Денес, на 24.10.2015 г, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение со Митрополитите Тетовско-Гостиварскиот г. Јосиф, и Кумановско-Осоговскиот г. Јосиф, изврши големо осветување на новиот храм, посветен на „Света Преподобномаченичка Параскева – Петка“ во населбата Точила, Прилеп.
После осветувањето, се отслужи Света Божествена Литургија, на која сослужуваа и деканот на Православниот Богословски Факултет, протоереј-ставрофор Ацо Гиревски, архиерејскиот заменик, протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, архимандритот Никола Трајковски, игуменот Григориј Настевски, како и повеќе свештенослужители од Преспанско-Пелагониската епархија.
Оваа заедничка радост за градот Прилеп ја споделија и претставници од локалната и државната власт, претседателката на комисијата за односи со верските заедници Валентина Божиновска, пратениците во Собранието Димитар Стевананџија и Ана Лашкоска, градоначалникот на градот Прилеп, Маријан Ристевски, претставници од бизнис секторот: Симо Наумовски – Витаминка Прилеп, и Ирена Јакимоска – Комфи-Ангел, ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, како и мноштво православни верници, кои несебично ја помагаа изградбата на овој свет храм.
На Литургијата пееја двата градски прилепски хора, едниот од црквата „Свето Благовештение“ и другиот при новоосветената црква „Света Петка“, под диригентската палка на протопсалт Георгиј Секулоски.
Благодарение на заедничкиот труд и молитви, градот Прилеп се здоби со уште еден светилник пред Господа, кој ќе служи за собирање пред Него, обединување во Господа, победување на сите маки и неволји, и растење во славата Господова.
За многу години претстојната слава на новоосветениот празник!
[nggallery id=69]