теми, бидејќи досега имаше црковни табу теми, во смисла ако јас нешто кажам како владика за некој владика или за некоја Помесна Црква, кое не и се допаѓа на таа Црква, веднаш етикетите стигнуваат на соодветната личност и тоа не е добро. Затоа треба ние отворено да дискутираме за проблемите и да не се плашиме од тоа дека ќе ни забележи Цариградскиот Патријарх или Антиохискиот, Александрискиот, Ерусалимскиот, Српскиот, Бугарскиот, Романскиот и.т.н., бидејќи ние постојано треба да бидеме во комуникации и отворени дускусии, за да ги решаваме проблемите. Замина тоа време кога некој од некого ќе мора да се плаши. Сега веќе никој од никого не се плаши и нема потреба да се плаши. Ако има престапи, престапите треба да се докажат и според престапите треба да се суди и пресудува, ама однапред да се создаваат било какви мислења и да се преудицираат работите, тоа не е добро. Во врска со прашањето за егзарсите, ние имаме еден сериозен проблем ако одиме по таа логика. Во Грција или како што ние го нарекуваме Егејскиот дел на Македонија, сега веќе Грците го нарекуваат Северна Грција, бидејќи порано се викаше Македонија, а и за Тракија имаа министер за внатрешни работи т.е. покрај министерот за Грција, имаа и министер за Македонија и за Тракија, а епископите кои таму се поставени, носат титули Егзарси на Македонија. Тие сега имаат двајца Егзарси за централна Македонија, Егзарх за Источна Македонија, Североисточна, Сверозападна, Југозападна и Југоисточна, потоа имаат двајца егзарси за горна Македонија, а Македонија во минатото била поделена на горна и долна, а најголемиот дел од горна Македонија, е нашава држава. Сега ако од таа гледна точка сакаме да изведуваме заклучоци, заклучокот е дека самото име на тие двајца егзарси за горна Македонија, не е ли претензија на оваа територија, кога Грците велат дека една е Македонија, а сега Македонија, е само оваа Македонија, бидејќи онаа во Грција е северна Грција. Во Бугарија нема Пиринска Македонија, бидејќи таа е Бугарија, останува само нашава Македонија, па и таа ли е грчка или како што велат Бугарите, Бугарска. За ова треба сериозно да размислиме, бидејќи ова прашање со егзарсите не може така да оди, зашто на тој начин се пројавуваат претензии кон нашата Црква и територија. Постои можност за таква соработка, како што постојат т.н. подворја или со други зборови наречени православни амбасади. Пример, во Русија имате скоро од сите Помесни Православни Цркви подворја или амбасади, но и Русите имаат подворја во соседните Цркви, како што е Руското подворје во Белград, во Романија, Бугарија и.т.н., па по таа основа зошто не би било направено да има и кај нас.

Слободан Томиќ: Дали може Охрид, бидејќи Охрид го има приматот и атрибутот Балкански Ерусалим, наместо егзарси да се поставува подворја од сите Помесни Православни Цркви од православната екумена, за Охрид да го добие во целост тој атрибут.

