„Како ризница скапоцена и извор кој на земните им точи реки што ги очистуваат болестите, нам ни се даде твоето свештено тело, кое дава исцеление за различни болести, и божествена благодат на оние, кои доаѓаат кај него, за да извикаме: Радувај се, цару Владимире!“ (кондак на свети Јован Владимир).
Свети Јован Владимир е еден од најзначајните словенски светии, чиј живот бил украсен со кротост и смиреност, иако самиот тој бил владетел, односно кнез на Дукља. Црковната историја го забележува како исповедник на православната вера, просветител, но и маченик. Житието зборува дека подигал цркви и манастири, праќал учители за Христовата наука меѓу својот народ, а и самиот тој живеел богоугодно и во молитва, секогаш подготвен да го жртвува својот живот, за да го спаси својот народ од маки и страдања. Токму затоа и неговиот култ бил длабоко распространет насекаде меѓу словенските народи, а особено на просторите на древната Охридска архиепископија.
Оваа година се навршија 1000 години од упокојувањето на светиот Јован Владимир, а по повод овој голем Јубилеј, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на 04 јуни, денот кога го прославуваме неговиот спомен, организираше пригодни свечености, со кои величествено се прослави овој голем светија.
Торжествата продолжија утредента, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Петар, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф и епископот Климент, архимандритите Нектариј, Партениј и Дамаскин, протоереј-ставрофорите Благоја Ацевски, Славе Јованов, Никола Грамбозов, Боге Богоевски и Сашо Богданоски, игуменот Григориј, протоереите Горан Мандароски и Никола Христоски, свештениците Владо Недески и Марјанчо Мадески, протоѓаконите Антонио Дујовски, Саше Ристов, Николче Ѓурѓиноски и Влатко Стојменов и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа.
Овој знаменит Јубилеј беше збогатен и со промоцијата на новата книга, посветена на светиот Јован Владимир, во која се опфатени хагиографските, хагиографските и иконографските извори за светиот Владимир. Книгата ја издаде Светиот архиересјки синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, главен и одговорен уредник е Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а автори на делото се д-р Сашо Цветковски, г-дин Виктор Недески и г-дин Александар Димоски. Во книгата е поместена и богослужбата на свети Јован Владимир на современ македонски јазик, која од црковнословенски јазик ја преведе архимандритот Нектариј (Најдоски), а објавен е и првиот акатист на светијата, кој на современ македонски јазик го напиша теологот Александар Димоски. Како рецензенти на книгата се јавуваат Митрополитот Тимотеј, како и академикот Цветан Грозданов, кој заедно со свештеникот Владо Недески, беа и промотори на ова капитално дело.
Извор: dke.org.mk