Заедничките Богослужби, или како што уште се познати во народот – црковни служби, претставуваат главни одлики по што се препознаваат нашите храмови.
Секојдневно Православната Црква во храмовите извршува вечерни, утрински и дневни Богослужби. Секоја од тие Богослужби се состои, од своја страна, од три вида Богослужби, соединети во 24 -часовен круг Богослужење:
а) вечерни – Деветти час, Вечерна и Повечерие;
б) утрински – Полуноќница, Утринска и Прв час;
в) дневни – Трет час, Шести час и Божествена литургија.
Според тоа, целиот 24 – часовен круг се состои од девет служби.
Во православното Богослужење многу нешта се преземени од Богослужењето во старозаветното време. На пример, почетокот на новото деноноќие не започнува на полноќ, туку во шест часот на вечер. Затоа, како прва служба од 24 – часовниот круг се појавува Вечерната Богослужба.
На Вечерната Богослужба Црквата си спомнува за основните случки од Свештената Историја на Стариот Завет: за создавањето на светот, за паѓањето во грев на прародителите, за Мојсеевото законодавство и за службата на пророците. Христијаните вознесуваат благодарност кон Господа за изминатиот ден.
По Вечерната Богослужба, според црковниот Устав треба да се служи Повечерие. Тоа, во строга смисла се заеднички молитви пред спиење, во кои си спомнуваме за Христовото слегување во адот и ослободувањето на праведниците од власта на ѓаволот.
На полноќ се извршува третата Богослужба од деноноќниот круг – Полуноќницата. Оваа Богослужба е востановена поради потсетување на христијаните за Второто Христово Доаѓање и за Страшниот суд.
Пред изгрејсонце се служи Утринската Богослужба – една од најдолготрајните Богослужби. Таа е посветена на земните настани од животот на Спасителот и содржи мноштво, како покајнички, така и благодарствени молитви.
Околу седум часот наутро се извршува Првиот час. Така се нарекува кратката служба, на која Православната Црква си спомнува за престојот на
Господа Исуса Христа во домот кај првосвештеникот Кајафа.
Третиот час (десет часот наутро) се служи во спомен на настанот, кога врз апостолите слегол Светиот Дух, како и за настанот кога Спасителот бил одведен во преторијата кај Пилат и бил осуден на смрт.
Шестиот час (пладне) е времето кога е распнат Господ Христос, а Деветтиот час (три часот попладне) – е времето на Неговата крстна смрт. Токму на овие настани се посветени овие Богослужби.
Главна Богослужба во Православната Црква, своеличен центар на деноноќниот круг, претставува Божествената литургија. За разлика од останатите Богослужби, Литургијата остава можност не само да си спомнеме за Бога, за целиот земен живот на Спасителот, но и реално да се соединиме со Heгo преку Тајната Причест, востановена од Самиот Господ за време на Тајната Вечера. Литургијата треба да се извршува помеѓу Шестиот и Деветтиот час, до пладне, во времето пред јадење, поради што се нарекува Божја служба.
Современата богослужбена практика вовела свои измени во Уставот. Така во парохиските храмови Повечерието се извршува само за време на Велигденскиот пост, а Полуноќницата еднаш во годината спроти Пасха. Многу ретко се служи и Деветтиот час. Останатите шест Богослужби од деноноќниот круг се соединуваат во две групи со по три Богослужби.
Навечер една по друга се служат Вечерната, Утринската и Првиот час. Спроти неделните и празничните денови тие Богослужби се соединуваат во една Богослужба која се нарекува Сеноќно бдение. Во старите времиња христијаните редовно се молеле до изгрејсонце, односно, цела ноќ ја поминувале во молитва. Современите Сеноќни бденија траат два до четири часа во парохиските цркви и три до шест часа во манастирите.
Наутро, еден по еден се служат Третиот и Шестиот час како и Божествената литургија. Во храмовите со голема посетеност во неделните денови и празниците се служат по две литургии – порано и подоцна.
Во оние денови, кога Литургија не треба да се служи (на пример, во петокот од Страсната седмица), се извршува кратка Богослужба – Изобразителна. Таа Богослужба се состои од неколку Литургиски песни, како би ја “изобразиле” Литургијата. Но, Изобразителната Богослужба нема статус на самостојна Богослужба.
Кон Богослужбите, исто така, се вбројуваат и сите Свети Тајни, обреди, читање на Акатист во храмот, заедничките читања на утринските и вечерните молитви како и правилата кон Светата Причест.
Покрај секојдневните црковни Богослужби, се извршуваат служби за потребите на христијаните, односно, треби. На пример, крштевки, венчавки, молебни, парастоси и други.
Богослужбите се извршуваат обично во храмот исклучиво од свештенослужителите, а верните во нив учествуваат со молитва и духовно пеење.