Кај Достоевски има прекрасни зборови: „Човекот, цел живот не живее, туку се прави себеси, се самосочинува…“ Тоа многу точно ја одразува суштината на тоа, што се случува со човечката личност, ако неговата душа е распределена само на земната рамнина. Само Небото, само Вечноста, само Бог вдахнува во човековото постоење длабочина на живот, острина во поимањето на времето, аромат на Тајна! Со Бога, човекот не треба да измислува ништо. Господ – е диригент на неговиот живот. А човекот треба да стане малечка, прекрасна, звучна нота во Божествената симфонија.
А ако си сам и Бог не постои, тогаш треба да го измислуваш својот живот, да го измачиш, да го направиш. И таа самосоставена песна на животот често е многу нехармонична, грда, горка, празна и бесмислена, иако е наполнета со силни бои и надворешни специјални ефекти. Ако „човекот се уподоби на суетата“, „дните негови како сенка ќе поминат“.
Многу луѓе, цели поколенија, а и секој од нас, има опит на минати грешки, опит на живот по свое, а не по Божјата волја, опит на задлабочување во мртвата суета на псевдо-животот. И само чудото на Божествениот допир, чудото на Христовата Љубов може да го извлече човекот од лепливите и цврсти прегратки на светот, да му ја откријат „космос тоу оураноу“, т.е., Небесната убавина, која ќе му помогне вистински да го измени својот живот.
Житието на преп. Марија Египетска и за човекот, кој се изгубил во ќорсокаците од животот и само што дошол пред вратите на храмот, и за оној кој веќе дошол во Црквата – не е само илустрација за промена на начинот на живот, пример за промена на декорациите… Нејзиниот живот за нас – е вдахновен урок за пробивање од темнината кон Божествената Светлина! Нејзиниот живот – е учебник за покајание. Такво покајание, кое го превртува сиот твој живот, душата твоја ја пресвртува нанадвор… Кога сфаќаш, дека сето тоа што си го сметал за смарагди, злато и нешто вистинско, всушност е само ѓубре, илузија, празна, беден фалсификат.
Некого од светителите го прашале: „Како се разликува пројавувањето на Благодатта?“ Тој одговорил: „Благодатта е таму, каде што е презирот кон нескротливата бура на желби и страсти!“ Токму благодатта Божја, презирот кон својот страшен скотски живот ја привеле на другиот брег на Јордан, на другиот брег на животот. Од блуд – кон воздржување! Од слепило – кон гледање на Нетварната Светлина! Од бесмисленост – кон познание на Вистината Христова!
Благодатта Божја го приведува современиот човек на другите брегови: од ноќниот клуб – кон вратите на храмот, од самозаљубеност и егоизам – кон љубов кон ближниот, од рокчињата за свињите – кон Божествениот Леб! Но таа благодат доаѓа кај срцето кое бара. Кај срцето, рането од својата страшна оддалеченост од Бога, срцето, изрането во барањето на патот кон Небото. Се сеќавате, колку страдала грешната Марија, што некоја сила не ѝ дозволувала да го престапи прагот на храмот и да се поклони на Животворниот Крст? „Мерзоста на моите дела – велела таа – ми забрануваше да влезам во Црквата“. Само чистите по срце, можат да го видат Бога…
Меѓу Бога и ѓаволот, меѓу рајот и адот, светлината и темнината, се развива драмата на човечката душа. Светителот не е осигуран од паѓање. На бандитот не му е затворена вратата во Царството Небесно, ако се покае. Јуда бил меѓу учениците Христови и станал предавник. Разбојникот на крстот се покајал и добил рајско ветување.
Ава Аполон пред монаштвото бил прост, груб овчар. Еднаш, во полето ја видел својата жена, која била бремена, и по внушување на ѓаволот рекол: „Сакам да го видам младенецот како лежи во утробата нејзина“. Растргнувајќи ја, го видел младенецот. Совеста веднаш се срушила врз него и почнала да го гори и да го мачи. Тој, на крвави колена приползил во Скитот кај отците, и со ридање раскажал за двојното убиство. Отците, во тоа време пееле: „Дните наши, се седумдесет години, а ако сме силни, и до осумдесет, и многу од нив се во труд и болести“.
