Ти, пријателот и Бог

 

Дали може да се проживее без пријател? И всушност, што е пријателство?

– За овие прашања, испрашавме  неколкумина-од најдруштвени до најзатворени. Ги објавуваме најинтересните одговори).

Протоереј Владислав Свешников, роден во Москва 1937 година. Завршил ВГИК, отсек кинографија. Во 1976 г. е ракоположен за свештеник. Доктор е по богословие и раководител на катедрата на моралното богословие на ПСТГУ.

Јеромонах Јон (Зајмовски), роден во Москва 1964 г. Студирал на Педагошкиот  институт, завршил семинарија и Московска Духовна Академија. Монах во Даниловскиот манастир, извршува послушание библиотекар. Раководител е на програмата за духовна, психолошка и социјална рехабилитација при Патријаршискиот центар, за духовен развој на деца и млади во Даниловскиот манастир.

Виктор Владимирович Ржевски, роден во Москва 1957 г. Во 1978 г. завршил на отсекот за глума при МХАТ, каде што по завршувањето на истиот и играл како и во Театарот на Советската Армија. Потоа, го напуштил актерството и повеќе од 20 години работел во градежништво. Денес е старешина на храмот Три Ерарси во Кулишка.

Олесја Алесандровна Николајева. Поет, прозаист, есеист. Автор на книгите “Православие и слобода“,”Современата култура и православието“, романот “Инвалид на детството“. Член на друштвото на писатели. Доцент е на Институтот за книжевност Горки.

Наталија Загребина, родена во Москва 1966 г. Во 1991 г. завршува философски факултет МГУ. Работела во списанието “Литерарно учење“ како и во издаваштвото при Валаамскиот манастир. Денес, мајка на четири деца.

 

Виктор Ржевски: -Имав пријател, кој неодамна го погребавме. На неговиот погреб имаше голем број луѓе, од сите области, од благородници до заменици министри. Беше многу скромен, незабележлив човек, но во животот и срцата на сите кои дојдоа на погребот, заземаше огромно место, и затоа тие и дојдоа да го испратат. Тоа беше доказ за тоа, дека тој знаеше да се дружи. Ако си пуштил човек во своето срце, тогаш тој тоа го чувствува-па дури и ако му зборуваш непријатни работи, тој ќе те слуша и ќе те разбере, зошто не го осудуваш, туку искрено сочувствуваш со него. Мислам дека, пријателството е овоземна појава на љубов која ќе постои меѓу луѓето и во Царството Небесно. Честопати, луѓето се дружат бидејќи се поврзани со некоја конкретна работа, да речеме, бизнис, но, таквите односи само наликуваат на пријателство. Нивната цел е конечна, а кога ќе настапи вистинското пријателство, тие односи можат да се раскинат. Но, постои друг вид на пријателство. За христијанинот, пријател е оној со кого тој посакува, од овој привремен живот да прејде во вечниот и заедно со него да биде на трпезата со Христа. Ние бараме нешто за себе, а треба да се научиме себеси да им се даваме на пријателите, притоа не барајќи благодарност за тоа. Треба да се знае да се простува и да се трпи, зашто ако имаш големи претензии кон некого кој не може тоа да го поднесе, ќе започне да се оддалечува од тебе. Отсуството на пријателство, а и кавгата, се ад на земјата. Не е задолжително, со пријателот да те поврзуваат години заедничко живеење. Пријател може да се појави секој ден. Се случува, да сретнеш некого, кого порано воопшто и не си го познавал и откако ќе поразговараш малку, сфаќаш дека таа личност ти е мошне блиска. Во некој степен, пријателството и е соединување во Христа, зашто друг човек можеме да пуштиме во срцето само преку Бог и никако поинаку. Во пријателството, секогаш е присутен и трет – ти, пријателот и Бог.

 

