На 18.12.2015 г, празнувајќи го споменот на св. Нектариј Атонски и Битолски, заштитник на градот Битола, во соборниот храм „Св. Димитриј“, Битола, се отслужи Архиерејска Божествена Литургија.
На Литургијата чиноначалствуваше, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Петар, во сослужение на бројно свештенство и верен народ од сите градови во Епархијата. Во свештенички чин, Владиката го ракоположи ѓаконот Ецо Велјаноски, и го постави за парохиски свештеник на Беранечката парохија.
После Литургијата, низ улиците на градот Битола беше направена Литија со моштите на светиот Агатангел Битолски, воспевајќи ги тропарот и стихирите од житието на светиот Нектариј.
Преподобниот Нектариј беше родум од Битола, Македонија, каде се роди во 1406 и му беше дадено името Никола. При наездата агарјанска, неговите родители, за да не бидат заробени, побегнаа во планината. Тогаш таткото на Никола, во договор со жена му, ги зеде двата сина и појде да се замонаши; на постриг го доби името Пахомиј, во манастирот на светите Бесребреници, кој се наоѓаше во подножјето на планината во која се сокрија.
Еден монах, по име Дионисиј, кој беше член на братството од келијата на Архангелите близу Кареја на Света Гора, го зеде Никола и го одведе на Света Гора. Таму тој стана монах, и го доби името Нектариј. Се подвизуваше во послушанието кон неговиот старец, Филотеј, кој го имаше дарот на проѕорливост.
На неговите подвизи другите можеа само да му позавидат; беше обдарен со такви добродетели, што стана познат низ цела Света Гора Атонска. Многупати Сатаната сакаше да го фрли во грев преку неговите соподвижници, но Нектариј, со благодатта Божја и неговото големо смирение им одолеа на сите искушенија. Во мир се упокои преподобниот Нектариј на 5/18 декември 1500 година.
По неговите свети молитви, Господ Бог да нѐ помилува.
[nggallery id=89]