Еднаш, тројца браќа ја виделе Среќата како седи во јама. Еден од браќата, се приближил до јамата и побарал од Среќата пари. Среќата му подарила пари, и тој си отишол среќен.
Другиот брат побарал убава жена. Ја добил и избегал со неа, надвор од себеси од среќа.
Третиот брат се наведнал над јамата.
– Што ти треба? – го прашала Среќата.
– А тебе што ти треба? – прашал братот.
– Извлечи ме одовде, – замолила Среќата.
Братот ѝ ја подал раката, ја извлекол среќата од јамата, се завртел и си заминал.
А Среќата тргнала по него.