Се запознав со Ираклиј Гоголадзе во манастирот Самтавро. Сосема случајно, овој 25 годишен младич дојде кај мене со зборовите: „Знаете, со мене старец Гаврил направи повеќе чуда… Слушнав, дека се прави зборник, каде ќе бидат вклучени таквите раскази. Можете ли да ми кажете, кај кого може да се обратам?“ Јас, изненаден и радосен му одговорив: „Јас – сум преведувачот и составувач на руската верзија на книгата „Дијадемата на Старецот“… не давајќи ми да завршам, тој преполнет со емоции, почна да раскажува. Го вклучив диктафонот и… слушнав за едно од чудата на старец Гавриил (Ургебадзе). Тој настан би сакал да го споделам и со вас, драги читатели.
Старец Гаврил, уште не беше канонизиран, кога првпат дознав за него. Нашата прва „средба“ беше, кога јас, ученик во 7-мо одделение, заедно со другарите го посетивме манастирот Самтавро. Мене, тогаш уште дете, ме потреси тоа што го видов на гробот. Најпрвин – огромното мноштво луѓе, кои доаѓаа и се поклонуваа пред гробот. Сосема несвесно и јас се приближив кон гробот, и тука започна нашата дружба со старец Гавриил. Поклонувајќи се пред гробот, почувствував огромна благодат. Моето срце се исполни со љубов. Чувствувајќи внатрешна радост, јас сакав да викам гласно: „ВЕ САКАМ СИТЕ!“ Монахиња Параскева ни подари елеј од кандилото над гробот на старец Гавриил и ни објасни, како може да се помазуваме со него. Јас имав такво чувство, како да сум добил непобедлива сила. Така и беше!
Поминаа неколку месеци, и во нашиот дом се случи беда. Таткоми се разболи од псоријаза. Отидовме во сите болници, но заради тешкиот и сложен стадиум на болеста не нè примија во ниту една од нив. После некое време, по застапништво на нашите роднини, татко ми го сместија во Тбилиската болница за кожни и венерични заболувања. Лекувањето се одвиваше бавно. Лекарите велеа, дека потребни се минимум четири месеци за целосно исцеление. Еднаш, ноќе татко ми доби срцев удар, и едвај го вратија во живот. Тогаш, јас се сетив на старецот, на чиј гроб се случуваа чудотворни исцеленија. Отрчав дома, зедов од маслото од кандилото од гробот на старец Гавриил и се вратив во болницата. Докторите, навечер не пуштаа никој од посетителите во собата, но кога им ја објаснив ситуацијата, тие се согласија, и тајно ме пуштија. Јас дојдов кај татко ми. Тој спиеше. Јас, со малото прсте го помазав трипати крстообразно со елеј, ја прочитав „Оче наш“ и со сето срце го замолив старецот да го излекува татко ми. Потоа тивко си заминав.
Утрото, со еден пријател и со мајка ми дојдовме во болницата. Дојдовме до собата на татко ми… поточно – со ужас дотрчавме на крикот на сестрата: „Не е можно!“ Ние мислевме, готово – крај! Мајка ми се стаписа. Јас почнав да се тресам, не можејќи да се контролирам. Влегувам во собата и го гледам татко ми како седи на креветот. Се зачудив. Тој повеќе немаше осип ниту на телото, ниту на лицето – кожата му беше како на новородено дете. Наскоро, во собата дојде главниот лекар – истиот, кој ми дозволи да го посетам татко ми. Никогаш нема да го заборавам изразот на неговото лице во моментот, кога ја виде совршено чистата кожа на неговиот пациент! Лекарот почна да плаче и се прекрсти велејќи: „Слава Му на Бога… Слава му на тој старец…“ Во тој момент, татко ми нè запре и праша, за каков старец зборуваме. И пред да успеам да му раскажам за старец Гавриил, татко ми самиот ни раскажа за тоа што видел во сонот, како некој свештеник со бела брада влегол во собата и му рекол: „Ах, мој брате… ти ниту еднаш не се имаш причестено и исповедано, но имаш син и жена кои веруваат, кои ме викнаа. Не можам да гледам како плачат… Ајде, јас сега ќе те исцелам, а ти почни да живееш црковен живот. Често оди во црква, исповедувај се и причестувај се. Така ќе се дружиме… Во спротивен случај – не ти сум пријател. Разбра?“ Тој му намигнал на татко ми, го прекрстил и излегол…
Јас плачев, сите плачевме во собата! Без оглед на тоа, што татко ми никогаш во животот не го видел старецот, описот на „свештеникот“ кој му се јавил на сон, потполно се совпаднал со образот на преподобен Гаврил.
Слава Ти, Боже! Слава ти, баќушка Гавриил!
Ираклиј Гоголадзе
Превод од грузиски, Константин Церцивадзе.
Од руски: З. Д.
Извор: http://www.pravoslavie.ru