Црквата, според својата структура, е богочовечки организам, кој е складен само тогаш кога сите негови служби и дарови се во меѓусебна согласност. Затоа и апостолот Павле вели: „И не може окото да и рече на раката: Не си ми потребна, ниту, пак, главата на нозете: Не сте ми потребни… за да нема расправии во телото, а органите подеднакво да се грижат едни за други (1Кор. 12, 21-25). Единството на Црквата е евхаристиско, но и ерархиско. Затоа и светите отци кажуваат дека Црквата е единствена тогаш кога сите заедно, и епископите и свештениците и ѓаконите, заедно со верниот народ, се собрани заедно. И уште: следете го епископот како Христа, и не правете ништо без епископот, зашто тој е икона Христова, без кого или без чиј благослов, не може да се принесе вистински принос на Бога во Евхаристијата. Ете толку е голема улогата на епископите во Црквата. Ете сега ни станува јасно зошто Црквата толку многу внимавала и ги избирала за епископи само оние, кои од Бога биле предизбрани за оваа возвишена, но и тешка и одговорна служба.
Затоа и денеска, се собра целата Македонска православна црква, да го прослави тешкиот архиерејски крст на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој достојно и несебично го носи веќе 35 години на своите плеќи. Прославата на овој голем Јубилеј 65 години од раѓањето и 35 години архиерејско служење на Митрополитот Тимотеј во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, започна ден претходно со свечена воскресна Вечерна богослужба, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Кирил Јованоски, Ромео Петрески, Сашо Ристески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски.
Торжествата по повод овој голем Јубилеј продолжија на 06.11.2016 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, каде беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитите Петар, Наум, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф, епископот Климент, архимандритите Нектариј и Партениј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Димче Ѓорѓиески, Стевчо Тошевски, Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Васко Голабоски, Љупчо Симиџиески, Димче Азески, Владо Недески и Александар Матески, протоѓаконите Ратомир Грозданоски, Саше Ристов и Николче Ѓурѓиноски, ѓаконите Дејан Борисов, Сашо Целески, Васил Ристовски и Христијан Костоски и ероѓаконот Анатолиј. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Струмички г. Наум се обрати кон мноштвото верни и кон Митрополитот Тимотеј со свечено слово.
Повеќе: http://dke.org.mk