Поуки за благочестив живот – од делата на архиепископот Костромски Платон

 

Привикнувај се да стануваш рано и во одредено време. Без посебна причина не спиј повеќе од седум часа. Штом се разбудиш и расониш, вознеси ја својата мисла кон Бога и со стравопочит прекрсти се, сеќавајќи се на распнатиот Господ Исус Христос, Кој заради нашето спасение умре на крст. Веднаш стани од креветот, облечи се и не дозволувај долго да се излежуваш. Облекувајќи се, имај на ум дека се наоѓаш во присуство на Господ Бог и ангелот чувар, и сеќавај се на паднатиот наш праотец Адам, кој со грев се лиши од облеката на невиноста, и моли го Господ Исус, за со благодатта да се облечеш во Него.

Потоа без двоумење започни ја утрената молитва. Приклони ги колената, моли се со внимателност, побожност и најдлабоко смирение, како што прилега пред лицето на Семоќниот. Проси од него вера, надеж и љубов, благослов за новиот ден, како и сила за добродушно да примиш сè што ќе Му биде благоугодно од тој ден да испрати или допушти. Моли се и за поднесување на сите тешкотии, неволји, тортури, искушенија, тага и болести на душата и телото, од љубов кон Исус Христос.

Стекни цврста намера сè да правиш поради Господ Бог, да примаш од Неговите татковски раце и особена решителност да направиш нешто конкретно добро или избегнеш некое конкретно зло. Секое утро барем четвртина од часот посвети го на кратко размислување за вистините на верата, а особено за неспознајното тајно воплотување  на Синот Божји и за Неговото Второ страшно доаѓање, за пеколот и за рајот. Размислувај вака: можеби овој ден е последен ден од мојот живот и се прави како да се подготвуваш моментално да застанеш пред судот Божји.

Заблагодарувај на Господ Бог што те сочувал претходната ноќ, што си уште жив и што не си умрел во гревови. Колку луѓе претходната ноќ излегле пред страшниот Господов суд! Исто така заблагодари на Бога што уште ти дава време, благодат, милосрдие и средства за покајание и достигнување на небото. Секое утро мисли за себе како сега почнуваш и сакаш да бидеш христијанин, а минатото време залудно поминало. По молитвата и размислувањето, доколку времето дозволи, прочитај некоја духовна книга, на пример Духовниот алфабет на свети Димитриј или Духовната ризница на свети Тихон Задонски, и читај се додека срцето не дојде во умилување. Добро размислувај за едно место, читај понатаму и внимателно слушај што Господ му говори на твоето срце.

Потоа занимавај се со своите работи и нека сите твои дела и работи бидат во слава Божја – помни дека Господ секаде гледа, дека ги гледа сите твои дела, работи, чувства, помисли и желби и дека милосрдно ќе ти возврати за сите добри дела. Не започнувај ниту една работа без да се помолиш на Господ Бог, бидејќи тоа што го правиме или зборуваме без молитва, подоцна се покажува како погрешно или штетно, и нè изобличува преку делата на непознат начин за нас. Господ рекол: „Без мене не можете ништо да направите“. Во своите трудови секогаш биди трпелив, а успехот припишувај го на Господа. Сè што ти е тешко, извршувај го како епитимија за своите гревови – во дух на послушание и смирение. Кога тешкотиите се задржуваат, искажувај кратки молитви, особено Исусовата молитва и замислувајте се себеси како Исус, Кој со пот на Своето лице Го јадеше лебот, напорно работејќи со Јосиф.

Доколку твоите работи успешно се извршуваат по желбата на твоето срце, заблагодари на Господ Бог. Доколку нема успех, помни дека и тоа Бог го допушта, а се што прави Он, добро е.

За време на ручекот замисли си  како Отецот Небески да ја отвара Својата рака да те нахрани. Никогаш не изоставувај ја молитвата пред оброк, а од својата трпеза оддели и за сиромашните. По оброкот сметај се себеси како еден од петте илјади кои чудесно ги нахранил Исус Христос и заблагодари му од срце, молејќи да не те лиши од небесната храна, од Неговото слово и пречистото Тело и Крв Негова.

Доколку сакаш мирен живот, сиот предај се на Бога. Нема да најдеш духовен мир додека не се смириш во единство со Бога, љубејќи Го Него единствениот. Секогаш и во се сеќавај на Господ Бог и на светата љубов Негова кон нас грешните. Во се труди се да ја исполниш волјата Божја и да му угодуваш на единствениот Бог. Работи се и истрпувај поради Бога. Не труди се да те уважуваат  и сакат луѓето на овој век, туку гледај да угодиш на Господ Бог и совеста да не те изобличува во гревовите. Ревносно бдеј над себе, над чувствата, помислите и движењата на срцето и страстите: кога е збор за твоето спасение ништо не сметај за неважно.

