Слава на Успението на Пресвета Богородица – Трескавец

На  28.08.2015 година, во манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, на празникот Успението на Мајката Божја, беше отслужена Божествена Литургија. На литургијата присуствуваа и Претседателот на Република Македонија г. Ѓорге Иванов, министерот за внатрешни работи г. Митко Чавков и градоначалникот на градот Прилеп, г. Марјан Ристески. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Тропар глас 1

Во раѓањето си го сочувала девството, во успението не си го оставила светот, Богородице. Си се претставила во живот, Мајко на Оној Кој е живот, и со твоите молитви ги избавуваш од смрт душите наши. 

Беседа на Успението на Пресвета Богородица

  1. Ако пред Господа е чесна смртта на преподобните Негови (види Пс. 115,6), и доколку за праведниците си спомнуваме со похвали, тогаш дотолку повеќе ни доликува споменот на Светата меѓу светите, преку Која настапи секое осветување на светите, односно на Приснодевата и Богомајката, да го совршиме со најголеми пофалби. Впрочем, така и пристапуваме денес, празнувајќи го светото Успение или Преселување на Онаа Која само малку заостана зад ангелите, а сите ангели и архангели, и сите надземни сили кои се над нив, неспоредливо ги надмина според својата блискост со Бога и секоја твар, и по чудесата, од искони запишани и преку Неа извршени.
  2. Заради неа постоеја божествените пророштва на боговдахновените пророци, чудата кои однапред укажуваа на идното велико чудо на вселената – на оваа секогашдевствена Богомајка; промените на племињата и случките кои го подготвуваа патот за извршување на новата тајна поврзана со неа, заповедите на Духот кои на различни начини ја предизобразуваа идната Вистина; крајот, или, уште подобро, почетокот и коренот на подоцнежните чудеса и дела, исполнувањето на ветувањето Божјо на Јоаким и Ана, во тоа време највозвишени во добродетелта, дека тие, иако од младоста бездетни, во длабока старост ќе станат родители и ќе ја родат Онаа Која бессемено Синот ќе Го роди, надвремено (безвремено) роден од Бога Отецот пред сите еони; а исто така и заветот на оние кои така чудесно ја родија Онаа Која уште почудесно ќе роди, дека Даруваната ќе ја предадат на Дародавецот и, освен овој највозвишен завет, восхитувачката преселба на Богомајката, уште од младоста, од родителскиот во Божјиот дом; Нејзиното чудесно и долгогодишно пребивање во Светињата над светињите, каде под будното ангелско око ѝ беше носена неизречена храна, каква што ниту Адам не успеа да вкуси, оти тогаш не ќе отпаднеше од животот, како што ниту Оваа Пречиста не отпадна, иако беше од родот негов и ќерка негова – а сето тоа за да се покаже дека Таа, незначајно отстапувајќи ѝ место на природата, како и Синот нејзин, сега се пресели на небо од земјата.
  3. После оваа неизречена храна, следеше најтаинствениот домострој на заручувањето на оваа Дева, а потоа и прегратката, чудесна и надразумна, која се случи преку Архангелот кој од висините слета, и [домостројот на] Божјата објава и поздрав кои осудата на Ева и Адама ја преобратија, проклетството нивно го исцелија и во благослов го претворија. Посакувајќи ја таинствената личота на оваа Приснодева, Царот на сите и на сè, според пророштвото Давидово, небесата ги сви и слезе и ја осени; или попрво, во Неа се насели испостасираната сила на Севишниот, но не преку замрачување и оган, како што се случи со богозеркателот Мојсеј, или пак, ко Илија на кому низ бура и облак Тој му го објави Своето присуство, туку непосредно, и без било каква завеса, силата на Севишниот ја осени сепречистата и девствена утроба, и меѓу нив немаше ништо, ни воздух, ни етер, ниту било што од чувствените твари, или од оние што над нив се наоѓаат; не беше тоа осенување, ами непосредно соединување.
  4. Поради тоа и нејзината смрт е животоносна преселба во небесниот и бесмртен живот. Споменот на таа смрт е радосен благоден и вселенско светлопразнување, кое не само што ги обновува сеќавањата на чудесните дела на Богомајката, туку на тоа ги придружува и сеќавањето на општиот и нов светоапостолски синаксис, собран од сите народи поради ова сесвето погребение, на богооткриените славословија на боговдахновените апостоли, на ангелската стража, хорското пеење и служење околу неа, на апостолите кои претходеа, следуваа, содејствуваа, се спротивставуваа, одбиваа, го штитеа, кои помагаа и сесилно се восогласуваа со сите кои го величаа ова жизноначално и богоприемно тело, спасоносен лек на родот наш, со кое се гордее сета твар; на оние кои војуваа и со прикриена рака им се спротивставуваа на Јудејците кога овие со богоборна рака и дух го напаѓаа Самиот Господ Саваот и Син на оваа Приснодева, Кој невидливо присуствуваше и погребна почест ѝ оддаваше на Мајка Си. Во Неговите раце Таа го предаде својот богоносен дух, поради што и Нејзиното тело, соединето со духот, поскоро беше пренесено во вечноживото и небесно живеалиште, како што е и праведно, и како што ѝ доликува од исконот, па сè до сега.

 

Свети Григориј Палама, архиепископ Солунски
(Извор: http://agapi.mk/beseda-uspenie-palama/)

Известува: богослов Дамјан Трпкоски