1) Господи, во јароста Своја не изобличувај ме![1] Знам Господи, каков ужас и трепет ќе ме стигне, кога пред лицето на вселената, на Страшниот Твој Суд ќе ги отвориш сите гревови направени од мене: „Помислувајќи на многуте гревови направени од мене, окајаниот јас треперам од страшниот ден на судот…“ Знам… треперам… и не се осмелувам, Господи, да барам совршено простување на многуте мои гревови; зашто јас згрешив пред Тебе, безмерно го оскрбив Твоето свето име пред лицето на сите луѓе. Не се покорував на твоите заповеди; во зло го прокоцкав Твоето богатство; наследството, што си ми го дал, го потрошив на беззаконија; го разрушив храмот Твој – моето тело; душата моја – образот Твој – го осквернив, го погубив; времето кое ми беше дадено, го поминав со Твоите непријатели; од заповедите Твои ниедна не запазив; облеката, со која ме облече ја извалкав; светилникот, кој Ти ми го подготви, задремав и го угаснав. Но, Господи, во јароста Твоја не изобличувај ме! Само тоа го барам од Тебе, Единствениот Милосрден. Само Ти вистински ги знаеш сите мои тајни гревови, но не изобличувај ме, не ги објавувај гревовите мои пред сите ангели и луѓе, пред целата вселена, за мој срам и понижување…
2) Помилуј ме Господи, зашто немоќен сум! Немоќно е телото мое, немоќна е душата, немоќен е умот, немоќни се помислите: ослабе крепоста моја, осиромашеа во суета деновите мои (Пс. 77, 33), го гледам крајот кој ми се приближува. Но, Господи, подај ми рака мене, кој тонам во длабочината на сластите: отвори ми мене, кој недостојно тропам, и не заклучувај ги за мене вратите на милосрдието Твое. Зашто, ако Ти ги заклучиш, кој ќе ги отвори? Ако ти не побрзаш, кој ќе ни помогне? Никој, освен Тебе, вистинскиот Бог. Подари ми време за живот и време за покајание, победи го скаменетото мое срце и оствари го исправувањето мое! Зашто, ако Ти тоа не го направиш, сè што правам јас, ќе биде слабо, а не цврсто; што и да пробам, сè ќе биде бессилно и неправилно; кон што и да пристапам, сè ќе биде бесполезно и несовршено. Не забавувај Господи, но скоро дојди и спаси го Твоето создание! Ти Сам рече Господи: без Мене не можете да направите ништо (Јн. 15, 5). Пресретни го обраќањето на мојата душа во времето на мојот живот. Се спротивставуваат и напаѓаат помислите, природата, злите намери и особено лукавите обичаи. Помилуј ме Боже, зашто немоќен сум: непријателот ме обессилил, ме направил слаб и скршен: а слабиот и скршен не може сам да си помогне; затоа, помилуј ме Боже, зашто немоќен сум!
[1] Оттука, па натаму, стиховите се земени од 6-от Псалм. (заб.прев.)
(Извадок од книгата во подготовка: „Гревот и средствата за духовна борба со него“)