Митрополит Петар: Секако дека е пожелно ако се има согласност од сите Помесни Православни Цркви, тука да испратат свои претставници и да им се додели земја кај нас во Охрид или во охридскиот крај, за да си изградат свои подворја и цркви, а исто така и согласност од нивна страна, во нивните Цркви и ние да имаме свои подворја. Тоа би било единството на Православната Црква насекаде, бидејќи би комуницирале како рамни едни на други. Во овој случај, како што вие рековте, овде кај нас да се постави егзарх од страна на Цариградската Патријаршија или од Српската, Бугарската или било која Црква, без ние да имаме кај нив наш претставник, тоа е веќе многу дискутабилно и е веќе полагање рака на влијание кај нас тука, особено ако станува збор за нивна личност, која ќе биде поставена или ќе биде од кај нас избран човек. Ако човекот не е национално определен како Македонец и целосно се декларира дека е бугарин и бугарин се чувствува, а од друга страна подржува и целокупна пропаганда што се прави кај нас од страна на други елинофонски Цркви, тогаш веќе тука проблемот не е таму, проблемот е кај нас. Ние треба да го решиме тоа, оти факт е дека денеска имаме парацрковна структура во Бигорскиот манастир, на чело со епископот Партениј, кој презема мои ингеренции како Претседател на Одделот за соработка со Православните Цркви. Тоа прашање мора час поскоро да го поставиме на дневен ред на Синодот во цел состав и да го решиме. Јас имав слобода да му кажам пред нашиот Архиепископ Стефан, пред Митрополитот Тимотеј, Епископот Климент, пред Силимврискиот Митрополит Максим, кој има студирано и докторирано во Белград и пред Претседателот на Комисијата за Односи со Верските заедници, свештени лица, преведувачи и.т.н., да му пренесат на Неговата Сесветост дека ние нема да дозволиме да имаме парацрковна организација во лицето на Епископот Партениј, заедно со неговата структура во Бигорскиот манастир и со монасите и монахињите, кои мешетарат во мојата Епархија. Јавно кажувам и им порачувам да се тргнат од мојата Епархија и повеќе да не ми прават проблеми, зашто сериозна е ситуацијата, а за другите Епархии нека си водат сметка надлежните Архиереи. Ова е веќе сериозен проблем на нашата Црква. Ние го решаваме проблемот со ПОА, а сега имаме поголем проблем со парацрковната структура на Бигорскиот манастир, кои и по националноста знаеме каде тргаат, а и по нивната духовна ориентација.

Слободан Томиќ: Владико еве ја заокружуваме вечерашната емисија или ова богојавленско интервју, еве за неколку дена го прославуваме тој голем христијански празник. Што би додале?

Митроpлит Петар: Јас сега можам да кажам дека ние како автокефална Помесна Православна Црква, мораме да покажеме на дело дека сме автокефална. Досега сите нè гледаа и нè набљудуваа така, но многу не им беше ни интересно, но сега ако Српскиот Патријарх, ако Цариградскиот Патријарх, ако Рускиот Патријарх и другите нè признаа и сослужуваат со нас, без оглед дали како автокефална или како канонска Црква, ние треба да покажеме зрелост, не само дека сме автокефална, туку дека треба да се усовршуваме и да ги користиме искуствата на сите сестрински Помесни Православни Цркви во секој поглед. Размена на студенти од нашиот факултет со факултети на другите православни факултетите во Солун, Атина, Белград, Москва, Софија, и секаде каде што имаме можност тоа да го правиме, па дури и на оние во Америка како што се на Светиот Крст. На тој начин ќе покажеме дека ние сме зрела Црква, а нашите студенти и постдипломци што ќе студираат таму, ќе бидат наши амбасадори.

Јас мислам дека сме на пат да ја зацврстиме нашата Македонска Православна Црква во секој поглед и да се покажеме дека ги контролираме работите и духовно напредуваме, не со цел да се фалиме, туку да се грижиме за спасението  на нашиот православен народ, не само Македонците, туку и сите православни, кои се во составот на нашата Македонска Православна Црква тука и во дијаспората. Само така мислам дека ние ќе можеме да покажеме и докажеме дека сме вистинска Православна Помесна автокефална Црква, ако на секое поле напредуваме, но и ако во вакви времиња, кога има бранувања на водата на морето, океанот и езерата, од таму да излезе сета нечистотијата, за да ни биде чиста Црквата, да ни биде чиста нашата држава од секакво зло т.е. од поткуп, мито, корупција. Ние денеска сме ставени на тапетот како први на листата како држава, која не напредуваме во реформите, туку назадуваме, Ние Македонците сме народ, кој ниеден народ не го потценувал, ниту потценува, ниту ќе потценува, ама затоа бараме од оние кои имаат претензии кон нас, кон Црквата, кон територијата, кон нашиот етнос и посебност во секој поглед, да имаат разбирање дека и ние имаме право, (на овој свет) да живееме.

Слободан Томиќ: Ви благодарам многу Владико Петар, што бевте гостин во ова исклузивно интервју. Ви посакувам добро здравје и успех во натамошната работа.

Митрополит Петар: Ви благодарам што бев гостин на емисијава на телевизија Македонско Сонце, која вие ја водевте. Ако со нешто некого сум навредил, барам прошка, јавно да ми опрости, било тоа да е свештено лице од високиот клир на Помесните Православни Цркви или обичен верник или човек, бидејќи и јас сум грешен и најгрешен од сите.