„Јас имам 40, – рекол тој, – и ниту еднаш не сум се помолил, а сега, ако проживеам други 40 години, непрестајно ќе Му се молам на Бога, да ми го опрости мојот грев!“ Тој не се занимавал со никакво ракоделие, но секогаш се молел, велејќи: „Јас како човек згрешив, Ти пак, како Бог, помилуј ме! Тешко Те оскрбив Господи, но прости ми, барем малку да се успокојам!“ И тој добил уверување, дека Бог му ги простил сите гревови, дури и убиството на жена му. Но за младенецот, не му било откриено. Еден од старците му рекол: „Бог ти го прости и убиството на младенецот, но те остава во измачување, зашто тоа е полезно за душата твоја!“.
Преподобен Макариј Оптински вели, дека раната заздравува, но лузната останува за цел живот. Така и гревовите. Кога ќе се покаеме – Господ сè ни простил. Но спомените за направеното, како лузни, може да те прогонуваат со години. И тоа измачување е полезно за нашата душа.
Во денешното Евангелско четиво, слушнавме како Господ им дава на своите ученици заповед, како да се однесуваат меѓу себе: „Оние, кои се почитуваат како кнезови на народите господарат над нив, и моќници владеат со нив. Но, меѓу вас нека не биде така: а кој сака да биде поголем меѓу вас, нека ви биде слуга: а кој сака да биде прв меѓу вас, нека им биде на сите слуга“ (Мк. 10, 42-44).
Сите ние – сме крст еден за друг. Треба да го понесеме ближниот и да се распнеме за него. „Носете ги немоќите еден на друг и така исполнете го законот Христов“. Да не биде меѓу нас она, за кое зборува преподобен Максим Исповедник: „многу пријатели во благопријатни денови; за време на искушенија, едвај и еден ќе најдеш“.
Секој од нас, знае од свој опит, дека кога во нас нема љубов, кога во душата има празнина, осудување, раздразнетост, егоизам – односите со ближните често доаѓаат до разделби, разочарување, недоразбирање, ќорсокак. Ако има љубов, ако се има желба да се разбере човекот, да се поднесе неговата слабост – секоја средба, дури и случајната комуникација – е откритие, новина, длабочина, радост! И сето тоа, повторно е сврзано со покајанието.
Современиот романски подвижник, о. Захариј Захару вели, дека „да се биде трезвен, не примајќи лоши помисли, е полесно, ако има покајание. Кога срцето се стоплува со оганот на покајанието, придружен од духовен плач, тогаш будноста е природна; ниту една непријателска помисла нема да се приближи. Додека срцето ги преживува болките од покајанието, секогаш сме мирни“. Покајанието ни помага да го преминеме мисловниот Јордан. Ни помага, не „да се самосоставуваме“. И обратно, „со самомнението – како што вели свети Григориј Палама – човекот ја отвара широката врата, која нè води далеку од себеси!“
На Валаам живеел некој работник-старец. Педесет години тој поминал во манастирот; изгубил рака и нога во дрвосек. Многупати му предлагале да го пострижат во монаси, но никако не можел да се одлучи да стане монах. „Што е монахот, та толку време не се одлучуваш да се замонашиш?“ – го прашувале. „Монахот – 2 човек, кој од сострадание плаче и се моли за сиот свет. Јас уште се немам научено да сострадувам, срцето ми е камено, не можам да станам монах!“ – одговарал тој.
Ако срцето наше е исполнето со самоувереност, самонадежност, самомнение; ако се надеваме само на своите сили, сметајќи се за добри познавачи на духовниот живот; ако заборавиме за срдечниот призив: „Дојди и всели се во нас“, не ќе можеме да влеземе во длабочината на Црквата, како што не можела да влезе Марија во длабочината на храмот. Така и ќе останеме во припратата на животот.
Еднаш, некоја студентка гркиња се исповедала на преп. Јустин Српски, и навлегувајќи во ситници и непотребни детали, се обидувала само со човечки сили да најде излез од тешкотијата на проблемите кои ја спопаднале. Преподобен Јустин долго ја слушал и воскликнал: „Драга моја, а каде му оставивте место на Бога? Треба и на Бога да му оставиме место!“ Не смееме да забораваме, да му го оставиме тоа место на Бога.
Еднаш, еден мудрец го прашал својот пријател: „Знаеш, зошто е добра пустината? Некаде, во неа се кријат извори!“
Господ ќе нè земе за раце и ќе не проведе преку изгорената пустина на животот, како што ја провел светителката која денес ја празнуваме. Ќе ни ги отвори Своите Божествени извори. Најглавно – да не ги губиме покајанието, вдахновението и верата! Тогаш, секоја човечка душа, како некогаш преподобната Марија Египетска ќе ги слушне зборовите:
„Ако преминеш преку Јордан, ќе најдеш совршено успокојување!“
Игумен Тихон (Борисов)
17 април, 2016 г.
Оптинска Пустина