КОЈ ВЛАДЕЕ СО СВОИТЕ СЕТИЛА – ВЛАДЕЕ СО ЦЕЛИОТ СВЕТ (Зошто имаме се помалку време)

Духовниот живот мора да биде насочен кон борбата за време. Во нашиот однос кон надворешното време од големо значење е доследноста и постоењето на ред при извршувањето на обврските. Ако нашиот однос кон работата е хаотичен, за извршувањето на обврските ќе ни биде потребно многу повеќе време отколку што самите обврски објективно имаат потреба од тоа.

Неопходно е, исто така, да ги намалиме своите потреби, како телесните така и душевните, и тогаш многуте грижи сами по себе ќе исчезнат. Кога станува збор за внатрешното време, мораме да имаме исклучително добар филтер кој е во состојба да го прочисти напливот на информации што ни надоаѓа. Затоа мора да научиме некое време да поминуваме во тихување, останувајќи насамо со својата сопствена душа. Нашите очи, уши и јазик честопати се претвораат во пукнатини преку кои неконтролирано се излева нашето битие. Ова води кон внатрешно опустошување. Затоа, христијанската аскеза бара контрола над надворешните чувства и над оној голем дар што го нарекуваме „слово“. 

За обработка, пакување, сортирање и складирање на информациите во огромните магацини на меморијата, неопходна е постојана потрошувачка на психичка енергија. Ако информациите од сите видови: вербални, сликовни итн., вклучувајќи ги и емоционалните, преминуваат одредено ниво, тие, еднакво на тешка работа што ги надминува нашите сили, ја разоруваат психата и ја пореметуваат рамнотежата помеѓу механичката и креативната меморија. Познато е дека човекот кој внесува голема количина храна го прави своето тело тромо и подложно на болести. Неговите мускули се претвораат во сало. На ист начин доаѓа и до „психичко дебелеење“, кога меморијата станува проширено црево на душата.
karelin
Архимандрит Рафаил Карелин

Најголем енергетски потенцијал поседува човечкиот дух – тоа око на душата. При изложеност на наплив од информации, што веќе личи на поплава, душата му ја одзема енергијата на духот и со тоа како да атакува на него. Душата како агресор ја окупира областа што му припаѓа само на духот и ги црпи неговите сили, како вампир ја смука крвта на својата жртва. Духот омалаксува и паѓа, а доколку ваквата состојба потрае со години, духот се парализира, не можејќи веќе ниту да ја согледа состојбата во која се нашол, ниту да чувствува болка.

Ако се обидеме да ја дефинираме состојбата на нашиот дух во овој момент, би рекле дека е тоа состојба на дремење, што ја ремети по некое кратко будење, но на кое се надоврзува длабок сон. А во сонот се губи чувството за време.
Времето оттргнато од вечноста навистина поминува како сон. Христијанското подвижништво не е ништо друго, туку реанимација на духот. Просторите на душата мора да се ослободат од одразите и сенките на надворешниот свет, од неговите копии, за на духот да му се овозможи она што му припаѓа по право од неговото царско раѓање. Тогаш човекот повторно ќе ја почувствува големата поставеност на времето, ќе ја почувствува леснотијата поради отфрлањето од себе на товарот што не му е својствен и ќе ја доживее радоста, како онаа што многупати го исполнувала во детството, чијашто убавина подоцна ја изгубил и заборавил.
Подвижништвото подразбира покајание, молитва, пост, борба со страстите и контрола над петте сетила. Преподобен Симеон Нов Богослов напишал: „Кoј владее со своите сетила – владее со светот“. Ќе додадеме: бидејќи во тешката борба Му се покорува на Оној Кој го создаде светот – Творецот на времето и на вечноста.


 архимандрит Рафаил Карелин, Зошто имаме сѐ помалку време?“