За душата и љубовта Божја – Старец Тадеј Витовнички

Кога би Го љубеле Господа со целото свое срце, не би згрешиле во веки, зашто Тој би бил во нас, а Тој е таа сила која ја спалува нечистотија, секој грев. Во нашето срце ништо што не е свето, што не е благородно, не би имало пристап.

* * *

            Бидејќи сме телесни, неочистени, во нашата љубов кон ближните, која треба мисловно да ја упатуваме еден кон друг, веднаш се уплива телесната страст.

Но страста на страна, на неа врагот влијае. Треба да внимаваме на божествената љубов која не прави разлика. Таа не е егоистична, туку сеопфатна, таа сè простува, на сè се радува.

* * *

            Под „многуте одаи кај Отецот“ Господ подразбира разни духовни дарови, разни мери на умот. Во нив се насладуваат светиите по мерата на својот ум. Зашто не по разликата во местата, туку по степените на даровите ги нарекол многу одаи.

* * *

            Каква е брзината на ангелите? Ангелите се духовни битија, а брзината на духот е како мисла која се движи. Брзината на мислите е средна брзина на духот.

* * *

            Душата додека е во телото, таа е заштитена, а кога излегува од телото, тогаш е потполно незаштитена, гола и слаба, како полжав кога ќе излезе од својата корупка.

Господ од вечноста (пред создавањето) е предодреден да се овоплоти, знаејќи дека разумните битија нема да ја зачуваат својата положба. Падот на умно-мисловната и материјалната природа е неминовен. Мораме да дојдеме во првобитната состојба, чисти, кротки, смирени, добри, да би биле во заедница со Господа во љубовта. Бог е љубов.

* * *

            Душата го сфаќа Божеството дури кога ќе дојде во допир со ангелите и светиите. Но, Господ тоа ù го допушта помекогаш и на обичната душа. Кога нема утеха од никого на земјата, ни од луѓето ни од околностите, тогаш на отфрлените и презрените самиот Господ им дава утеха.

* * *

            Душата увидува дека секоја нејзина поткрепа не е ништо и вели: „Немам никој кој може да ме рабере.“ Душата бара неизменлива љубов. Тоа нема на земјата. Единствен е Господ, тој силен и моќен, само Тој може да утеши.

* * *

            Ако душата остане во смирение, тогаш Господ сè повеќе ја осветлува.

* * *

            Има души, кои се така соединети со љубовта со Господа, што до нивниот мисловен апарат не допираат никакви нечисти мисли, не доаѓаат во допир со неа.

Но, кога душата ќе се соедини со Господа, тогаш мора да биде постојано на стража. Зашто ние носиме тело кое секогаш нè врзува за земното.

Господ често допуште да нè изненади непријателот, па се чудиме што ни се случува. Тоа е по допуштање Господово, да видиме дека сме ништо, сета наша надеж и сиот свој труд да не ги припишуваме на себе.

Според степенот на нашето ослободување од грижите, Господ ни дава да почувствуваме дека Он ни е сè: и мир, и радост, и татко, и мајка и пријател. Сè е во него, Он е тој кој ги подмирува потребите на душата.

* * *

            Философската чистота трае додека сме обземени со философијата мисловно. Треба да се постигне чистота која доаѓа како последица од љубовта кон Бога.

* * *

            Треба да се пази, дали она што го правиме Му е мило на Господа. Зашто секоја работа овде на земјава е Божествена работа.

 

(по повод споменот на неговото упокојување, 13 април, 2003 г)