Промовирана книгата „Несвети, а свети“ од епископот Тихон Шевкунов (ВИДЕО)

На 4 октомври 2016 год., во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во свечена и срдечна духовна атмосфера се одржа промоцијата на македонското издание на книгата „’Несвети, а свети’ и други раскази“ во издание на Кумановско-осоговската епархија на МПЦ-ОА.

На промоцијата, покрај авторот, Преосветениот Јегоревски Епископ г. Тихон, присуствуваа и Архиепископот Охридски и Македонски, Неговото Блаженство г.г. Стефан, Високопреосветените Митрополити Преспанско-пелагониски г. Петар, Повардарски г. Агатангел, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф, Преосветениот Епископ Хераклејски г. Климент, Претседателот на Р.М. проф. д-р Ѓорге Иванов, Амбасадорот на Руската Федерација Н.Е. г. Олег Шчербак, Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, поранешниот Ректор проф. д-р Велимир Стојковски, Деканот на ПБФ „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓески, директорот на НУБ „Св.Климент Охридски“, г. Иван Заров, свештеници, монаси, академици, професори, студенти, ученици и верници од повеќе градови од земјата.

Книгата, со благослов на Митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф, на македонски јазик ја преведе м-р Златко Дивјаковски. Досега, покрај на македонски, е преведена и на голем број светски јазици: англиски, грчки, кинески, фински, француски, романски, шпански, италијански, бугарски, српски и полски јазик. Изданието на руски јазик е продадено во над 2 милиони печатени и над 4 милиони електронски примероци, и е добитник на наградата Книга на годината за 2012.

„Несвети, а свети“ е роман мозаик за човечките судбини во тој, како што вели авторот, епископот Јегоревски г. Тихон (Шевкунов), викар на патријархот Московски и на цела Русија, „прекрасен свет, каде се живее според сосема различни закони отколку во обичниот живот, свет, бесконечно светол, полн со љубов и радосни откритија, надеж и среќа, искушенија, победите и поразите, смислата на нивното значење, и најважното – за моќната демонстрација на сила и Божјата помош, јас сакам да раскажам во оваа книга“.

Ова го истакна проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, промотор на книгата. „На безмалку 600 страници во 60-тина раскази, посочи Ѓорѓевски, раскажани се прекрасни човечки приказни, еден вид дневнички записи од средбите на авторот со секојдневни, но исклучителни личности.“

Говорот на епископот Тихон Шевкунов

Извор: koe.mk,
preminportal.com.mk