Но штом Бог не казнува, треба ли да се плашиме од Него? Треба. Но! Ајде да разјасниме што значи „да се плашиме од Бога“. Се случува, да се плашиме од Бога, како што се плашиме од ѕвер, кој може и да нè проголта. И затоа се појавуваат такви чувства, јас би кажал, очајувачки. Еве кај А. Веделја во неговиот текстот „Вратите на покајанието отвори ми ги“ има зборови: „бедните треперат“. А кои се бедните? Да, јас сум беден, и јас треперам. Јас сум должен да се смирам во тој трепет. А кај Веделја се слушаат извици за одмазда: „Бедните треперат!!!“. Сите, Божјиот Престол се двоуми, земјотрес, слоеви паѓаат. Целосно неразбирање на суштината. Бог – не е лут ѕвер, од кој треба да се плашиме. Стравот Божји – е љубов, која тагува. Мене ми е срамно, и страшно… Зарем е можно да ја навредиш старата, подгрбавена од годините, мајка, која ти се оддала целосно, со сите свои сили, со сиот свој живот… Ти можеш да ја навредиш нејзе? Не дај Бог да го направиш тоа! Потоа целиот твој живот ќе биде во неверојатно страдање. Јас се плашам нејзе да ја навредам. А зошто се плашам? Дека таа мене нешто ќе ми направи, некако ќе ме казни? Ете за каков страв станува збор, кога се вели, дека треба да се плашиме од Бога. Постои едно убаво изразување: „Љубовен страв“.
Стравот од Бога – е љубовен страв. Не страв од казна! Бог никого не казнува – ние сами себеси се казнуваме. Бог нам сè ни дал, не предупредил, за да не би оделе по клинци.
Човекот постепено доаѓа до разбирање на тоа. А тоа е многу важно да се знае дека: стравот Божји – е љубовен страв.
Помисли на Бога!
Уште еден важен момент, на кој е потребно да застанеме: Бог е во нас, во душата. Но, тоа не треба да се разбира така, како што го разбираат обично оние, кои не сакаат да одат во црква: мене црквата не ми е потребна, мене Бог ми е во душата.
Бог навистина е во нас во душата. На Тертулијан му ги препишуваат зборовите (веројатно правилно што му ги препишуваат): „Душата по својата природа е христијанска“. Душата по својата природа не е од овој свет, и затоа таа го чувствува Бога. Но тоа чувство може да биде многу различно. И тоа чувство го задушуваат гревовите. Тие ја затвораат душата човечка, ги затнуваат ушите на душата, и човекот станува сè повеќе и повеќе неспособен да го слушни Бога. Но ,образот Божји присуствува во секој и се пробива во таа бесчувствителна душа, како што понекогаш тревата се пробива преку асфалтот.
Кои гревови особено ни пречат да го видиме и слушнеме Бога? Христос говорел: „Не оптеретувајте се себеси“ (Лука 21, 34). Со што? Прејадување. Пијанство, што е уште полошо oд прејадувањето. И понатаму: „секојдневна суета“. Тоа е најлошо – секојдневна суета. Кога не ни останува ни минута, за да помислиме за Бога. А да се размислува, е многу потребно: да се размисли за смислата на својот живот – за тоа, како ти живееш. Да се размисли за смртта. И ништо да не ја изгонува мислата за смртта, однесувајќи се, како ној, кој пред лицето на опасноста ја крие главата во песок. Ти си должен за тоа да размислуваш! И должен си да го решиш за себеси големото и важно прашање: постои ли Он или не? Ако постои, тогаш Кој е Он? Тоа е од суштинско значење. Постојат многу религии, ти дознај, која од нив е вистинска. Ако Бог не постои, тогаш сè е бесмислено. А ако Бог постои, постои и смисла.
Но страстите го ослепуваат човекот. Луѓето дошле до тоа, да мислат, дека светот сам од себе произлегол. Во сето негово велелепие, разновидност, зачудувачка сложност и убавина – и сам од себе. Како може да се дојде до такво, јас би рекол, простете, безумие?! Земете жива клетка: тоа е нешто потресувачко. Тоа е толку сложно. Колку таму закони се соединиле! И се вели, дека тоа произлегло само од себе! А каде сте вие, луѓето од науката, сте пронашле закон, според кој од неживата материја може да произлезе живот? Не постои таков закон. Тогаш од каде вие него го зедовте?
Патем, страстите и револуцијата се движат. Во самиот свој корен револуцијата е изградена не на цврст камен, туку на песок (сп. Мат. 7, 24-27). Затоа, сè што од нејзе е изградено се руши и паѓа.
Преподобниот Максим Исповедник вели: „Бог го познаваме не според Неговата суштина, но според Неговата велелепна творба и Неговата промисла за неа“. Самата структура на светот, неговата убавина и соодветност ни говорат нам за Бога. Затоа многу научници – физичари, математичари – доаѓаат кон мислата за Бога.
Но, уште еднаш да повторам, страстите го прават човекот груб. Толку го прават груб, што и самата мисла за Бога нему му е одвратна. И нема ништо изненадувачко во тоа, дека тој доаѓа до очајание. Погледнете, колку луѓе сега го завршуваат својот живот со самоубиство. И со секоја година сè повеќе и повеќе – и во Европа, и во Америка, па и кај нас во Русија. Зошто? Затоа што душата чувствува беспомошност, безнадежност, апсурдност во животот. Мисли за Бога кај човекот нема, и неговата душа се задушува.
А може да дојде и до таква состојба, кога душата веќе мртва, не го чувствува духовниот свет. Спомнете што се зборува во Евангелието: кога Христос му рекол на еден од учениците: „Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци“ (Мат. 8, 21-22). А зошто духовно умираат, што ги доведува до таа смртност? Општите причини се разбирливи, а ако бараме конкретни причини, тогаш во секој човек тие се свои. Како што секој човек има свој пат кон Бога, така секој има свој пат и кон смртта. За тоа, потребно е поединечно, да се разговара со секој човек.
Алексеј Илич Осипов
Превод: м-р Игор Ризановски
Поврзано: Патот кон Богопознанието – Алексеј Илич Осипов (I дел)