]]>
Што е вистина? Која, или поточно Кој е вистина? http://www.pppe.mk/2024/shto-e-vistina-koja-ili-potochno-koj-e-vistina/ Tue, 06 Feb 2024 16:54:46 +0000 http://www.pppe.mk/?p=30707 ]]> Денес, ова прашање е најактуелно, имајќи ги предвид испревртените вредности. Всушност, денес таму е присутна лагата, измамата, лажните вести, злоупотребата на медиумите во полза на личните интереси, или поточно да се ужива во нанесување неизмерна болка на „непријателот“.

Никогаш досега така јавно и бескруполозно не биле искривоколчени вистинските  суштествени вредности, од кои зависи дали градиме духовно, интелектуално и здраво, семејство и општество, во секој поглед.

Вистината е Една и Единствена, и од неа произлегуваат сите вистини, наспроти лагата.

Никој во целиот свет до денес, освен Богочовекот и Спасителот наш Христос не се осудил да рече: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14, 6), па оттаму и најголемиот светски класичар  Достоевски ќе рече: „Кога би морал да изберам помеѓу Вистината и Христа, јас сепак би го избрал Христа“, се разбира, затоа што Он е изворот на секоја вистина.

Наспроти Вистината – Христа, стои лагата, сатаната, за кого е речено, дека е татко на лагата од искони (од почетокот), и од него извира секоја лага и измама.

Вистината – Христос, (нè) води кон вечниот живот (рајот), а лагата – сатаната, води во огнената геена (пеколот). Вистината во светот, кој лежи во зло, е потисната, унижена, обесправена и постојано преку полувистината се стреми лагата да триумфира над вистината. Вистината е постојана, непроменлива, ненаметлива, молчелива и доследна. Наспроти вистината, лагата е, непостојана, променлива, наметлива и бучна (гласна).

Вистината и лагата немаат ништо заедничко, како што немаат Христос и Велијар – сатаната. Целта на Вистината е да остане вечно Вистина, а на лагата целта и е да го заземе местото на Вистината, да се прогласи себеси за вистина, како што сатаната сакал да му го земе местото на Бога, себеси да се прогласи за Бог, а и денес се прогласува за господар на светот.

Затоа, сите зла во светот биле прогласени најбучно како вистина, над секоја вистина, за подоцна да се констатира дека тоа биле лаги т.е. кажани врз стотици и илјадници лаги, зашто за да се покрие една лага, мора да се измислат уште стотина други лаги, за на крајот да излезе и триумфира вистината, ако не на овој (овдешниот) свет, тогаш несомнено на Страшниот Христов Суд, пред Христа Вечната Вистина.

Всушност овој свет е полето, мегданот, рингот на постојана борба меѓу лагата и вистината, и на почетокот лагата остава силен впечаток дека е надмоќна, за на крајот да биде катастрофално поразена – победена. Така било во борбата на небесата меѓу сатаната со неговите ангели, (демоните) и Архангел Михаил и Светите небесни сили (ангелите), и сатаната беше победен; така беше победен и Голијат од Давида; така беше победен сатаната од Светиот праведен и многустрадален Јов. Со Христовата смрт, беше победена смртта преку Воскресението; така исчезнаа сите неправедни царства и империи, а ќе исчезнат и денешниве, а ќе останат, пак, само сеќавањата на сите војни, злосторства и неправди, односно полувистини, лаги и измами, и конечно ќе триумфира Вистината.

Што е лага?

Лагата им причинува (прави) –  голема штета, и на тој што ја говори, и на тој што ја слуша. Тој што лаже, тие што го слушаат го мразат, го сметаат за нечесен и со недоверба гледаат на него.

Тој, пак, што ја слуша лагата и верува во неа, тој ја прогонува верата.

Лагата убива цели градови, соборува држави и царства, сее непријателство и омраза меѓу пријателите, ги скарува роднините, ги разделува сопружниците.

Лагата ја разделува – разорува и Црквата, со еретици, расколници, неверници и.т.н.

Господ строго ја забранува лагата со Својот закон „не лажи“ Божја заповед, а во раната Црква со смрт ги казнува лажливците, како што е случајот со Ананиј и Сепфира, поради затајувањето на ветените пари од продадената нива, што ја ветиле на Црквата.

