Света Петка Римјанка – Архиерејска Литургија и Панихида за загинатите бранители во Прилеп

На 08.08.2016 г, кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Параскева – Петка, Римјанка, и правиме помен на загинатите борци и бранители на татковината во 2001-та година, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во храмот Света Петка, во населбата Точила, Прилеп.

„Илјадници верници денеска го посетија храмот, меѓу кои и градоначалникот на Прилеп и Председателот на Совет, молејќи се на светицата за здравје и благодет. Празнувањето на Света преподобна маченица Параскева – Римјанка, која кај православниот народ е позната како заштитничка од разни несрејќи, но и од болести ги собра верниците кои се радуваа на подигнувањето на овој божји храм, изграден во нејзина чест.
Со изградбата и осветувањето на храмот Св.Петка се задоволуваат духовните потреби не само на верниците од населбата Точила, туку и на граѓаните од Прилеп. Паралелено до фрескоживописот, а по изградбата и на камбанаријата, останува да се доуреди дворот и да се изгради трпезарија.
Инаку, иницијативата за изградба на Св.Петка започна 2005 година во чест на загинатите бранители на Карпалак, а на 8-ми август 2008 година беа поставени темелите на храмот.“ – известуваат од сајтот на Општина Прилеп.

После Литургијата, Владиката ги поздрави присутните со пригодна беседа:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

И не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку бојте се повеќе од Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!“(Мт.10,28)

Браќа и сестри ова е втора Света и Божествена литургија, [после осветувањето], којашто како архиереј ја служиме во овој свет храм, првата беше кога се освети црквата, втората на недела на св. Јован Лествичник и сега еве, гледаме дека ова не е само градба и т.е. храм како ракотворение туку како што вели ап. Петар: Зар не гледате дека сте живи камења вградени…. (1 Петар 2, 5). Како што се градеа тулите, камењата, циглите, така и Вие се вградувавте во живата Црква, во парохијата на овој свет храм кој е посветен на Св. Петка, преподобна и великомаченичка именувана како Римјанка, затоа што се родила и живеела во градот Рим. А потоа, истата многукратно била измачувана, откако ѝ ставиле вжештен шлем на главата, и со многу разни мачења ја малтретирале непријателите на христијаните, зашто била христијанка.  Времето во кое живеела е вториот век по Христа, а тоа е време на најголемите гонења на христијаните. За тоа време големиот богослов Тертулијан ќе рече: Време кога крвта на христијаните се пролеваше,  со потоци реки се прелеваше крвта нивна од незнабожците… а истиот тој свет отец меѓу другото ќе каже дека крвта на христијаните стана семе за нови христијани.

Браќа и сестри, христијанството не беше уништено во времето кога живееше св. Петка, туку напротив, се умножуваше од ден во ден, од година во година и од век во век. Ете, таа пострада откако предходно од христијански родители беше воспитана во верата и беше замонашена во еден манастир, но не престана да го проповеда Словото на Христа нашиот Спасител, и покрај сите малтретирања, прогонства и измачувања. Не го проповедаше само со зборови туку и  со дела и конечно сето тоа го посведочи со својот живот и со својата пролеана  крв за Христа нашиот Спасител.

Браќа и сестри, еве ни прекрасен пример не само за денес за оваа наша генерација, туку за генерациите пред, но и по нас, како треба да се живее достоен и христијански живот. Некој ќе рече, да – тоа било време кога се барало да се посведочи верата со животот, а денес живееме во слобода, но уште поодговорно е да се сведочи верата наша света православна во денешно време! Зошто? Затоа што во денешно време, како што некогаш, многубожците тоа го правеле, принудувајќи ги христијаните да се поклонуваат пред идолите кои биле создадени со човечки раце, ним жртви да им принесуваат и да им се клањаат, да принесуваат и човечки жртви, жртви на малечки деца, зашто ако некој цар бил болен требало да се убијат многу деца и во нивната крв да се бањаат болните цареви. Ете до каде одела глупоста на тие незнабожци од Римската империја, токму во времето  кога живеела св. Петка и го посведочила Христа Нашиот Бог и Спасител, пролеваќи ја својата крв, за одбрана на нашата вера.

И денес браќа и сестри, треба да има, а има секако, но за жал многу малку, луѓе кои би ги жртвувале своите животи за одбрана на нашата вера и татковина. Денес имаме 15 годишнина откако, прилепчаните пострадаа за одбрана на нашата татковина Македонија и православните меѓу нив кои исто така пострадаа и за нашата вера на Карпалак, и еве ги спомнуваме зашто на овој ден тие пострадаа. Тие се угледаа на св. Петка, која животот го жртвуваше за верата, а тие за татковината но и за верата. Некој ќе се запраша и ќе рече, – па добро од нас тоа не се бара? Но се бара браќа и сестри. Зошто? Затоа што денес не како тогаш незнабожците, туку христијани, православни, крстени, миропомазани од православни семејства, уште поголеми грешки и глупости прават. Ете поради тие дивеење од некои, наместо тие да бараат мир и благосостојба во нашата татковина Македонија, го предизвикаа она што се случи вчера и завчера, да загинат 22 до сега во невремето во Скопје и Скопско. Таму почна беснеењето и дивеењето, таму се и жртвите браќа и сестри. Жално е како што вели народната „Заради сувото изгоре и суровото“. Заради оние кои се креваат против оваа наша татковина и против нејзиниот мир и благосостојба, пострадаа и невини жртви. Така било, така е, и така ќе биде во сите војни, невиновниците страдат, и старци и старици, и млади и жени и мажи и деца страдаат, оние кои најмалку се виновни за таквата состојба.

