Често можеме да слушнеме: „Зарем не треба верата во Бога да биде осознаена и по слободен избор? Тогаш зошто Православната Црква ги крштева младенците, кои не разбираат што се случува со нив во тоа Таинство? А и зошто да ги крштева младенците, кога се безгрешни?“ Одговара протоереј Олег Стенјаев.
Во Светото Писмо се зборува за тоа, дека во Царството Божјо „нема да влезе… ништо нечисто“ (Откр. 21, 27).
Очевидна е илузијата, дека младенците – се апсолутно безгрешни суштества. Сетете се, како во „Исповедите“, блажени Августин се кае уште за времето кога бил младенец. Тој пишува: „Зашто кој е чист од грев пред Тебе? Никој, дури ни младенецот, кој можеби проживеал само еден ден. Кој ќе ми раскаже за тоа? Зарем некој друг младенец, во кого ќе ги видам гревовите свои? И така, во што згрешив тогаш, или со што? Зарем не со тоа, што плачејќи, алчно ја отворав устата своја, ловејќи ги дојките на макјата моја? Зашто, доколку би ја отворил устата на истиот начин сега, не барајќи мајчино млеко, секако, туку за примање на соодветната храна за мојата возраст, би бил подложен на потсмев и справедлива осуда… И добро ли било, дури и со разбирање на младенчеството, со плач да се бара она што не треба, да се лути и да се негодува, да не се слушаат постарите, па дури ни родителите, да се тргаме и тепаме според силите и на секој начин да наштетуваме поради тоа, што тие не ги исполнувале нашите детски капризи и измислици? Не можеме да ги обвиниме младенците за слабоста и немоќноста на нивните тела, но душевните недостатоци заслужуваат прекор. Еднаш, на пример, видов завидлив младенец: тој уште не можеше ни да зборува, но веќе злобно и завидливо гледаше на неговиот брат што цица“. (Исповеди, I, 7, 11).
Во Светото Писмо се вели, дека секој човек, роден на земјата го наследува Адамовиот грев (1 Кор. 15, 22). Псалмопевецот Давид воскликнува: „Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мајката моја“ (пс. 50, 7). И ние знаеме од Светото Писмо: секогаш, кога Бог го казнувал светот, Тој ги казнувал не само возрасните, но и децата, па дури и младенците (Броеви 16: 27, 32).
Затоа, тврдењето дека не треба да се крштеваат младенците, затоа што тие како по дефиниција се свети, не е сосема правилно – тоа не е соодветно на библиското откровение.
Кога зборуваме за крштевањето на младенците, за тоа, дека можеме да ги примиме во црковната општина малечките деца, не смееме да забораваме, дека во старозаветните времиња, кога постоело дејството на Законот и помалку дејствувала благодатта (Јн. 1, 17), младенците исто така ги примале во старозаветната Црква. Во Законот Божји е кажано: „На осмиот ден од раѓањето, да биде обрежан од вашиот род, секој [младенец] од машки пол…“ (Бит. 17, 12).
А обрезанието, како што знаеме – е праобраз на христијанското Крштение. Ако во старозаветните времиња на Законот, кога дејството на Благодатта било многу ограничено, младенецот можел да влезе во општеството на верните преку обрезание и да учествува во старозаветната пасха, како што е речено: „никој необрезан не смее да ја јаде“ (Исх. 12, 48), и зарем некој мисли, дека со доаѓањето на Исус Христос на земјата, состојбата на децата се влошила? Секако, не! „Зашто законот е даден преку Мојсеја; благодатта пак и вистината дојдоа преку Исуса Христа“ (Јн. 1, 17).
И Самиот Христос рекол: „…оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене…“ (Мк. 10, 14).
Некој може да праша: „А од каде се гледа, дека обрезанието е праобраз на Светото Крштение?“ За тоа можеме да прочитаме кај светиот апостол Павле во неговото послание до Колосјаните: „Во Него (то ест, во Христос) сте и обрезани преку неракотворно обрезание, откако го соблековте гревовното тело на плотта преку обрезанието Христово, откако се погребавте со Него во крштевањето“. (Кол. 2, 11-12). Така, можеме да востановиме дека обрезанието било праобраз на христијанското Крштение. А бидејќи можело да се обрезуваат осумдневни младенци, затоа и ние ги крштеваме децата во бебешка возраст.