Свети апостол Петар ги проколнал и Ананиј и Сепфира, за тоа што го излажале (Светиот Дух), и умреле. Ќе праша некој, зошто Бог не ги казнува денешните лажливци со иста казна, кои се накотија и ги има премногу! Затоа што има друг иден живот, кога на сите според делата ќе им биде дадено. Оваа казна е само за да видат луѓето колку строга е казната за лажење, односно (смрт) телесна, а во идниот живот пеколно живеење. Бог се гневи на лажливците. Но, не знаеме дали и на денешните лажливци Господ не им одредува казни со болест(и), загуба на имот(и), беди и.т.н. Во Стариот Завет, Господ дал заповед „не лажи против ближниот“, а во Новиот Завет, вели: „вам да ви биде да, да, нè, нè“. Не лажете се едни со други (Кол 3, 9).

Луѓето, за жал и некои клирици, сосема заборавиле дека се  последователи и ученици Христови, Кој рекол за Себеси: „Јас сум патот, вистината и животот“ (сп. Јован 14, 6). Некои живеат без да знаат, дека лагата е убиство.

Луѓето лажат при тргувањето и ги каматат купувачите, па дури вината ја фрлаат врз купувачите што не ја согледале штетата. Луѓе за жалење! Други тргуваат за вработување луѓе и присвојуваат способности и добродетели што не ги поседуваат . Дали се тие достојни христијани?

Некои, лагата ја употребуваат да го развеселат општеството и луѓето, па шеговитата лага им преминува во навика, а ним кој да им верува понатаму?  На такви, не доверувајте се.

Лагата им прави штета на ближните и на оние што лажат и на излаганите и на оние што ја слушаат, а ништо не прават да ја разобличат лагата. Погубни се последиците од лагата. „Лош порок во човекот е лагата“ (Сир. 20, 24).

Навиката да се лаже, најнапред е најголема штета за нас. Потоа, го развратува нашето духовно насочување, ја разурнува нашата добронастроеност на душата; им противречи на разумот и свеста; не поттикнува да говориме и дејствуваме против убедувањето.

Кај ближните, исчезнува љубовта кон лажливецот.

Навиката да се лаже, доведува до многу злосторства: клевета, неверство, свртување на делото на штета на ближниот, преувеличувајќи ги неговите слабости и недостатоци.

Најнапред не омаловажува нас самите, не прави лесномислени, неразумни, безсовесни, а следствено на тоа, човекот губи доверба кај другите. По навика ги лаже другите, ги измачува, ги искористува, нема доверба кај луѓето.

Лагата ја ослабува љубовта кон вистината, уважувањето кон вистината се намалува и пречи кон распрострувањето на вистината. Подобро човек да е крадец, отколку постојано да лаже.

Учителите на лагата се практично волци во овчи кожи. Денес тие се премногу накотени. Тие се јавуваат во неприроден вид и обично ја бараат општествената благосостојба. Тие се против Црквата и учат дека таа го одживеала своето постоење и дека треба да замине во заборав. Семејството треба да се распушти; брачната љубов е стега за брачните другари; децата им се товар и немаат можност за слобода, бидејќи децата се постојана обврска; се форсира браковите да бидат пробни, но и истополови, наспроти Божјата заповед, дека „мажеложниците (хомосексуалците) и пијаниците нема да го наследат Царството Небесно“ (1. Кор. 6, 9-10).

Приврзаниците на лагата, протежираат анархија и уривање на власта со насилни средства, непочитување на законите, толкување на законите како што ним им одговара и.т.н.

Но има и лажни учители кои сакаат и верата да ни ја уништат, како разни сектанти увезени во текот на овие последни неколку децении, а меѓу нив се и спиритуалистите, црна ружа, синиот (кит), кои последниве веќе ги земаат и најновите жртви како што беше случајот, пред некоја седмица, кога во кочанското село Кучичино, 14 годишно момче си го одзеде животот.

Христос ни вели да се пазиме од нив. „Пазете се, некој да не ве прелаже, зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи јас сум Христос, и ќе ве прелажат многумина“ (Мат. 24, 4-5; Лука 21, 8). Бегајте од тие луѓе, зашто човек не може да се допре до нив како до катран, а да не се оцрни.

Бегајте од луѓето што се претставуваат за слободни мислители.

Заштитници и раководители на верата ни се голем број учители на Црквата, Свети Отци, Божји угодници, докажани духовници, кои со својот опит, живот и дела ја потврдуваат верата.

