Зошто православните ги почитуваат иконите? – протоереј Олег Стенјаев

Често, нас православните христијани нè обвинуваат за тоа, дека сме идолопоклоници затоа што се поклонуваме на дрвото – така ги нарекуваат иконите. Зошто во Православието се утврдило иконопочитувањето? Што претставува за нас иконата? И зарем Библијата не забранува да се поклонуваме на слики? На тоа прашање одговара протоереј Олег Стенјаев.

Оние кои ги одрекуваат светите икони, обично се повикуваат на Светото Писмо – книгата Исход, каде што е речено: „Не прави идол или слика на она што е горе на небото, долу на земјата, и што е во водата под земјата; не им се поклонувај и не им служи, зашто Јас сум Господ Бог Твој, Бог Ревнител, Кој ги казнува децата за вината на родителите, до третото и четвртото колено, оние што Ме мразат“ (Исх. 20, 4-5). Според тие луѓе, тука стои директна забрана да се прави слика и на она што е на небото, и на она што е на земјата. Сепак, во Светото Писмо наоѓаме опис на Ерусалимскиот Храм, кој бил изграден по директна Божја наредба – 3 книга царства, глава 6, стих 29 читаме: „И на сите ѕидови на храмот наоколу, направи изрезбани образи на херувими…“ А каде почиваат херувимите? – На небото. Понатаму: „… и палмови дрвја, и расцутени цветови внатре и надвор…“ А дрвата, цвеќињата каде растат? – На земјата. Како што гледаме, во Ерусалимскиот Храм, изграден според волјата Божја, имало образи на она што е горе на небото, и долу на земјата. И кога се осветувал Храмот, благодатта Божја толку го исполнила тоа свето место, што некое време луѓето не можеле ни да влегуваат во него.

OlegStin-86468485
Протоереј Олег Стенјаев

Тогаш, во што е смислата на забраната: „Не прави идол и слика“? Заповедта за идолите не треба да ја читаме од 4-от, туку од 3-от стих на 20-та глава од книгата Исход, каде што е речено: „Да немаш други богови пред Моето лице“, – и понатаму ја дава забраната за изобразување на други богови. А на кои божества, кои се на небото горе, им се поклонувале древните јазичници? – На Сонцето, ѕвездите, Месечината. Јазичниците ги обожувале. А кому од „оние, кои се на земјата“? Им се поклонувале на влекачите и на разни животни. И Библијата дава забрана да се поклонуваат на сите тие суштества, и природно, истите да ги изобразуваат.

Треба да ја разбереме и огромната разлика меѓу свештена слика и она, што ние го нарекуваме идол. Апостол Павле, во една од своите посланици пишува: „Идолот во светот – е ништо“ (1 Кор. 8, 4). Што значи: идолот – е ништо? Постои статуа на Зевс. Но, зарем во духовниот свет некој Зевс постои? Секако, не. Постои статуа на Артемида Ефеска. А зарем во духовниот свет постои Артемида Ефеска? Секако, не. Идолот – е ништо, затоа што никаква духовна реалност не стои зад него, освен бесовите. Речено е, дека во идолите престојуваат бесови (1 Кор. 10, 20). А светите образи на херувимите во Храмот укажувале на реалното постоење на Божјите ангели, херувими, како и што изобразувањето на Христос во црквата укажува на реалниот Христос, во Кого ние веруваме. Затоа, меѓу светите образи и фантазијата на идолопоклониците – има цела бездна. Едно е образ, кој укажува на Првообразот, друго идолите – во светот ништо, затоа што никаква реалност не се крие зад нив.

Зошто е важно да имаме икони? Иконата го отсекува нашето субјективно сетилно поимање на една или друга божествена реалност. Еднаш, разговарав со една многу голема верничка, по вероисповед евангелска христијанка и ѝ го поставив прашањето: „Вие немате икони, и како се молите?“ Тогаш жената, многу искрена, ми одговори: „Христос ми е во срцето, Нему му се молам“. Тогаш ја прашав: „А кажете ми, како изгледа Христос?“ Таа малку се збуни, но ја замолив сепак да ми одговори на прашањето и слушнав: „Па не е многу висок, со црвена коса“. – „А ви личи на некого?“ – „Да, во младоста познавав еден сметководител, многу ми личи на Него…“ Субјективното човечко поимање на духовната реалност е искажено, затоа што како резултат на гревопадот најмногу пострадал сетилниот апарат на човекот (Мт. 15, 19). И да им веруваме на своите фантазии, халуцинации – е многу опасно. А иконата – е образ, кој му се јавил на свет човек, кој или сам ја нацртал, или го раководел иконописецот, кој ја цртал, а сите понатамошни иконописци правеле копија. Иконата – е бестрасно гледање на духовната реалност, и тоа многу ни помага, особено за време на молитвата.

210px-Evangelist_Luka_pishustchiy_ikonu
Евангелистот Лука ја слика првата икона на Пресвета Богородица

Уште еден важен аспект. Обично, кога разговараме со луѓе од други религии и се поставува прашањето на иконите, го обрнувам нивното внимание на тоа, дека и тие имаат образи. На пример, во списанијата на Јеховините Сведоци „Стражарска кула“, и во другите изданија, исто така има образи на Христа, апостолите, пророците… Кога укажувам на таа околност, ми велат: „Но, ние не се поклонуваме на тие слики“. Зборувајќи за почитувањето на иконите, станува збор за две позиции: првата позиција – може ли да се поседуваат образи, а втората – може ли истите да се почитуваат. Ние православните, во однос на иконите никогаш не го користиме терминот „поклонување“, туку „почитувањет“, или како што во нашата традиција се нарекува „почитувачко поклонување“. И што се однесува на првата позиција, очигледно е – образи има кај сите. Евангелските христијани распространуваат детски Библии, во кои има многу слики, кај други гледаме илустрации во списанијата, брошурите, други изданија.

