Секојдневието и молитвата – Митрополит Антониј Сурожски

Молитвата се раѓа од два извори: или од нашето восхитено изумување пред Бога и делата Божји – нашите ближни и светот кој нè опкружува, без оглед на неговата сенка, или чувството на трагичност – нашата и особено туѓата. Берѓаев рекол: „Кога сум гладен, тоа е физичка појава; кога е гладен мојот сосед, тоа е морална појава“. И така, трагичноста која се појавува пред нас во секој миг: мојот сосед секогаш е гладен, и не секогаш по леб, туку глад по човечки гест, по љубезен поглед. Тука и започнува молитвата – во таа отвореност за одговор на чудесното и трагичното. Додека постои таа одговорност, сè е лесно: во восхитот, лесно ни е да се молиме и лесно е да се молиме, кога нè пронижува чувството на трагизмот.

А, во останатото време? И во останатото време молитвата и животот треба да бидат едно. Немам време да зборувам за тоа многу, но би сакал да го кажам само ова: станете наутро, поставете се пред Бога и речете: „Господи, благослови ме и благослови го овој нов ден“, а потоа однесувајте се кон сиот тој ден како кон дар Божји и гледајте на себе како пратеник Божји во тоа непознато, што го претставува новиот ден. Тоа значи нешто многу тешко, имено: што и да ни се случи во тој ден – ништо не е туѓо на Божјата волја, сите, без исклучок – се околности, во кои Господ посакал да ве постави, за вие да бидете Негово присуство, Негова љубов, Негово сострадание, Негов творечки разум, Негова храброст. И освен тоа, секогаш, кога се наоѓате во една или друга ситуација, вие – сте оној, кого Бог го поставил таму, за да ја носи службата на христијанинот, да биде честица од Телото Христово и дејство Божјо. Ако постапувате така, лесно ќе видите, дека во секој миг, ќе треба да се обраќате кон Бога и да говорите: „Господи, просвети го мојот ум, укрепи ја и исправи ја мојата волја, дај ми пламено срце, помогни ми!“ Во други моменти, можете да речете: „Господи, благодарам!“ И ако сте разумни и умеете да благодарите, ќе ја избегнете глупоста која се вика суета или гордост, и се состои во тоа, што си замислуваме, како да сме направиле нешто, што сме можеле и да не го направиме. Бог го направил тоа. Бог ни ја подарил прекрасната можност да го направиме тоа. И кога навечер, повторно ќе застанете пред Бога и набрзина ќе размислите за сиот изминат ден, можете да Му оддадете пофалба на Бога, да Го славите, да Му благодарите, да плачете за другите и да плачете за себе. Ако почнете на тој начин да го соединувате животот со вашата молитва, тие никогаш нема да бидат разделени и животот ќе стане топол, од кој во секој миг ќе се излева оган, кој ќе се разгорува сè повеќе и повеќе, и постепено ќе ве преобрази и самите вас во несогорливата капина, за која говори Писмото (Исх. 3, 2).

 

Митрополит Антониј Сурожски