Кога мислиш на Бога, умножувај ги молитвите за Господ да те потсети кога ти ќе Го заборавиш. Во се учител нека ти биде Господ Исус Христос; гледајќи го во Него окото на умот свој, често запрашувај се себе: што во овој случај би помислил и направил Исус Христос. Биди кроток, тивок, смирен. Молчи и истрпувај по примерот на Исус. Он нема да те преоптоварува со крстот, кој не можеш да го поднесеш. Он Самиот ќе ти помогне да го носиш крстот. Немој да мислиш дека можеш да стекнеш и една доблест без тешкотија и страдање на душата. Проси од Господ Бог благодат да ги исполнуваш што е можно подобро, најсветите заповеди Негови, дури и доколку ти се чинат многу тешки. Кога ќе исполниш некоја заповед Божја, очекувај искушение, бидејќи љубовта кон Христос се испитува преку истрпувањето на неволјите. Не биди неработлив ни на кратко време, туку секогаш живеј во трудови и работа, бидејќи кој не се труди, не е достоен да се нарече човек. Повлекувај се во осаменост по примерот на Исус, Кој се оддалечуваше од другите луѓе, и се молеше на Отецот Небески. За време на душевните тешкотии или оладеноста кон молитвата и кон сите побожни дела, не откажувај се од делото на побожноста, бидејќи Господ Исус Христос три пати се молеше кога Неговата душа беше смртно натажена. Сè прави во името на Господа Исуса и така секое твое дело ќе биде благочестиво.

Бегај дури и од најмалите гревови, бидејќи кој не се оддалечува од малите, неизбежно ќе падне во големи и тешки. Доколку сакаш да не те вознемируваат злите помисли, со смирение прими понизување на душата и страдање на телото, не само понекогаш, туку во секое време, на секое место и во секое дело. Секоја мисла која те оддалечува од Господ, особено нечистата телесна помисла, оддалечи ја од срцето што побргу, како што од облеката се чисти и најмалата раска што ќе падне на неа. Кога ќе дојде таква помисла, моли се упорно: „Господи помилуј, Господи помогни ми, Господи, не оставај ме, избави ме од искушенијата“, или на некој друг начин. Но во искушенијата не се вознемирувај. Оној што допуштил да се дојде до тие неволји, ќе ти даде и сила за победа. Биди мирен со духот, воздигни се во Бога: доколку Бог е со тебе, кој ќе биде против тебе? Моли го Господ да оттргне од тебе се што го храни твоето самољубие, колку и да биде тоа тешко. Сакај да живееш и умреш единствено за Господ Бог и потполно предај Му се. Кога ќе претрпиш некое понижување од луѓето, помисли дека тоа е испратено од Бога заради твоето спасение, на тој начин, и кога луѓето ќе те навредуваат и ќе те фалат, ќе бидеш без тага и страдање. Доколку имаш храна и облека, биди задоволен со тоа по примерот на Исус, Кој заради нас осиромаши. Никогаш не се расправај, не штити се себеси премногу и не се правдај; без потреба или должност ништо не зборувај против власта или ближниот. Биди искрен и смирен во срцето, со љубов примај поуки, совети и изобличувања од другите, па макар и да си многу умен.

