Тага по Бога – свети Силуан Атонски

Уште во детството го сакав светот и неговата убавина. Ги сакав шумите и зелените градини. Ги сакав полињата и сиот свет Божји, неговата восхитувачка создаденост. Сакав да го гледам пловењето на светлозрачните облаци по небесното синило.

Но, откако Го познав мојот Господ, и откако Он ја зароби мојата душа, сè се измени во неа. Јас веќе не сакам да го набљудувам овој свет. Мојата душа непрестајно копнее по светот каде што живее Господ.

Душата моја на земјата тагува како птица во кафез. И како што птицата вилнее од тесниот кафез да одлета во зелената шума, така и мојата душа копнее повторно да Го види Господа. Таа тагува по Него крикнувајќи: Каде живееш Ти Светлино моја? Ти гледаш дека јас со солзи Те барам. Да не ми се покажеше Себеси, не би те барал, така како што сега Те барам. Но, Ти самиот ме побара мене грешниот, давајќи ми да ја познаам Твојата љубов. Ти ми даде да видам дека Твојата љубов кон нас Те возведе на Крстот и дека Ти умре за нас страдајќи.

Ти ми допушти да познаам дека Твојата љубов те симна од небесата на земјата, дури до пеколот, за да сведочиме за Твојата слава. Ти, се сожали над мене, ми го покажа Твоето Лице, така што, сега мојата душа копнее по Тебе, Господи, не наоѓајќи спокој во ништо, дење – ноќе. Плачам како дете што ја загубило мајка си.
Но, и детето ќе ја заборави својата мајка, и мајката своето дете, кога ќе Те видат Тебе: душата гледајќи Те, го заборава целиот свет. Така и мојата душа копнее по Тебе, и тагува по Тебе, и не сака да ужива во убавината на овој свет.

Кога душата ќе ја познае Божјата Мајка во Светиот Дух, и кога во Светиот Дух ќе се сроди со апостолите, пророците, светителите, и со сите свети и праведни, тогаш незадржливо копнее по оној свет, но незапирливо тагува и плаче, не успевајќи да се оттргне од молитвата. Иако телото изнемоштува, бревтајќи да легне во постелата, душата тежнее да биде со Господа и во царството на Светиите.
Пристигна староста, телото изнемошти, но духот не мирува. Тој се граба да биде со Бога, со Својот Отец, родениот, небесниот. Он нѐ сроди нас со Себеси преку Своето Тело и Пречистата Крв, и преку Светиот Дух. Он ни даде да познаеме што претставува вечниот живот. Ние само делумно познаваме дека: Светиот Дух е вечниот живот, дека душата живее во љубовта Божја, во смирение и кротост на Светиот Дух. Но на Светиот Дух треба да му овозможиме да престојува во нашата душа, за јасно да го чувствува Него.

Кој на земјата живее во љубовта Божја преку Светиот Дух, тој и на небесата ќе биде заедно со Господа, оти љубовта не исчезнува. Но, да не згрешиме расудувајќи, да се смириме себеси според словото Господово: „Бидете како деца, зашто на таквите им припаѓа Царството Божјо”. (Матеј 18, 3).

†††

Господ рече: „Каде Сум Јас, таму ќе биде и мојот слуга, и ќе ја гледа Мојата слава”. (Јован 12, 26). Но, луѓето не го сфаќаат Писмото. Кога пак Светиот Дух ќе нѐ просветли, тогаш сѐ ќе ни биде јасно. И душата ќе се чувствува како на небото, зашто истиот Свет Дух е и на небото и на земјата, и во Светото Писмо, и во душите што Го љубат Бога. А без Светиот Дух, луѓето лесно се заблудуваат. И покрај тоа што постојано учат, Бога не можат да Го познаат и да најдат спокој во Него.
Оној што ја примил љубовта Божја, го љуби целиот свет, и никогаш не негодува над својата судбина. Зашто привремената неволја заради Бога, нѐ исполнува со вечна жизнорадосност.

Несмирената душа, сѐ уште непредадена на волјата Божја, има расеани мисли при што, никогаш не се моли со чист ум и не го прославува величието Божјо.

Душата која што смирено ѝ се предала на волјата Божја, секој миг невидливо Го гледа Бога. Ова е неискажливо за неа. Таа не може да изглаголи, зашто само преку опит ја познава милоста Божја. Душата знае кога Господ е со неа. Душата му се предава Нему како детето, нахрането и негувано, кое што не знае кој се грижи за него. Така и на душата ѝ е убаво со Бога, но како и зошто, не е во состојба да објасни.

Господи, просвети го Твојот народ со Твојот Свет Дух, за сите да ја познаат Твојата љубов.

Господ нѐ вдахнува да се молиме за луѓето, и станувајќи издржливи во молитвата, ја наградува душата. Толкава е милоста Господова кон нас!

Од книгата: „Таговна радост – радосна тага“
на старец Силуан