Примери на чудесната помош, по молитвите на Свети Јован Кронштадски

Еднаш, додека живеев во Бугарија, бев и кај еден баќушка, кој служеше во рускиот храм и видов на неговата маса книга „Два дена во Кронштад кај отец Јован Кронштадски“. Го замолив отецот да ми дозволи да ја понесам со себе дома таа книга за да ја прочитам. Проучувајќи ја подетално книгата го сознав следното.

Слушајќи постојано за слава и чудата на отецот Јован неколку студенти (духовно неупатени) решиле сами да го посетат Кронштад, да го видат баќушката и лично да се уверат во вистинитоста за она што го слушнале.
Пред сѐ, по доаѓањето во Кронштад успеале да се најдат во олтарот на Андреевската црква и со сопствени очи да видат како отец Јован ја завршува богослужбата. Во текот на целата служба, секоја молитва која ја изговарал се одразувала на неговото лице, кој израз постојано се менувал. За два дена, колку што биле во Кронштад, повеќе пати биле сведоци како отец Јован исцелува болни и одговара на потребите на страдалниците. Еден од карактеристичните случаеви на исцелување од болест, било исцелувањето на една болна жена на некој татарин. Еве како било.
Кај отец Јован дошол еден татарин и му рекол:
– „Мојата жена е многу тешко болна, никој не може да ѝ помогне. Слушнав дека твојот Бог е над Алах – помоли се да оздрави“.
– „Клекни на колена со мене да се помолиме заедно! Повторувај ги зборовите на молитвата по мене!“ – рекол отец Јован.
И така баќушката и татаринот паднале на колена, а татаринот внимавал и ги повторувал зборовите на молитвата кои ги изговарал отец Јован. Долго тие се молеле, кога на крајот отецот станал, а татаринот отишол дома. Не поминало ни саат време кога студентите го здогледале татаринот како со трчање се враќа кај отец Јован. Бил многу возбуден и кога стигнал паднал на колена пред отецот и извикал: „Мојата жена е здрава и сакам целата моја фамилија да прими Православие!“
Сѐ што видела таа група на студенти, толку многу се врежало во нивните души и толку длабоко ги допрело нивните срца, што сите, освен еден, го избрале за во иднина духовниот живот и свештеничкиот чин.

Генерал-мајор Василиј Иванович Игњатиев

(продолжува)