Преподобен Сергеј се родил во селото Варница, Ростов, на 3 мај, 1314 година, во семејството на благочестиви и познати родители Кирил и Марија.
На седумгодишна возраст Вартоломеј го испратиле на училиште, заедно со неговите двајца браќа – постариот Стефан и помалиот Петар. Неговите браќа учеле успешно, но Вартоломеј заостанувал во учењето, иако учителот многу работел со него. Родителите го карале детето, учителот го казнувал, а другарите се потсмевале на неговата неснаодливост. Тогаш, Вартоломеј со солзи се помолил на Господ да му дарува разбирање на книгата.
Еднаш, татко му го испратил Вартоломеј со коњите во полето. По патот, тој сретнал Ангел испратен од Бога, во монашки образ: стоел старецот под еден даб во полето и се молел. Вартоломеј се приближил до него, се поклонил и чекал старецот да ја заврши молитвата. Тој го благословил момчето, го бакнал и прашал што сака. Вартоломеј одговорил: „Со цела душа сакам да се научам на писмото, оче свети, помоли се за мене на Бога, Тој да ми помогне да го научам писмото“. Инокот ја исполнил молбата на Вартоломеј, се помолил на Бога, и благословувајќи го момчето, рекол: „Отсега, дете мое, Бог ти дава да го разбираш писмото, и ќе ги надминеш своите браќа и врсници“.
И оттогаш, светото момче без труд читал и ја разбирал содржината на книгите. Со посебна усрдност тој почнал да се задлабочува во молитвата, не пропуштајќи ниту една богослужба. Уште во детството си наложил строг пост, ништо не јадел во среда и петок, а другите дни јадел само леб и вода.
Околу 1328 година, родителите на Преподобен Сергеј се преселиле од Ростов во Радоњеж. Кога нивните постари синови се ожениле, Кирил и Марија, неодамна, пред смртта, примиле схима во Хотковскиот манастир на Покров на Пресвета Богородица, во близина на Радоњеж. Погребувајќи ги родителите, Вартоломеј заедно со брат му Стефан се оддалечиле за пустиножителство во шумата (на 12 милји од Радоњеж).
Претрпувајќи искушенија и напади демонски, Преподобниот се издигнувал од сила во сила. Постепено, тој станал познат меѓу другите монаси, кои го барале неговото раководство. Преподобниот Сергеј сите ги примал со љубовм и наскоро, во малечјата обител се составило братство од дванаесет монаси. Нивниот опитен духовен наставник се одликувал со ретко трудољубие. Со свои раце изградил неколку келии, носел вода, сечел дрва, печел леб, шиел облека, готвел храна за браќата и смирено исполнувал други работи. Тешкиот труд, преподобниот Сергеј го соединувал со молитва, бдение и пост. Браќата се чуделе, што при таков суров подвиг, здравјето на нивниот наставник не само што не се влошувало, но уште повеќе се зацврстувало. Не без труд, монасите го измолиле преподобен Сергеј да стане игумен на манастирот.
Славата за подвизите на преподобен Сергеј станала позната во Константинопол, и патријархот Филотеј му испратил на Преподобниот крст, параман и схима, како благослов за нови подвизи, Благословена грамота, и го посоветувал избраникот Божји да направи општежителен манастир.
Уште додека бил жив, преподобен Сергеј се удостоил на благодатниот дар на чудотворство. Тој воскреснал момче, кога очајниот татко помислил дека единствениот син е изгубен засекогаш. Славата за чудата, извршени од свети Сергеј, толку брзо се распространила, и кај него почнале да доведуваат болни, како од околните села, така и од далечни места.
Руската земја во тоа време страдала од татарското иго. Великиот кнез Димитриј Јованович Донски, откако собрал војска, дошол во манастирот на преподобен Сергеј да испроси благослов за претстојната борба. Како помош на великиот кнез, Преподобниот благословил двајца монаси од својот манастир: схимонахот Андреј (Ослабја) и схимонахот Александар (Пересвет), и му претскажал победа на кнезот Димитриј. Пророштвото на преподобниот Сергеј се исполнило: на 8 септември, 1380 година, на празникот на Рождество на Пресвета Богородица, руските војници прославиле целосна победа над татарските полкови на Куликовото поле, поставувајќи го почетокот на ослободувањето на Руската земја од татарското ропство. За време на борбата, преподобен Сергеј, заедно со браќата стоел на молитва и Го молел Бога за дарување победа на руската војска.
За ангелскиот живот, преподобен Сергеј се удостоил од Бога со небесно видение. Една ноќ, ава Сергеј читал го читал правилото пред иконата на Пресвета Богородица. Завршувајќи го читањето на канонот на Мајката Божја, тој седнал да одмори, но наеднаш му кажал на својот ученик, преподобниот Михеј, дека ги очекува чудесна посета. За миг, се јавила Мајката Божја во придружба на светите апостоли Петар и Јован Богослов. Од необично силната светлина, свети Сергеј паднал ничкум, но Пресвета Богородица го допрела со рака, и благословувајќи го, му ветила дека секогаш ќе ја заштитува неговата света обител.
Достигнувајќи длабока старост, Преподобниот, половина година претходно го видел својот крај, ги повикал браќата кај себе и го благословил на игуменство ученикот, опитен во духовниот живот и послушанието, преподобниот Никон. Во безмолвно осамеништво, Преподобниот се претставил пред Бога на 25 септември (8 октомври н.ст.) 1392 г. Вечерта претходно, големиот угодник Божји, за последен пат ги повикал браќата и им се обратил со заветот: „Внимавајте на себе браќа. Пред сè, имајте страв Божји, душевна чистота и љубов нелицемерна…“
Извор: http://www.pravmir.ru/tserkov-otmechaet-prestavlenie-prepodobnogo-sergiya-radonezhskogo/