Може ли свештеникот да изврши крштение без фелон?

Бидејќи во нашата црква, некои свештеници, меѓу нив и теолошки образовани, започнаа да го извршуваат светото крштение без фелон, само со епитрахил, решив да ви го пренесам одговорот на Јован М. Фундулис, еден од најголемите современи литургичари, во врска со ова прашање. Прашањето и одговорот се наоѓаат под реден број 123, во првиот том од «Одговори на литургиски недоумици», издаден во Атина, 2006 година, на страна 242.

 

Може ли свештеникот да изврши крштение без фелон?

            За време на извршувањето на светите тајни, освен на исповедта, свештеникот задолжително носи епитрахил и фелон. Според стариот обичај извршувањето на светите тајни било за време на светата литургија, па така свештениците што ги извршувале, ги носеле комлетно одеждите за света литургија. Подоцна, поради различни причини, започнало да се отстапува од овој убав, древен обичај, но светите тајни повторно се извршувале со целосно свештеничко одејание, веднаш после завршувањето на светата литургија, како што се прават денес големиот водосвет и парастосите.

Но на крај било отстапено и од ова привремено решение, и така денес светите тајни, освен ракополагањето, се извршуваат независно од светата литургија. Тоа, дека за нивно извршување, свештеникот освен епитрахил носи и фелон, се потврдува со современата манастирска пракса, праксата на словенските цркви (посебно Руската) и со нашата посебна парохиска пракса, каде што има свештеници кои не се склони кон новатарии, но истото се потврдува и од ракописите.

Посебно за крштението, тие сведочат дека «Патријархот… се пресоблекува и облекува бели одежди и бели обувки» (Атински кодекс 662) или дека свештеникот доаѓа во крстилницата «облечен во фелон, епитрахил и ракавици» (кодекс на Лавра Θ88), или «ги облака фелонот и ракавиците» (Атински кодекс 665).

12208567_873581739405435_6498106957161363743_n
Свештеник Григориј Мицуно – Крштение во Јокохама

Изговорите што се однесуваат на крштението, дека фелонот го попречува движењето на свештеникот или дека ќе се извалка, не се издржани, бидејќи може, најдобро или да се префрли на задната страна и да се закопча за време на крштевањето, или да се носи предиплен на градите како што правеле старите свештеници на крштевањето и на приносот, а кога ќе е направен од обичен, ленен материјал, може често да се пери и да се одржува секогаш чист. За чинот на брак, наоѓаме пак сведоштво, дека свештеникот го извршува «носејќи ги свештените одежди» (Атински кодекс 668) или «откако ќе го стави фелонот» (кодекс на Лавра Λ105).

 

Превод: Александар Димоски