Себичноста ја попречува врската со Бога

  • Старче, ми кажаа да си ги наполнам батериите со духовно полнење. Како се прави тоа?

 

  • Негувај го духовното благородништво, пожртвуваноста, за да те напушти себичноста. Себичноста е препрека за молитвата, бидејќи го одвојува човекот од Бога; создава изолација. Знаеш што значи изолација? Тоа е кога Бог ти вели: „Не те разбирам, дете мое!“

 

  • Старче, дали некој монах може да биде доследен во исполнувањето на своите духовни обврски, а да заостанува во пожртвуваноста, во љубовта кон браќата?

 

  • Да знаеш дека може. Ако мисли само на себе, тој може да се моли, да си налага големи подвизи, но да има високо мислење за себеси и рамнодушност кон ближните. Но, во тој случај секогаш ќе биде никаков. Бидејќи ако човекот се занимава сосебеси – не за да ги исуши своите страсти, туку за да работи на тоа што него го успокојува, што му пружа задоволство – не може да напредува.

 

  • Значи, Старче, и на послушанијата и инаку – во секупното однесување, монахот треба да биде правилен (точен).

 

  • Во сѐ! За да имаш врска со Христос, Христос треба да биде задоволен од севкупниот твој живот. А Христос ќе биде задоволен од твојот живот ако ти, во вистинска смисла на зборот, им удоволуваш на своите ближни. Заради тоа и нагласувам – духовно благородништво, пожртвуваност. Бидејќи, ако некој работи на духовен план, а не внимава на другите работи, на пожртвуваноста и останатото, го упропастува и тоа духовно дело со кое се занимава.

 

Кога заминав во манастирот Есфигмен (1953 година), како на почетник ми дадоа да помагам во трпезаријата. Тогаш едно осумдесетгодишно старче, сосема изнемоштено, ми побара во ќелијата да му донесам супа. Ќе го завршев послушанието и му носев супа. Еден ден ме виде некој брат и ми рече: „Внимавај да не го разгалиш, оти после постојано ќе ти бара помош и нема да те остава на мир; ниту пак, со духовни работи ќе можеш да се занимаваш. Знаеш ли што претрпев јас од него? Еднаш отидов малку да му помогнам бидејќи беше настинат, и после не ме оставаше на мир; секој час – чук-чук, ми тропаше на ѕид. ‘Учини ми’, велеше, ‘донеси ми еден чај’. ‘Ајде, учини ми, сврти ме малку’. Не поминувало многу време – чук-чук: ‘Учини ми, донеси ми топла цигла (некогаш топлите цигли се користеле наместо термофор)’. Цигла – чај, цигла – чај, и како после да стигнам да се занимавам со духовни работи? Полудев“. Го слушаш ли ти ова? Страшно! Старчето се мачи, стенка, бара нешто со што би си олеснил, а овој нејќе да дојде за да не си го прекине своето духовно делување! Потполно празна работа! Пред Бога поголема вредност би имало тоа „цигла – чај“, отколку метаниите и бројаниците што ги извршувал… Еднаш би велел: „Господи Исусе Христе, помилуј ме!“, а друг пат: „Остави ме на мир!“

 

  • Старче, како се стекнува благодатта Божја?

 

  • Кога човекот е сроден со Бога, Бог му го дава Својот благослов. Во спротивно што да му даде? Зарем човекот да го погази Неговиот благослов? Тоа и самиот го доживеав. Кога отидов на Синај, беше голема суша. Цела година не падна ниту една капка дожд, тоа претставуваше голема тешкотија за манастирот, а и за бедуините што живееја во близина. Монасите се молеа за дожд, но немаше никакви резултати. За време на режењето на маслинките во февруари (1963 година), и јас појдов да им помогнам. Бидејќи бедуините ги изрежаа дрвјата, монасите ги собраа дебелите гранки за манастирот, додека тенките гранки ги оставија на еден крај. Бедуините ги замолија монасите да им ги дадат тенките гранки за да си наложат оган за подготвување храна и за огрев, бидејќи ноќе беше многу ладно, но овие ги одбија и бедуините си заминаа нажалени. Наредниот ден, кога дојдоа бедуините и повторно ги побараа тенките гранки, ги собрав во купови сите тенки гранки и им ги дадов. Тогаш еден постар бедуин ми рече: „Ти си добар човек; ќе падне дожд.“ Навистина, кога се вратив во манастирот, почна да паѓа дожд и врнеше многу. Благословот на бедуините ги отвори небесата. Тогаш никому не му ја раскажав оваа случка.

Старец Паjсиј Светогорец, „За молитвата“, Поуки VI