Но, во Светото Писмо постои и поконкретен текст, каде што директно се зборува за тоа, дека може и треба да се крштеваат децата. Во книгата Дела Апостолски го наоѓаме следниот расказ: „Слушајќи го тоа, тие (то ест, жителите на Ерусалим), во срцата им стана мило, и му рекоа на Петра и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“ Петар пак им рече: „Покајте се“…“ (Дела. 2, 37-38). Кога петар ги повикува на покајание, тој не вели: „Покајте се сите“ – зашто можат да се покаат само возрасните луѓе, кои можат да ги осознаат своите гревови. А понатаму, апостолот зборува за Крштението – и вели малку поинаку: „и да се крсти секој од вас (то ест, веќе сите) во името на Исуса Христа за простување на гревовите, и ќе го добиете дарот на Светиот Дух“ (Дела. 2, 38). Апостол Петар појаснува, зошто секој треба да се крсти: за простување на гревовите. А како што појаснивме, човекот во беззаконие е зачнат и во грев се раѓа (Пс. 50, 7).
И за младенците нема друга можност да го преживеат очистувањето во Крвта на Исуса Христа, освен во Крштението. А понатаму, апостол Петар вели уште поконкретно: „Зашто вам ви припаѓа ветувањето (ветувањето за простување на гревовите преку Крштението и за дарот на Светиот Дух) и на децата ваши…“ (Дела. 2, 39). Како што гледаме, причесници на Благодатта на Крштението и Миропомазанието можат да бидат не само возрасните, но и децата. Секако, противниците на крштевањето на децата често поставуваат разумно прашање: „Во Писмото е речено: „Кој поверува и се крсти ќе биде спасен“ (Мк. 16, 16). И исто така е кажано: „…крштението, не е отстранување на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога – добра совест…“ (1 Пет. 3, 21). И се појавува разумното прашање: а кој верува за младенецот и кој за младенецот дава ветување на Бога, за добра совест?“ Одговарајќи на тоа прашање, ние велиме: кумовите ја исповедаат верата за младенецот и даваат ветување за добра совест.
И тука се појавува прашањето: а зарем Благодатта се дава на еден човек, по верата на другиот? Секако (!), и во Библијата има многу примери за тоа. На пример, се раскажува, како кај Господ Исус Христос дошол стотникот, кој имал слуга (кој во грчкиот текст се нарекува „младенец“, то ест, дете), кој силно страдал, и Исус Христос, гледајќи ја верата на стотникот, му рекол: „Оди, слугата твој е здрав“. (Види: Мт. 8, 5-13). Друг случај: еднаш Исус се наоѓал во некој дом, а некои луѓе го принеле својот раслабен пријател на постела; тие не можеле да влезат во домот, затоа го отвориле покривот и го спуштиле на постелата тој човек пред нозете на Исуса. И гледајќи ја нивната вера, Господ Исус му рекол на раслабениот, не само физички, но и духовно: „Стани, земи ја постелата своја и оди си во домот твој“ (Мк. 2, 3-12). Така што, може по верата на едни луѓе, други да добијат божествено исцелување, и приопштување кон Благодатта.
Уште повеќе, што во Светото Писмо е речено: „Поучи го момчето го почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари“ (Изрек. 22, 6). Кумовите земаат обврска да ги воспитуваат своите кумашини во светата вера. И следејќи ги зборовите на Христа „Не бранете им на децата да доаѓаат при Мене“ ние ги примаме во Црковната општина младенците, кои ги принесуваат нивните родители и кумовите, и по верата на родителите и кумовите ги извршуваме Светата Тајна Крштение и Тајната Миропомазание. И ги причестуваме крстените младенци, затоа што и во старозаветната традиција крстениот, тогаш обрезаниот, можел да прима учество во старозаветната пасхална трпеза (Исх. 12, 48). Зашто „Христос, Пасхата наша, е заклан за нас“ (1 Кор. 5, 7).
Извор: http://www.pravoslavie.ru