Господ вели – возљуби го ближниот како себеси (Мт. 25, 39). То ест, сакај го и разбери го другиот, како што се сакаш и разбираш себеси. Се сакаме ли себеси? Да се сакаме себеси не значи еден час да се гледаме во огледало – не го имам во предвид тоа, – туку да се почитуваме и цениме себеси, да се грижиме за себеси. Моето јас не е за фрлање во ѓубрето, зашто Бог го сака моето јас. Она, кое Бог го сака, треба и јас да го засакам и да го разберам – мојата душа, моите потреби, желби и карактерот. Нема да го засакам мојот егоизам, но ќе се обидам да разберам што крие. Значи, како човек ќе се сакам себеси, ќе ја сакам душата своја, затоа и се грижам за неа, затоа и одам во црква, за да си помогнам. Тогаш ќе можам да речам – се сакам и разбирам себеси.
Во секој случај, разбирањето е нашето вистинско, правилно поведение. Нашите души се сакаат и се разбираат помеѓу себе. Но од мали деца, ние сме израснале со различни совети, кои ни го пренасочувале нашиот ум и ни кажувале – тој е добар, тој лош, таму да зборуваш, таму да не зборуваш, тоа се лукави луѓе, тоа се лоши луѓе, а тие се добри… Кога го слушаме тоа многу пати, нашиот ум започнува да ги поставува луѓето во категории и не можеме да сакаме, како што сме сакале кога сме биле мали деца. Тогаш сите ги разбиравме, сите ги прегрнувавме. И гледаш дека во малечкото дете нема ниту лукавство, ниту дистанца. Ако две братчиња се скараат, после половина час тие повторно си играат, се сакаат. Заборавиле сè, иако предмалку едното го удрило другото и од тоа од носот му протекла крв. Но, сега го заборавило тоа. Душата не му држи злоба.
И така, колку што расте, умот се исполнува со страсти. Таму е проблемот – во нашиот ум. Започнуваме да не ги разбираме другите околу нас, и да ги поставуваме во шаблони, да им поставуваме табели, етикети и едни да ги цениме, а за други да се затвораме и да не ги сакаме. „Сакам“ повеќето пати значи – имам потреба од тебе, те контролирам. ТАка правиме ние. Го сакам некого, зашто ми помага. Покажав малку љубов кон еден човек и тој ми рече:
– Ела, оче, кажи ми што сакаш. Да ти направам некаква услуга? Да те однесам некаде?
– Зошто го велиш тоа?
– Па, обично, кога покажуваат љубов во животот, сакаат нешто!
Излегува дека сакаш, само кога бараш финансиска или некаква друга корист од ближниот.
Љубовта постои заради љубов и тоа е убавината на душата. Тоа, секако, не значи дека не придобиваш и други работи. Нема некој да љуби, а да не добие нешто во замена. Самиот Христос ни рекол – почитувај ги татко ти и мајка ти, за да поживееш долго, и да ти биде добро во животот. За да ти биде добро во животот, сакај ги – пак имаш определена побуда.
Љубовта, сама по себе крие голема убавина и ни ја исполнува душата. Но, има некои луѓе во нашиот живот, кои ни е трудно да ги засакаме и разбереме. Има многу, кои се различни од нас по начинот на мислење, карактерот, изразувањето – она, кое го нарекуваме менталитет, кое сите го имаат. Гледаме луѓе, со кои не си одговараме многу и веднаш велиме – со него не можам да имам многу заеднички работи, не го сакам! А светителите велат, дека колку што напредуваш духовно, белег за твојот духовен напредок ќе биде тоа, да можеш да прегрнеш сè повеќе луѓе, барем во срцето и во умот. Не велам да ги земете дома, да јадете заедно, да им поставувате трпеза, туку срцето да не им залепува етикети на луѓето, да не ги поставува во разни категории и да не ги отфрла.
Кога преуспеваме и напредуваме духовно, го сакаме целиот Адам. Христос го спасил целиот Адам, и целиот Адам е целиот свет, т. е. – сите луѓе. Кога сум духовен човек, постепено ги разбирам луѓето со различни карактери и гледам во нивните души, не ги гледам алиштата, не гледам како се облечени, што зборуваат, кој е нивниот надворешен изглед, туку ги барам нивните души и ги сакам сите. Не ги разделувам луѓето на групи.
Тешко ни е да ги засакаме другите, кои размислуваат поинаку од нас. Еднаш, на една маса еден човек ми рече:
– Денес, на оваа маса ќе имаме проблем – таму имаше еден негов роднина, кој не веруваше многу во Бога. – Ти, оче, ќе имаш проблем.
– Зошто да имам проблем?
– Зашто воопшто не верува во Бога!
– Ако не верува во Бога.
– И сега што ќе правиме, што ќе дискутираме?
– Нема да дискутираме – зарем треба да дискутираме со него и да се скараме? Ќе јадеме, ќе пиеме, ќе кажеме други работи – како оди работата, што прават децата, нема потреба да бараме поводи, за да се скараме, ако другиот не се согласува со мене…
Не смета. То ест – непотребно е нешто да стане повод за напрегнување и судири со луѓето. Немаат ли и тие болка во животот, немаат ли деца, кои имаат тешкотии на училиште, нема ли некој болен во нивното семејство? Ете, ќе најдеме допирни точки. Ќе зборуваме за Бога, без да разберат, ќе зборуваме за Бога. Нема да зборуваме како на проповед, а ако го разбереш другиот, ќе видиш дека и тој има своја болка, свои проблеми и маки. Така ќе го разберам.
Јас немам проблем – негово право е да не верува во Бога. Бог го сака и му дава живот. А зошто јас да го отфрлам? Или јас не сум почувствувал сигурност во мене за верата и ме дразни тоа, што другите не веруваат? Кога веруваш и го живееш она, во кое веруваш, не те интересира дали другите се согласни со тебе. Тоа е нивно право и слобода. Не се согласувам некој да не верува, но не можам и да го присилувам да верува.
Денеска дојдовте тука, затоа што сакавте да дојдете. Кој не сакаше, не дојде и никој не го чепка. Тоа значи – љубов и разбирање за сите луѓе. И многу пати оние, кои не се согласуваат со нас и имаат различни мислења, во одредени ситуации размислуваат поправилно од нас. Размисли – сега не зборуваме за Бога, но може и за Бога, детето твое, за кое ти велиш дека не верува во Бога, кога ќе го разбереш, да излезе, дека верува во поправилен бог од твојот? Детето може да вели – не верувам во Бога, и да има предвид – не верувам во богот на мајка ми, кој во неговиот ум е поврзан со казна, караници, одмазда и строгост. Бог не е таков. И добро прави детето, што не верува. Ако го разбереш, ќе видиш, дека има што да научиш дури од своето дете, кои не се согласува со тебе во еден или друг момент. Но, за да го направиш тоа, треба да го разбереш детето, да вникнеш во него, а за да го направиш тоа, треба да си флексибилен. Што значи – да не се инаетиш за своето мислење, дека „јас знам сè, нема потреба мене да ме учиш, јас поучувам, а не мене да ме поучуваат!“