Дваесет и деветто слово
(Плач)
- Тешко нам, сластољубивите и кратковремените, зашто заради привремените беззаконија на телесните страсти, нема да ја здогледаме славата Господова!
- Тешко нам, кои презирајќи го нераспадливото, се стремиме кон распадливото, иако распадливоста не ја наследува нераспадливоста (1. Кор. 15, 50)!
- Тешко нам, кои своето тело, кое ќе го јадат црвите и гнојот, го храниме со гревови, не плашејќи се од огнот кој вечно ќе нè мачи, нити од црвот кој не спие!
- Тешко нам, што нашето тело, кое е осквернето со нечистотија, христољубивите луѓе го почитуваат и целиваат, додека ние сме варосани гробови кои во себе го носат смртниот грев!
- Тешко нам, кои преку невоздржанието од храна и сласт, во себе собираме семе кое ‘рти и нè побудува на беззаконско телесно соединување!
- Тешко нам, што не ја споредуваме трулежноста со нетрулежност и што не се плашиме од Божествената и страшна казна!
- Тешко нам, бидејќи сме малодушни за доброто а ревносни и брзи за злото!
- Тешко нам, што телото наше, кое е способно да стане дом на вечната светлина, сме го направиле дом на вечниот мрак!
- Тешко нам, што Синот Човечки, Кој е едносуштен на Бог Отецот и Кој заради нас се воплоти, во нас нема каде да ја засолни Својата глава, додека злите и лукави духови, во нас, за себе си направиле гнезда!
- Тешко нам, што имаме осквернети души и нечисти тела, и единствено можеме само да очекуваме да нè снајде осуда на вечни маки!
- Тешко нам, што очекуваме почести од светиите, иако сме полни со похоти за неправда и секаква нечистотија!
- Тешко нам, што се движиме помеѓу светите и незлобните како чисти и слободни, иако сме осудени и виновни за многу гревови!
- Тешко нам, што ги вразумуваме и поучуваме оние кои се далеку подобри од нас, иако сме исполнети со согрешенија!
- Тешко нам, што имаме греда во окото, а како непорочни покренуваме суд и се гневиме заради најмали согрешенија на нашите браќа!
- Тешко нам, што на други полагаме тешки и неподносливи бремиња, а самите, како немоќни телесно, одбиваме дури и да ги допреме!
- Тешко нам, што бивајќи сиромашни во божественото монашко делување, без срам итаме другите да ги учиме за тие доблести!
- Тешко нам, што сме заборавиле на нашите поранешни гревови и што ни заради новите не се мачиме и не плачеме!
- Тешко нам, што сме започнале со добро со помош на Божјата благодат, додека сега сме станале телесни!
- Тешко нам, што толку сме паднале во нечисти помисли, наводно, не гледајќи ги сопствените гревови, се прашуваме дали воопшто сме ги правеле!
- Тешко нам, што јадејќи и пиејќи не помислуваме на борбата која ни се случува заради прејадување!
- Тешко нам, што сме подготвени да се согласиме со помислите, штом во нас демоните ги разбудат блудните сеќавања!
- Тешко нам, што оставајќи ги божествените молитви и читањето со размислување, своите денови ги поминуваме во пусти мечтаења и празнословија!
- Тешко нам, што срцата ни се скаменети до таа мера што и покрај честото напрегнато изискување на скрушеност и солзи, не наоѓаме успех заради крајната немарност и мрзеливост!
- Тешко нам, што нималку не се грижиме за душата, иако постојано греши, и иако Бог рекол: „која душа греши, таа ќе умре“ (Јез. 18, 4)!
- Тешко нам, што заради ситост и утеха, нашето тело е лесно подвижно на грев и што ние до страст ги разгоруваме нечистите и скверни помисли, преку очите примајќи ги стрелите на лукавиот во своето срце и преку допири на телото стануваме полни со страст за жени, слично на коњите, не помислувајќи за своето словесно достоинство и не плашејќи се од вечното мачење!
- Тешко нам, што заради страдање и болест на телото многу се вознемируваме и стенкаме, додека раните и неизлечивите болести на душата не ги чувствуваме!
- Тешко нам, што кај нас, владетелската сила на душата е потчинета на нејзиниот роб – телото, кое господари над подобриот, а заедно и со иста желба не му служат на Бога кој нè создал!
- Тешко нам, што своите гревови ги повторуваме преку злите и нечисти помисли и што не препознаваме дека од нас Бог се оддалечува кога ни приоѓаат нечистите духови!
- Тешко нам, иако неразумни, ги сакаме и ги присвојуваме пофалбите на светиите, но не и нивните подвизи и дела!
- Тешко нам, што во извршувањето на Божјите заповеди не го пројавуваме ни стравот од слугата, ни усрдноста и благоразумноста од наемникот, ни љубовта кон синовите!
- Тешко нам, што се плашиме од луѓето кога грешиме, додека на вечниот срам не обрнуваме никакво внимание!
- Тешко нам, што се трудиме да им се допаднеме на богатите и на силните кога ќе се сретнеме со нив и кога со нив разговараме, додека од сиромавите бегаме кога доаѓаат да просат од нас!
- Тешко нам, што кон секој човек не се однесуваме како што ни прилега, туку како што сакаме и како што нам ни е угодно!