Ете тоа се случува, а кога ние ќе направиме преглед на нашата свештена историја, почнуваќи од Адама и Ева па до денес, како што вели Светото писмо, ги читаме извештаите, ја гледаме историјата и како што вели ап. Петар дека треба да го распознаваме добрите од лошите духови, чесните од нечесните луѓе, а тоа го знаат и малите дечиња оти тие се невини, да го распознаат доброто од злото. А нам денес што ни се случува? Ни проповедаат и ни кажуваат како да живееме и како да се однесуваме,  најразвратните луѓе. Хомосексуалците, неморалните, лезбејките, тие се во првите редови што ни кажуваат како треба да живееме во некоја си демократија, бидеќи на сите сè им било дозволено, а ап. Павле вели„ Нема да го наследат царството Небесно ниту мажеложниците, ниту пијаниците, ниту разбојниците, ни арамиите, никој од нив нема да го наследат.“ Ама денес токму тие ни кажуваат како треба да живееме! Зошто?  Затоа што тие тргнале по сотоната, по ѓаволот и не зборуваат од себе, туку сатаната зборува преку нив. Ние не треба да ги мразиме, туку да се молиме за нив Господ да ги просветли нивните умови.  Да се одвратат од лошиот и тешкиот пат и да тргнат по правиот пат, по Христа нашиот Спасител.

Не сакам да споменувам имиња, но факт е дека за состојбите во кои се наоѓаме, за она што денес ни се случи, со овие последни жртви, секој од нас треба да се преиспита. Дали со својот живот ние сме придонеле, да се случат тие жртви невини? Дали ние сите, кои ја сочинуваме православната Црква во Македонија почнуваќи од мене владиката, свештенството и вас верниците, и ние не сме ли дале  некаков повод, да се случат вакви катастрофи, каква што беше и онаа на Карпалак пред 15 години? Ниедна војна не доаѓа затоа што луѓето биле чесни, достојни, искрени, набожни, затоа што тие луѓе ја посетувале Црквата, храмот Божји, затоа што се молеле, правеле добри дела, зашто прво од себе вршеле проверка на својот живот, а понатаму и на сите кои грешеле или грешат ги поправале, не само со зборови туку и со својот живот и со своите дела. Затоа браќа и сестри, она што ни се случи деновиве нам, треба да ни биде на поука и на совет. Повозрасните и постарите од мојата генерација, сигурно си споменуваат за поплавата што се случи во 1962 г., кога јас го завршив првиот клас во Богословијата, се случи во Скопје. И веднаш потоа следуваа дискусиите зошто тоа се случи? Одговорот беше, почнаа луѓето јавно неморал да вршат во Скопје. Беа соблазнети многу млади луѓе, на дел од скопјани што тоа го правеа. И се очекуваше тие да се поправат и не се поправија, затоа идната година 1963  на 26 јуни се случи тоа што се случи и загинаа од 1000 до 2000 луѓе. Претежно невини, ама зошто? Заради неморалот, разбојништвото, за клеветите, за расправиите, за сите нечесни дела што беа тогаш правени. И сега да не бараме друг виновник некаде настрана. Ние македонците, православните, кои така се декларираме православни, покажавме дека само сме декларирани, а во живот и дела не сме тоа браќа и сестри.

Затоа да извлечеме наравоучение! Почнувајќи од мене, ваш владика на оваа епархија, да се преслушуваме и да се самоконтролираме, дали со нашиот живот, дали со нашите постапки, дали со нашето однесување сме вистински христијани или само се декларираме како такви, зашто во нашиот живот, нашите дела и постапки ништо христијанско нема. Ако извлечеме наравоучение од тоа, ние ќе се избавиме од сите напасти и беди што евентуално можат да следат. Зашто тоа не е случајно како што некои велат, дека тоа бил некој природен феномен. И природата кој Бог ја создал се свртува против нас, заради нашите грешни постапки, заради нашите грешни дела, и заради сè грешно што правиме. Ако дивееме како што се дивееше, можеби од 1 септемви пак ќе почне да се дивее во Скопје, верувајте нема некои подобри времиња да дојдат.  Како што некогаш се случи 1962 со 1963, поплавата со земјотресот. Да извлечеме наравоучение и да се помолиме Христос, Нашиот Бог и Спасител, преку молитвата и застапништвото на Мајката Божја Пресвета Богородица и св. Петка Римјанка, да ги следиме и Христа Нашиот Спасител и Мајката Божја и Св. Петка и Св. Апостоли и сите Свети, во нивниот живот и дела, и да бидеме христијани, не само по име туку да бидеме по живот и по дела. Честит нека е празникот и нека е честито името на оние кои го носат името на Св. Петка. Амин!

P1320606 P1320616 P1320626 P1320665

ПРЕМИНИ КОН ГАЛЕРИЈА