Одговарајќи на прашањето, може ли да се почитуваат тие слики, ја отвораме книгата Исход, 3 глава, 1-5 стих, 5-от стих е клучен, на кој треба да обрнеме посебно внимание: „Мојсеј го пасеше стадото на Јатора, тестот свој, свештеникот Мадијамски. Терајќи го стадото така преку пустиња, дојде до планината Божја Хорив. И му се јави Ангел Господов во огнен пламен во капина. И виде тој, а тоа капината гори со оган, а не изгорува. И Мојсеј рече: “Да појдам да го видам ова чудо, зашто капината не изгорува.” А кога виде Господ дека тој доаѓа да види, извика Господ од капината и рече: “Мојсеј, Мојсеј!” А тој одговори: “Еве ме, Господи!” И Он рече: “Не приоѓај ваму. Собуј ги обувките твои од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја.” Веднаш се поставува прашањето: зошто земјата станала света? Се изменил ли нејзиниот хемиски состав? Кога го поставувам ова прашање на претставниците на разни неправославни христијански деноминации, тие одговараат: „Таму присуствувал Господ“. Тогаш гледам на нивните лакирани чевли и велам: „Слекувајте се. Бог – е секадеприсутен. За тоа се зборува во Псалтирот, псалм 138, стих 7 и понатаму: „Каде ќе заминам од Духот Твој, и од лицето Твое каде ќе избегам? Ќе се качам ли на небото – Ти си таму; ќе слезам ли во пеколот – и таму си Ти. Ќе земам ли крилја и ќе се преселам на крајот на морето – и таму раката Твоја ќе ме поведе, и ќе ме задржи десницата Твоја“. Бог е секадеприсутен. Тогаш, зошто земјата станала света? Зашто му беше речено на Мојсеја: „Слечи ги обувките свои“, причина: „Зашто местото, на кое стоиш е света земја“. Се појавува природна пауза, и неправославните ми одговараат – од гледна точка на православна традиција: „Секогаш, кога Бог го пројавува Своето присуство преку материјата, се случува осветување на таа материја“.

Да, секогаш кога Бог го пројавува Своето присуство преку материјата, се осветува таа материја. Бог го пројавувал Своето присуство во Ерусалимскиот Храм и псалмопевецот Давид вели: „А јас, по мноштвото на милоста Твоја, ќе се искачам во домот Твој, ќе му се поклонат на Твојот свет храм“ (Пс. 5, 8).

Благодатта Божја на многу начини и различно дејствува во овој свет – таа може да дејствува дури преку облеката на светите угодници Божји. Во книгата Дела на светите апостоли е речено: „Бог правеше многу чудеса преку рацете на Павле, така што донесуваа и полагаа крпи и убруси врз болните од неговата испотена снага, и болестите ги напуштаа, злите духови излегуваа од нив“ (Дела 19, 11-12). Благодатта Божја може да дејствува преку останките, преку моштите на светите угодници Божји – за тоа читаме во 4-та книга Царства: „И ете, кога погребуваа еден човек, оние што го погребуваа, таму ги видоа тие луѓе, го фрлија тој човек во Елисеевиот гроб, и тој, падна, се допре до Елисеевите коски, оживе и се исправи на нозете свои“ (4 Цар. 13, 21). Што го воскреснало тој човек? Коските? Секако не. Благодатта на Светиот Дух, која почивала – каде? – на коските на Божјиот Пророк. Тука јасно е означен тој момент: „И тој падна, се допре до Елисеевите коски, оживе и се исправи на нозете свои“.

За нас, иконата – е свештен образ. А сè што е посветено на Бога, заслужува почитувачко поклонување. Во книгата на пророкот Даниил се раскажува за тоа, како управникот Валтазар ги искористил, не според намената садовите од домот Господов, иако, од гледна точка на формалната протестантска логика, чашата – си е чаша. Но, во таа ноќ Бог го умртвил Валтазар и неговите луѓе затоа што без почит се однесувале кон свештените садови, и допуштил да бидат убиени (Даниил, 5 глава). Во Библијата се раскажува, како некој маж, по име Оз, кога видел дека Ковчегот на Заветот се навалил, кога го пренесувале, со дрска рака одлучил да го задржи – и во тој миг паднал мртов на земјата (2 Цар. 6, 7).

Ние го почитуваме Господа во Неговите чудесни јавувања – преку светите места, преку осветените предмети на Неговите угодници, преку светите икони, кои се многу важно напомнување за Божественото и ни го јавуваат правилното поимање на духовната реалност, неповрзано со нашите субјективни сетила. Иконопочитувањето во никоја мера не противречи на словото Божјо. Напротив, Светото Писмо ја востановува значајноста на тоа почитување, кое е насочено на прославување на Бога и Неговите светии.

 

Протоереј Олег Стенјаев

 

Извор: http://www.pravoslavie.ru/90612.html