Гледате колку внимателно треба да пристапуваме, „не како неразумни, туку како мудри, ценејќи го времето, зашто дните се лукави“ (Ефес. 5, 15 -16).

Современите лажни учители, воглавно се вооружуваат против нашата вера, татковска и прадедовска, заведувајќи ги верниците, дека сите вери наводно се еднакво блиски, наспроти Христовите зборови, дека „ако некој промени една црта или јота од Писмото нема да го наследи Царството Небесно“ (сп. Мат. 5, 18).

Други пак велат, ако некој верува и да греши ќе се спаси. Но Христос вели: „Не секој што ми вели Господи, Господи, ќе влезе во Царсвото Небесно, туку оној што ќе ги исполне Моите заповеди“ (сп. Мат. 7, 22). А пак Свети апостол Јаков вели: „Верата без дела е мртва“ (Јак. 2, 20). Покажи ми ја верата од делото.

Некои против послушанието говорат: – Не треба на родителите да им се угодува, а исто така и на претпоставените, господарите и властите, сметајќи ги сите како робовладетели. Тие се застапуваат за „слобода и еднаквост.“ Но Светото Писмо вели, почитувај го таткаси и мајкаси… бидете послушни на родителите, како и на господарите по тело… (Ефес. 6, 1-5).

Идниот живот е неизвесен, велат некои лажни учители, затоа треба да се насладуваме на сегашниот и земниот. Светото Писмо пак вели: „Најнапред барајте го Царството Небесно и неговата правда“ (Мат. 6, 33).

Премудриот вели: „Лажливата уста е гнасна пред Бога“ (Изрек. 6, 16-19). Напразно се молат устите што говорат лага.

Надав и Авиут, Ароновите синови, заради лага биле казнети со смрт, поради палење на туѓ оган. Исто така и Кореј, Датан и Авирон, со смрт биле казнети, поради тоа што принесувале жртви, иако не биле свештеници.

Човекот во себе има вроден стремеж кон вистината и правдата. Тој и без да е правник или философ, веднаш ги проценува зборовите и делата на другите, дали се вистинити или лажни. Човекот од вечноста ја бара вистината, на затоа Пилат му вели на Христа: „Што е вистина?“ (Јован, 18, 38).

Христос му одговара:  – Јас сум Вистината! Јас затоа и се родив, затоа и дојдов да сведочам за вистината. Секој, кој и служи на Вистината, тој го слуша Мојот глас.

Од устата на Спасителот не излезе лага.

Христос е извор, Кој непрестајно тече и ја пои секоја душа жедна за вистина.

Таа е Вечната Вистина, што ја навестуваа пророците и умираа за неа. Таа горела во нивните срца. Таа го терала Исаија да вика: „Горко вам!“ (Иса. 5 глава).

Таа го насрчувала Свети Јован Претеча и Крстител да ги изобличува фарисеите и садукеите, со зборовите: „породи аспидини, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас!“ (Мат. 3, 7). Истиот му вели на Ирода „не ти е дозволено да ја водиш жената на твојот брат“ (Марко. 6, 18).

Токму таа вистина, ја креваме и Ние денес пред вас, наспроти лагата и лицемерието, што го обзеле целиот свет!

Знаеме дека вистината секогаш е гонета, намразена, но најпосле ценета и триумфална.

Трновит и стрмен е патот на вистината и правдата. Денес, навистина и се служи на правдата, која е поткуплива и молчелива; која мора да молчи, денес имаме правда која заедно јаде со неправдата и молчи. Чистата вистина бара жртви, кој ќе ги даде?

Жалосно е што денес, постануваме виртуелна нација, нација со лажно име, со лажна чест, со лажно достоинство. Живееме во едно лажно виртуелно општество, во страшна состојба, во која се наоѓаме неверувајќи никој на никого, почнувајќи од семејството, па сè до работните организации, фирмите, општеството и.т.н. До каде стигнавме? Такво лажно општество, без национална свест, без здраво семејство, без вистински бракови и од Бога определен пол и секаков вид пороци, ни нудат Западната и Европската идеологија, а ние спротивно на Православното учење, како зависници од алкохол и дрога, безрезервно ги консумираме. Боже спаси нè од  себе и помилувај нè. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски Г. Петар

]]>