Од Писмата на отец Серафим Роуз / Писмо 12-то

Свети Три Светители: 30 јануари / 12 февруари, 1964 г.

Драг во Христа, брате Глеб!

Денес ги добив првите англиски книги за нашиот фонд, три примероци од „Паломник“, купени на кредит во англиската продавница за книги. Сепак, и покрај тоа, чувствувам дека едвај ми се слободни рацете од недостатокот на пари. Денес дознав, дека треба да дадеме капар од 200 долари, за да ја гарантираме исплатата на налозите при продажбата. Парите ни се враќаат кога ќе излеземе од бизнисот, но во овој момент тоа е дополнително бреме. И тоа ги прави нашите првобитни расходи да бидат до 800 долари. Од нив, имаме платена кирија за првиот месец (85 долари), 35 долари во кеш, 50 долари од Жења Заварин – вкупно 170 долари. Потоа, 85 долари за кирија за уште еден месец, кои што ти ги најде – ако успеат да ги платат до 15 март, и 25 долари од Јуриј – ако и тој успее да ни ги даде за две недели, или во близина на тој период. Вкупно излегуваат 280 долари. На крај, нешто ќе ни даде Алеша Заварин (се надевам 50 долари), ако најде за брзо работа, и ќе можеме да добиеме уште 50 долари од продажба на книгите од Џорданвил, ако наскоро дојдат истите. Затоа, дури и најоптимистичниот буџет ќе ни даде само половина од тоа, што ни е потребно. (То ест, ако отец Николај сеуште ги купува своите книги, и тогаш ќе ни недостасуваат 300 долари).

Што да правиме? Мислам, најпаметно би било да ја отфрлиме целата оваа работа и да го проколнеме светот, што има толку многу тешкотии во него. Би било многу тажно, ако сме принудени тоа да го направиме, особено откако најдовме просторија за продавницата и направивме договори со 20-30 издавачи. Начин да се намалат расходите, нема. 300 долари – е минималната сума за книги на англиски јазик, и 500 долари – се минималните општи расходи до 1 април. Би можел да смислам уште еден извор – моите родители. Ако можат да ми позајмат 400 долари, можеме да почниме. Не знам како ќе изреагираат на таа прозба. Би било сè во ред, доколку парите би ми требале лично мене, но не знам што ќе помислат за толку ризична деловна постапка. Но, ако навистина успееме да закажеме од Џорданвил толку книги, колку што ни се потребни, со одложување на плаќањето за нив, барем за шест месеци, ќе успееме да ги исплатиме сите наши долгови, под услов, нашиот бизнис да тргне, по крајна мера, со скромен успех.

Што се однесува на самиот бизнис, наједноставно, и веројатно најдобро би било, на почетокот тој да биде запишан само на мое име, а уште повеќе сега, кога излезе дека јас лично ќе одговарам за поголемиот дел вложени пари. Така, нема да има потреба од никакви документи или договори: сè ќе ми се потчинува мене, и јас ќе одговарам за сè. Тоа се однесува, секако, само на продавницата за книги, а не и на братството. Навистина, на почетокот, можеби би било подобро целото внимание да го сконцентрираме на продавницата. Во воведната брошура би можеле да објасниме, дека една од целите на нашата продавница – е да послужи како материјална база за братството на отец Герман. Можеби, подобро ќе можеме да си претставиме какво точно треба да биде братството, откако ќе видиме каков интерес ќе предизвика продавницата, а исто така, и колку средства ќе остварува. Кажи ми, што мислиш за тие идеи.

Што се однесува на идеите на г-дин Губин, се сомневам. Ако продавницата се соедини со киоскот, можеби ќе имаме формални потешкотии, поради кои сè може да згасне на крајот. (И се сомневам, дека Храров или некој друг, би сакал да плаќа 85 долари за киоскот).

Сеуште немам дознаено за полиците за книги. Џон ги виде преку прозор, и му се допаднаа. Тој исто така смета дека видел неколку маси, кои би можеле да ги искористиме. Некој, пред неколку дена ѕвонеше на овој број (двапати) и го бараше Евгениј Заварин. Можеби ти си им го дал мојот број, а погрешно име?

За другото можеме да разговараме, кога ќе дојдеш. Ти треба да дојдеш на крајот на оваа недела, зашто мораме веднаш да донесеме крајно решение, дали ќе ја продолжиме нашата работа или не. Потребно е веднаш да нарачаме книги. Потруди се да донесеш малку пари, ако можеш да земеш (на пример од Јуриј).

Моли се! Светиите Божји ќе ни го покажат патот, ако тоа што го правиме Му е угодно Нему!

Твој, во Христа, брат,

Евгениј.

 

p.s. Размисли за името на продавницата. Јас можев да смислам само: „Продавница за продажба на православни христијански книги и икони“.