Моја духовна ќерко, се молам божествениот мир и радост да те следат низ животот. Амин.
Го добив твоето писмо и ја видов твојата радост. Се молам, таа радост да ги означи првите плодови на непрестајната духовна жетва, на новиот живот целосно посветен на неспоредливата Божја љубов. Ги запозна плодовите на Духот. Ако толку многу се поткрепи стекнувајќи мал опит, колку многу ќе се поткрепиш кога ќе се најдеш во една духовна средина!
Насекаде ќе наидуваме на искушенија, дури и во манастир или во пустина, ако таму се најдеме, сè до крајот на нашиот живот. Меѓутоа, ако ние сме далеку од светот, ќе бидеме слободни да се бориме на отворено поле. Таму ќе можеме духовно да зајакнеме, што ќе ни помогне во возвишените надежи кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа (Филип. 3, 14).
„Овде немаме постојан град, туку го бараме оној, што ќе дојде“ (Евр. 13, 14), вечниот и славниот!
Чедо мое, бори се со сета своја сила. Нека не ти се радува сатаната со тоа што ќе ги занемаруваш своите должности, но направи го гневен така што свесно и ревносно ќе ги извршуваш своите должности.
„Се менува обликот на овој свет“ (1. Кор. 7,31), додека оној кој прави добри дела, ќе живее засекогаш!
Сатаната нема да престане да те напаѓа со отровни стрели во вид на најразлични помисли. Смело стапи во борба за освојување на нераспадлив венец. Веднаш штом се појават лоши помисли, веднаш уништи ја фантазијата и веднаш изговори ја молитвата и ќе видиш дека, избавувањто ќе настапи во истиот момент!
Не плаши се кога ќе ја видиш битката и не губи го моралот, но повикај го Семоќниот Бог и покажи големо смирение. Прекорувај се со најлошите можни имиња и убеди се себе си дека навистина си таква. Од тој момент на самосмирение, битката започнува со молитва.
Биди внимателна, затоа што битката која ја водиме не е лесна. Ние треба да се бориме со началствата и властите, и од нас се бара претпазливост, внимателност и трезвеност за да можеме добро да се бориме. Доброто не е добро, ако тоа не е направено на соодветен начин.
Јас се молам за тебе добро да ја водиш битката. Биди внимателна кога станува збор за луѓето околу тебе.
Со многу молитви и благослови, твојот најништожен старец