Олесја Николаева: Да се проживее без пријател? Мислам дека тоа е многу страшно. Тоа е ситуација блиска на вкусување на адот, зашто човек во адот ја чувствува таа страшна и апсолутна оттуѓеност, внатрешна изолација, потполно отсуство на љубов. Се случува, Господ да го стави човека во некоја посебна тешка ситуација. Но, познато е дека и во затвор и во логор, човек може да сострадува и да му помага на ближниот, и да го љуби. Проблемот на отсуство на пријател, не е надворешен (“Немам со кого да се дружам!“, “Немам кого да љубам!“, “Никој не ми е достоен!“), туку внатрешен. Пријателството е еден вид на задолжителен однос на човека спрема ближниот. Таа љубов е невозможна без самоограничување, без жртви и подвизи. Христос, нарекувајќи ги своите ученици пријатели (“Вие сте мои пријатели“ Јн. 15, 14), ја потврдува непроценливата вредност на човечкото пријателство. Во Евангелието се споменува, кога Лазар, Христовиот пријател умрел, кого Господ потоа го воскресна, “Христос заплака“ (Јн. 11, 35). Прекрасни слики на пријателство ни се дадени во Стариот Завет, а пред сè, пријателството на Јонатан, синот на Саул, со Давид:”…(1 Цар. 18, 1). Но, навистина има и пријатели како оние тројцата пријатели на Многустрадалниот Јов…Во пријателството постои некој ирационален момент: не секогаш се дружат луѓе, кои имаат заеднички интереси, па дури и заеднички животни вредности. Тоа е, восхитувачка работа – како меѓусебно се избираат пријателите? Зошто тие одеднаш почнуваат да се љубат еден со друг? Заради што, на моето “ЈАС“ му е толку многу неопходно тоа другото “ТИ“? Зошто всушност, преку тоа “ТИ“, на човека му се открива радоста и Царството Божјо? Имам пријатели со кои можам и да не се видам десет години, а при средба – сè да е исто: љубовта, чувството на внатрешна сродност, радоста… Јас и мојот сопруг, отец Владимир Вигилјански, еднаш бевме сведоци на една прекрасна средба помеѓу митрополитот Антониј Сурожски и владиката Јован Сничев. Владиката Антониј дојде во Русија 1990 година на Архиерејски Собор, а ние тогаш бевме кај него на гости – беше сместен во хотелот “Украина“. И, кога бевме кај него, го посети владиката Јован – тие одамна се пријатели. Беше многу трогателно да се види, како двајцата архиереи меѓусебно разговараат – притоа големи авторитети во Православната Црква: се нарекуваа меѓусебно “владиче“, се шегуваа, но така како што тоа го прават блиски пријатели, со љубов, со огромна меѓусебна доверба…

Навистина, ако не си свештеник, заштитен со двојната благодат на тајната, тогаш ти станува тешко да слушаш животни приказни од други, фактички, нивната исповед. Но, ако твојот ближен навистина притоа почувствува олеснување, мир, а ти сослушувајќи го, му помагаш да разреши некои психолошки дилеми, а можеби и да се подготви за првата црковна исповед, тогаш тоа треба да се поднесе и заедно со него да се премине таа барикада. Апостол Павле за тоа рекол: (Гал. 6, 2) И ако твојот пријател се нашол во тешка ситуација: или треба да го посетите во болница, или треба финансиски да го помогнете, или некои тешкотии да превземете врз себе, тоа значи дека треба да ги оставите своите сопствени работи и да жртвувате нешто свое. Понекогаш, тоа не го сакаме, но во тоа се состои испитувањето. Дали бројот на пријатели се намалува со текот на годините? Да, затоа што пријателите умираат…и со нив умира еден дел од животот. Но молејќи се за нив, продолжуваш со нив да општиш. Се намалува и заради тоа што се скратува времетраењето на животните приказни, кои стојат зад секое пријателство – зашто зад секое пријателство стои воодушевувачко сиже за тоа како Господ ги поврзува луѓето. И навистина, за секој човек кој се појавува во нашиот живот, треба да се замислиме – всушност секој ни е пратен за да го засакаме и од него нешто да научиме. Таму каде што постои пријателство, Господ е во близина.

О. Јон (Зајмовски): Површински може да се каже, дека доколку човек нема пријатели, тоа значи дека е егоист и дека за тоа самиот е виновен. Но, на подлабок план, треба да се знае дека над човекот секогаш делува Божјата промисла, и осаменоста честопати е неопходна за човека, за да тој би добил поука од тоа. Пријателството се одржува кога луѓето ги почитуваат меѓусебните психолошки граници и не преоѓаат на туѓа територија. Најдобри пријатели може да најдете во црковните заедници. Надвор од Христа, луѓето може да ги поврзе некој заеднички интерес, но најдоброто пријателство е -пријателството во Христа. Честопати се случува, пријателите да доаѓаат кај човек како кај послушник или монах, уште пред неговото заминување во монаштво, согледувајќи ја неговата нова улога и му се обраќаат како на учител. Што се однесува до мене, јас во манастир ги повикав моите школски другари, но ниту еден од нив не дојде ниту се воцркови. И покрај сè, еден од нив ме замоли да ја крстам неговата посвоена ќерка, а таа постепено се воцркови – се надевам не без нашето пријателство. Од еден искусен монах слушнав, дека во почетокот, кога човек доаѓа во манастир, има многу пријатели. Потоа, има сè помалку и помалку – некои заминале од манастирот, некои се префрлени, а колку постар, толку е поосамен човек. Но, ми изгледа дека и вон манстирот, бројот на пријателите со годините се намалува.

 

