Христовата светлина го просветлува светот

 

Светлината како поим, постојано го привлекувала вниманието на човекот низ сите времиња и кај сите народи. Затоа таа опфаќа едно големо поглавје во изучувањето на духовноста на човекот, а култот на светлината зазема значајно место во историјата на религијата.

 

Веднаш треба да се каже дека, постојат два вида на светлина: физичка – создадена и духовна светлина, која е несоздадена. Физичката светлина постанала едновремено со космосот. Таа ни помага да можеме, со своите физички очи, низ мракот да видиме сè што ни е потребно. Несоздадената духовна светлина ги осветлува духовните очи. Таа извира од Бога и е толку светла, така што, со нејзиното присуство, човекот нема потреба ниту за сонцето, ниту за физичката светлина. Нејзин Извор и нејзина Суштина е Бог, Кој е вистинска Светлина во космосот.

 

Сам по Себе, Бог е светлина, која не е опфатена од темнината, ниту темнината може да најде некаков агол за таму да се насели. Он е единственото сонце, чијашто светлост оди до бесконечноста. Па така,  кога Бог ќе засветли, исчезнува сета темнина и неа никаде повеќе ја нема, како воопшто да не постоела.

 

Божјата светлина е како широк пат. Патот не ги одбира патниците, ниту се лути затоа што по него, освен царевите, одат и коњите на царевите. Ниту, пак, е патот виновен ако некој на него се лизне и падне во јама, или ако некој, натоварен со тешко бреме, падне на него и се повреди. Божјата светлина е како мајка. Таа, со својот непроменлив глас и со својата непроменлива љубов, вика по своите деца и тие го слушаат нејзиниот мајчин глас и доаѓаат при неа.

 

Преку Господа Исуса Христа, несоздадените Божји зраци продираат во светот – космосот; небото слегло на земјата, а земјата се издигнала до небото.  Преку Него се открива вистината и светлината.  Оној, Кој е роден пред сите векови, во времето се раѓа како Човек во темна пештера, која со Неговото раѓање постанува посветла и од најосветлената зграда во светот.  Сега и свети Јован Богослов отворено говори за Бога како светлина, или за Христа Господа како за „Светлина на светот“.

 

Извор на светлината е Бог, Кој се открива како светлина. Светлина е и Синот Божји, Единородниот, Кој е роден од Отецот на светлината. Он Самиот за Себе вели: „Јас сум Светлина на светот“. Тоа значи: Господ Исус Христос го отвора патот кон Отецот на светлината и на „секој добар дар“ . Он се воплотил, за да биде светлина на светот и да „го осветлува секој човек, што доаѓа во светов“. Оваа светлина се шири преку слушањето на Евангелието, преку Христовата наука, која делува како светлина, и тоа тројно.

 

Христовата светлина го преродува човекот-верник, блеска преку неговите добродетели, остварени врз единството на неговиот живот во Христа и во благодатта на Светиот Дух. Првите силни пламења на Христовата светлина, биле Неговите ученици – светите Апостоли, потоа нивните следбеници – апостолските Отци. Такви блескави и силни светила се: свети Атанасиј Велики, свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов, свети Никола, свети Ѓорѓија, света Петка…  Еден таков пламен од Христовата светлина е и нашиот патрон, нашиот свети Климент Охридски.

 

Светлината на светот – Христос, ја протерува сета темнина на овој век. Го отвора небото и нè води во новиот век. Овде верните се сретнуваат со Светлината, која е „убавина на идното, беспочетно и вечно Божјо Царство“. А таму, во Царството, „нема да има ноќ, и не ќе има потреба од светило, ниту од сончева светлина“ – ќе рече свети Григориј Палама. А, пак, благодарение на благодатта, станавме многубројни сонца кои го следат единственото Сонце – Христос. А бидејќи Христос, „сé опфати со силата на Својата Светлина, на достојните им подари непрекината и непрестајна Светлина и ги објави како сонца“ .

 

Самиот Христос рекол: „Јас сум Светлина на светот, кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“. За Светата Црква свеќата е симбол на Христа и Неговата светлина со која се растерува темнината во душата на човекот и во светот.

 

Светлината имала и духовно значење. Еден од црковните писатели од првите векови по Христа, Тертулијан запишал: „Ние никогаш не извршуваме богослужение без запалени свеќи. Но, не ги употребуваме само за да ја растераме темнината, туку за тоа што палејќи ги свеќите Го изобразуваме Христа, несоздадената светлина, без кого и напладне би оделе во темнина“.

 

Запалената свеќа ја претставува светлината на нашиот Господ Исус Христос со која тој ја осветли Вселената. Тој самиот рекол „Јас сум Светлина на светот“. Запалената свеќа, односно Светлината како термин, повеќе се употребува во библиската симболичност. Со неа се карактеризира божјото присуство и благодатта. Со запалената свеќа се покажува контрастот меѓу доброто, одосно светлината и темнината, која го претставува злото. Божјата светост се изразува со терминологијата “Непристапна светлина“, а верниците во неа се нарекуваат чеда на Светлината.

 

Во палењето на свеќите има и христолошко значење. Христос е вистинската светлина која ги осветли оние кои беа во темнина и сенка смртна. Во богослужбите се употребува и реченицата „Светлината Христова ги осветлува сите“.

Запалената свеќа ни ја симболизира светлината што ја создаде Бог. И рече Бог: „Нека биде светлина! И би светлина.“  Тоа е симболот на духовната светлина. Тоа е Христос, Кој е „вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓа во светов“. Запалената свеќа и го осветлува патот на молитвата до Бога. Таа е како патеводителна светлина. Свеќата е израз на верата, надежта, љубовта…

 

Запалената свеќа го радува Бога.

Запалената свеќа ја гледа Богородица.

Запалената наша свеќа ја примаат светителите.

Запалената наша свеќа го грее небото.

Запалената наша свеќа светлее во Царството Божјо.

Запалената свеќа ни го осветлува патот кон Вистината.

Запалената свеќа ги весели душите на праведниците.

Запалената свеќа ги радува покојните.

Запалената свеќа е прослава за Црквата Божја.

Запалената свеќа ја топли нашата душа.

Запалената свеќа ја разгорува нашата љубов.

Со нашата запалена свеќа Му благодариме на Бога.

ana-slika2

 

Подготвија учениците од 6 одд. при секцијата по предметот Етика во религиите од ОУ „Свети Климент Охридски“ по повод патрониот празник.