Своевремено, оваа случка ми ја раскажа јеромонах Теофилакт (Белјанин), кој се подвизуваше во Псково-Печерскиот манастир. Таа влезе во неговиот ракописен зборник „Ова се случи во наше време“.
Настанот се случил во 70-те години од минатиот век. Едно советско семејство шумно го празнувало роденденот на таткото на семејството. Со сите обичаи, трпеза, здравици и пијанки. И во големата веселба, некако заборавиле на петгодишното синче на славеникот. А тоа се вртело околу гостите, лазело под масата, и одеднаш, незабележливо за родителите, излегло на забранетиот за него балкон. А нивниот дом се наоѓал на осми спрат.
Во веселбата, дошле и до момчето. Гледаат: никаде го нема. Ниту во собите, ниту во кујната, ниту во ходникот. Вратата е затворена, не можел да излее. Родителите се насочиле кон подотворената врата од балконот. И таму го немало! Во ужас, таткото погледнал долу, запрепастено очекувајќи да го види на земјата телото на неговиот син, – а неговиот Саша спокојно си играл во тревата. Не чекајќи го лифтот, таткото пролетал по скалите, излегол надвор, го кренал синот в раце, го прегрнал и прашал:
- Саша, како се најде тука?
- Тато, а ти нема да ме караш?
- Не, синче.
- Знаеш, мене ми беше досадно, отидов на балконот, почнав да гледам долу, а таму беше многу интересно. Се навалив – и летнав надолу. Но, додека летав, ме потфати еден дедо.
- Кој дедо? Дедо ти седеше со нас.
- Не, друг. Убав дедо, со кратка бела брада. Облечен, како во црква. Тој ме донесе до долу, ме спушти на тревата и исчезна.
Таткото не знаел ни што да мисли. Во неговата материјалистичка глава тоа воопшто не фаќало место. Тоа било против сите закони на физиката, против законот на земјината тежа. Но син му е жив. И не можел да излезе низ затворената врата! Тоа веќе ги надминувало сите правила.
За радост на сите гости, таткото го донел Саша дома, го седнал кај себе в раце, и веќе не го испуштал од поглед. И наеднаш син му рекол:
- Тато, се сетив на кого е сличен тој дедо.
Таткото отпрвин не сфатил:
- Кој?
- Како кој? Тој, што ме спаси.
Саша го одвел таткото во собата на бабата. Таму, се качил на столчето и покажал со прст на старата икона на свети Никола, во скромниот убав агол:
- Тато, ова е тој?
Ѓакон Владимир Василик
Извор: http://www.pravoslavie.ru/88860.html