О. Владислав Свешников: На интровертната личност ѝ е потешко да најде пријател, зашто таа е во поголема мера затворена во себе, но кога ќе наиде на повик, може благодарно да засака многу повеќе од екстравертната личност. Психолошката близина не е секогаш потполно задолжителна за пријателство. Дури и погледите на светот можат да бидат доволно далечни, и ако во дружењето на двајца не доаѓа до приближувања на тие погледи, тогаш најчесто пријателството се прекинува. Вистинските брачни другари во почетокот и во основата на своите животни односи, го имаат пријателството. Вистинската љубов има однос само кон личноста – една личност можеби љуби друга, и тоа сфаќање е познато во сите религии а особено е посебно покажано во божественото откровение на Стариот Завет, но своја конечна смисла добило во новозаветното расудување, зашто се појавило сфаќање дека секој човек е создаден според Божјиот лик и затоа е силно привлечен кон него. И во таа смисла може да се каже дека, доколку брачните другари не се пријатели, тогаш тие се лоши брачни другари. Вистинската љубов е подготвеност, во другиот да се види Божјиот и сопствениот избор за себе. Вистинската љубов, влегувајќи во срцето, го шири при што тоа станува способно да смести во себе повеќе и повеќе други луѓе, но најчесто му дава предност на еден или на двајца, со кои тоа чувствува некоја посебна душевна сродност. Зашто и Христос го издвоил Јован Богослов, иако сите апостоли се Негови пријатели. Во Светото Писмо е речено: “Примајте се едни со други, како што Христос ве прима вас во славата Божја“. Примањето на другиот во своето срце – и е пријателство. Изборот на пријател, секогаш е тајна. Интуитивно се чувствува некоја блискост, за која тешко дека ќе се најде збор за да се искаже. Вистинското пријателство, секогаш е чудо, зашто човек да умее да љуби друг како себеси – и тоа, по гревовниот пад, навистина е чудо.

 

Наталија Загребина: Желбата за пријателство е поврзана со совладување на човечката затвореност во себеси, со совладување на егоизмот. Црковнословенскиот збор “друг“ значи “ближен“. Желбата за стремеж кон некој друг, му е потполно неопходна на човекот. Човек може да се реализира, само во меѓусебната врска со другите. Најважните две заповеди се: Сакајте Го Бога и љубете го ближниот како себеси. Љубовта кон друг човек и е стремеж кон пријателство. Теоретски и практично, секој човек и треба да биде пријател. Најчесто, пријателите се појавуваат во младоста, на пример, на факултет. Заради што е толку важно некаде да се продолжи со учење, по средното образование – покрај другото, и за да се најдат добри пријатели. Најчесто во младоста, човек ги наоѓа своите вистински пријатели, за цел живот. Па дури и поговорката вели: какви пријатели ќе најдеш, таков ќе ти биде и животот. И навистина, честопати и е така – во младоста, со кого на овој или на оној начин си го поврзал својот живот, случајно или свесно, потоа со него и живееш. Во младоста, пријателството е потребно заради досада, честопати е поврзано со неработата, чии што форми притоа се различни. Ние, на пример, студентските денови ги поминавме весело, а и содржајно. Се покажа дека од таа таканаречена, неработа, произлегоа најдлабоки меѓусебни односи. Лесното, површно пријателство, може кон ништо да не води, а може да биде и почеток на голема и длабока човечка поврзаност. Денес, главен проблем е да се најде време за дружење. Ме трогна еден гест на моите пријатели, кога се роди нашиот првенец и кога се вратив од породилиштето – во станот стоеше машина за перење  алишта, која не само што беше купена и донесена, туку и приклучена! И тоа беше подарок од пријатели кои за кратко време, додека бев на породилиштето, собрале пари, ја купиле, ја донеле и ја приклучиле машината. Или, кога лежев со помалата ќерка на болница, а сопругот остануваше со постарите, исто така мали деца, секој ден во болница ме посетуваше по некој пријател, ми донесуваа памперси, разни производи кои ние дома никогаш и не сме ги вкусиле. Доаѓаа и покрај своите обврски и покрај своите деца – тоа беше многу трогателно за паметење. Како и сите други битни моменти во животот – свадба, раѓање деца, болести, погреби на роднини – без пријателите би биле поинакви. Јас сум за верност кон пријателите. Со тој со кого си поминал дел од животот, значи каков што е, така и го прифаќаш. Личните достоинства во пријателството, немаат некоја улога, зошто многу луѓе со тешки карактери, одлично се дружат. Се појавуваат и нови пријатели-на пример, пријатели на сопругот или луѓе кои се поврзани со некоја дејност. Постојат пријатели кои честопати ги гледаш, а имаш и потреба често да ги гледаш, а постојат и такви со кои се гледаш еднаш годишно, но и тие исто така се пријатели. Постојат еден или двајца со кои можеш и треба заедно да го преживееш најтешкото, најрадосното и најтажното. Некогаш, на човек му е потребно твоето внимание, и треба нешто да жртвуваш. Треба грижливо да се чува таа пријателска нишка. Пријателството не е мал душевен труд. Многу ми се допадна, кога слушнав, кого моите деца имаат избрано за пријатели. Ги запрашав: дали имате многу пријатели? Мојата помала ќерка, која има пет години, ми рече:”Да, многу!“ И почна да набројува: “Мама, тато, баба, дедо, кумовите, тета Лена, Катја,…сите тие ми донесуваат подароци“. Од една страна тоа е смешно, но одеднаш сфатив дека пријател е навистина оној кој нешто дарува. Не е битно дали е тоа машина за перење или кутија бонбони. Пријателството е дар за себе.

detskaya missiya
Православна Детска Мисија, Вирица, Санкт Петербург,

 

Превод: Весна Апостоловски

 

Можеби ќе ве интересира: Се учиме да растеме со љубов!