Не мрази, не завидувај, не биди многу строг во зборовите и делата. Што не сакаш на себе, не прави го на другиот, а што сакаш за себе од другите, тоа прво направи го на другите. Доколку некој те посети, обрати го своето срце кон Господ Бог и моли Го да ти подари кроток дух, смирен, соборен. Биди љубезен, скромен, внимателен, благоразумен, слеп и глув наспроти она што се случува околу тебе. Имај на ум дека Исус се наоѓа во оние со кои се гледаш и разговараш. Не зборувај ништо непромислено, секогаш имај на ум дека времето е кратко и дека човекот треба да даде одговор за секој празен збор. Разговорот нека има одредена цел и грижи се да го насочуваш кон спасение на душата. Подобро слушај отколку да зборуваш: кога многу зборуваш, нема да се избавиш од гревот. Проси од Господа благодат за да во вистинско време молчиш и зборуваш. Не распрашувај се за новостите: тие го расејуваат духот. Доколку твоите зборови донесат некому полезност, припиши го тоа на благодатта Божја. Кога си сам со себе, испитувај се себе да не си направил нешто полошо отколку порано, да не си паднал во грев каков што порано не си направил. Доколку згрешиш, без одлагање барај прошка од Бога, со смирение, скрушеност и воздигнување во Божјата доброта, и побрзај да произнесеш покајание пред духовникот, бидејќи секој грев, оставен без покајание, е смртен грев. Доколку при тоа не си сокрушен поради гревот кој си го направил, наскоро повторно ќе паднеш во него. Труди се секому да правиш добро, колку што и кога можеш, не размислувајќи дали тој ќе го цени тоа или не, и дали ќе ти биде благодарен. И не радувај се кога правиш некому добро, туку кога без злопамтило ќе поднесеш навреда од некого, особено од оној кому сте направиле добро. Доколку некој не го послуша твојот збор, не убедувај го со аргументи, туку само прифати го доброто што тој го одбил, бидејќи незлобливоста ќе ти донесе голема полезност. Но кога она што е на штета на еден, се шири и врз мнозина, тогаш немој да трпиш. Барај ја, не својата, туку полезноста на мнозина. Општото добро е поважно отколку поединечното.

За време на вечерата сеќавај се на последната вечера на Исус Христос и моли Го да те удостои за небеските вечери. Пред да заминеш на спиење, преиспитај ја својата совест, побарај просветлување за познавање на своите гревови, размислувај за нив, барај прошка, ветувај дека ќе се поправиш, наведувајќи сосема јасно и прецизно за што и како мислиш да се поправиш. Потоа предај се на Бога, како оваа ноќ да треба да се појавиш пред Него и поверете се себеси на Божјата Мајка, ангелот чувар, светителот, чие што име го носиш. Замисли дека твојата постела е твојот гроб, а чаршавот, покрив. Прекрсти се и целивај го крстот кој го носиш на себе под заштита на Пастирот Израилев, Кој, чувајќи те, нема да задреме ниту пак заспие. Доколку не можеш да спиеш или се будиш ноќеска, сети се на зборовите: На полноќ се слушна: Еве го младоженецот, или сети се на последната ноќ во која Исус Го молеше Отецот до крвава пот и моли се за оние кои оваа ноќ тешко боледуваат или умираат, за оние што страдаат и за упокоените, и моли го Господа да не те прекрие вечна темнина. На полноќ стани од постелата и моли се колку што имаш сила.

За време на болест пред се положи надеж во Бога и често сеќавај се на страдањата и смртта на Исус Христос и размислувај за тоа, поради закрепнување на својот дух во тешкотиите на болеста. Непрестајно вознесувај молитви, какви што знаеш и можеш, барај од Господ Бог опростување на гревовите и трпение за време на болеста. На секој начин воздржувај се од негодувања и раздразливост, така вообичаени за време на болеста. Господ Исус Христос заради нашето спасение претрпи најтешки болести и страдања, а ние што направивме или претрпевме поради сопственото спасение?

Што е можно почесто оди во храмот на богослужбите, а особено грижи се што е можно почесто да одиш на литургија. Неделата и празничните денови неотстапно посветувај ги на делата на побожноста. Наоѓајќи се во храмот, секогаш памети дека се наоѓаш во присуство на Бога, ангелите и сите светии. Остатокот од денот по литургијата посвети го на читање побожни книги и други дела на благочестивоста и љубовта. Именденот и роденденот особено  посветувај ги на делата на благочестивоста. Секоја година и секој месец строго преиспитувај ја совеста. Исповедај се и причестувај се со светите Тајни што е можно почесто. На причестувањето со светите Тајни секогаш пристапувај со вистинска глад и жед на душата, со скрушено срце, побожност, смирение, вера, воздигање, љубов. Што е можно почесто размислувај за страдањата и смртта на Исус Христос, и замоли Го со ризата на Своите заслуги да ги покрие сите твои гревови и да те прими во Своето Царство. Името на Исус секогаш имај го во уста, во умот и срцето. Што е можно почесто размислувај за големата љубов  на Господ Бог кон тебе, во Троица фален и славен, за да и ти Него го засакаш со своето срце, својата душа и со целата сила своја. Правејќи го сето ова, ќе се удостоиш со мирен живот на земјата и блажен на небото, во сите векови. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со тебе. Амин.

 

Извадок од делото:

Свети Нектарије Оптински,

И. М. Концевич, Манастир Тресије, 2000, 118 – 123.

 

Превел:

Петар М. Петковски,

студент при ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје