Дедо Мраз е на покривот

Годинава е пуста, улиците се неосветлени, а новогодишните светилки станаа непозната
атракција за градот кој порано беше поим за светла Нова година. Децата живеат во црно-бел
свет, понекогаш во своите фантазии ја бараат црвената боја и ликот на еден белобрад старец.
Снег немало неколку години наназад. Зимата носеше само пустош и дополнителни грижи.
Жителите на овој град беа уништени како да биле сведоци на несреќа што не може да се
избрише од нивните сеќавања. Но, никој не знаеше што точно се случи. Одеднаш исчезна сета
магија, огнометите престанаа. И човекот што секоја година викаше по улиците со
препознатливиот глас продавајќи балони и лампиони, го снема. Ги снема и кучињата
скитници, тивко се повлекоа некаде во непознати краишта.

Постоеше закон во тој град што не дозволуваше да се спомнува името на „Дедо Мраз“.
Се разочараа од него и најголемите верници, им беше јасно дека живееле во заблуда… Да, но
барем беа среќни. Тој ги разочара онаа година кога не се појави, покрај големите украси на
секоја врата и писмата пратени кон неговата адреса, покрај големите почести Дедо Мраз не
дојде. Некои мислеа дека можеби се разболел, други тврдеа дека сигурно заборавил да ги
посети, трети го оправдуваа со тоа што мислеа дека не може да достигне да ги посети сите,
дека веќе остарел премногу. Му треба замена велат.

Денот кога требаше да ја дочекаат Нова година граѓаните беа збунети, никој не излезе
на плоштадот, никој не прослави на никое друго место освен дома. Немаше подароци, немаше
ни свеќи, ама баш ништо кое би потсеќало на празник што се случува еднаш во 365 дена.
Едно мало русокосо детенце излезе од својата куќа и погледна кон небото, но погледот
изненадено му запре на покривот. Таму виде нешто црвено, оваа боја го извлече од црно-
белиот свет на возрасните.

Почна да вика: „Еј, ене го Дедо Мраз, на покривот е!“.

santa

Но, беше заборавил дека тоа име не смее да го спомнува. Ги затвори очите, a кога повторно ги
отвори виде само една сјајна ѕвезда на небото што намигнуваше кон неговиот дом.
Се насобраа луѓе, му рекоа: „таков човек не постои“. И го затворија меѓу решетки.

Ѓургица Костадиновска