О. М. Белјаев наведува еден важен случај од животот на отец Јован. Благодарејќи на интригите на непријателите на отец Јован, против него била донесена тужба поради различни нарушувања на црковниот Устав и други злоупотреби.Митрополит Исидор примил тужба против отец Јован и сакал да ја прочита, но на свое изненадување, пред себе видел само бел лист хартија. Мислејќи дека подносителите на тужбата направиле некоја грешка, или во прашање е можеби некаква шега, митрополитот им се обратил со прекор.
Но, и подносителите на тужбата исто така биле многу изненадени, и го убедувале митрополитот дека дадена му е тужба напишана баш на тој лист хартија. Поради тоа што и понатаму не можело да се види ништо напишано на хартијата, без разлика на убедувањата на тужителите, решиле да го повикаат лично самиот отец Јован.
Кога дошол отец Јован кај митрополитот, предложил со молитва да се обратат кон Господа за Самиот Господ, да им покаже што значи таа чудна појава. И што се случило? После молитвата на отец Јован, митрополитот го погледнал белиот лист хартија кој му бил предаден и јасно ја видел тужбата против отец Јован, која била напишана. Прочитувајќи го напишаното, митрополитот Исидор истиот миг го искинал листот хартија и им рекол на тужителите дека сѐ што видел во врска со тужбата, е чудесно видение од Самиот Господ и дека нивните тужби се потполно лажни, кои само го валкаат светлото име на отец Јован Кронштадски.
* * *
30 август, 1901 год., по завршувањето на Литургијата која се служела во штотуку осветената Кончанска камена црква, од страна на отец Јован Кронштадски, претставници на Суворовската комисија, професори на Генералштабната Академија, генералите Орлов, Млешевски и полковник Сулими – Самуило им предложиле на свештенството и почесните гости да отидат на ручек во локалната школа.
За време на ручекот, на отец Јован на раце му донеле жена на еден селанец од Румјанцевска Горка, Авдотија Атанасјевна, стара 32 години, која во тој миг била во бесознание. Таа живеела во брак седум години и била опседната од зол дух.
Отец Јован го прашал локалниот свештеник за што се работи, и дали е демонизирана. После потврдниот одговор, отец Јован побарал од болната да го погледне.
Изгледало дека болната, која била во несвесна состојба не ја слуша наредбата, па со нежен, но одлучен и заповеднички глас повторил и втор пат и трет пат. Кога пастирот малку погоре ја подигнал болната, присутните го забележале нејзиниот матен и залутан поглед, кој постепено станувал појасен и се насочил кон лицето на отец Јован. Баќушката ѝ наредил да стане, но оние кои ја донеле рекле дека таа не е во состојба да стои. Баќушката го повишил гласот и рекол: „Пуштете ја, ќе стои!“. Болната застанала на нозе и малку се нишала како да бара рамнотежа, а потоа стоела цврсто и сигурно.
„Прекрсти се“! – рекол отец Јован. Со колебање и некаква непокорност на таа заповед од болната, почнале очите да ѝ се затвараат.
„Прекрсти се! Тебе ти велам, прекрсти се!“ – се разнел во тој миг моќниот и заповеднички баќушкин глас.
Најпрвин со напор, но потоа со постепено ослободување, болната се осенила со крсниот знак. На нејзиното лице се гледала тромост, очите ѝ биле полузатворени. „Отвори ги очите, и прекрсти се пак!“ Очите на болната се отвориле. Со сигурно движење на рацете болната се прекрстила. Отец Јован се повлекол наназад чекор-два, и ѝ рекол да му пријде. Првиот несигурен чекор – и нејзините очи пак ѝ се затвориле. Пак наредба да гледа во баќушката и да се прекрсти. Болната се покорила. Нејзините очи се отвариле. Погледот ѝ станал потполно јасен, изобразувањето на крстот – цврсто.
„Прегрни ме!“ Болната паднала на рамото на баќушката и го целивала. Баќушката со молитва се наведнал над неа. Во мртва тишина запрепастени набљудувачите кои стоеле најблиску до баќушката, едвај го слушнале неговиот збор: „Излези“! Потоа, отец Јован климнал со главата и веќе гласно ѝ рекол на болната: „Оди и моли се на Бога“.
Гледајќи, дека роднините сакаат да ја придржуваат да оди, отец Јован рекол: „Оставете ја сама ќе оди!“ Болната сама го свртела лицето кон присутните. Нејзиното лице било озарено со некаков неовозмена радосна насмевка.
Нервозната напнатост на присутните се претворила во плач. Сите ги зафатило исто чувство на умиление. Ридале обичните луѓе и плачеле интелектуалците. Очите на едниот генерал, кој неколку месеци претходно ја поминал цела Манџурија и ги видел сите ужаси на Кинеската војна, му се исполниле со солзи. Залуден му бил неговиот труд да се совлада. Солзите на умиление лесно се тркалале по неговиот образ.
(продолжува)
Претходно: Примери на чудесната помош, по молитвите на свети Јован Кронштадски (1 дел)