Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи

Нема смисла. Нема зборови. Нема лага, нема измама.

Смртта ги обесмислува сите наши напори. Херојските потфати, најдлабоките емоции, верувања, надежи.

Нема коски кои ќе издржат до вечноста, и повторно да се облечат со жили, ткива и мускули. Нема воскресение од коски.

Нема бесмртно име кое се стекнало со божествени потфати; малку се имињата на херои, кои преживеале; после неколку генерации, ни тие нема да бидат. Побесмртни се оние во количини на иднивидуи, кои ги спомнуваат имињата на поп-ѕвездите, особено од треш културата.

Ретко кој го спомнува Леонид.

Кој од европејците се сеќава на кнез Лазар? Нема бесмртно дете. Смртта и него го грабнува. Преку децата имаме впечаток дека продолжува родот, но и тој ланец се кине. Среќа што не ги гледаме некои наши потомци… Би посакале да ги нема. Нема ни бесмртни мисли. Нема душа која би можела да мисли без тело.

Иста е судбината на паметниот и будалиот, ќе констатира Проповедникот. Затоа, за оваа граница, за која немаме лично искуство, ни преостанува да ќутиме. Не сме умреле, па да можеме да се правиме паметни.

Треба твојата смрт да ги има твоите очи.

kje dojde smrtta
фотографија на Марио Џакомели: „Кога ќе дојде смртта, ќе ги има твоите очи“

Твоја е. Парадоксално, како во таа негација и сиромаштвото да личи на богатство. Но, да не се лажеме. Сè што можеме да смислиме паметно и благородно, исчезнува со неа. Таа е граница, огледало, затоа го одразува твојот лик.

Сум имал искуство со смртта. Пријатели, драги личности. И тоа трагична смрт. Смрт на праведници. Тоа, како и холокаустот, ја става твојата вера на проба. Каде е Бог? Зошто молчи? Паднав на земја кога ми јавија дека загинал мојот пријател, свештеник, Овидије Сава.

Цело време мислев дека тоа е некој лош хумор на Романците, кога сакаат да се пошегуваат со некого. Чекав некој да ми заѕвони на врата и да ми се насмее, како сум „наседнал“. Но, никој не ми заѕвони… Не умрев, но скоро и да умрев.

nerezi
Оплакување на Христос – Нерези / илустрација на отец Зоран Џуровиќ

На едно опело, на една млада циганка, измачена душа, на која ѝ бев близок, се запрев на подот. Само дадов отпуст. Ни збор повеќе не можев да отпеам. Никој од присутните не ми рече ни збор, иако опелото траеше само 10 минути. Дури после некој ден, мојот помошник, кој обично пее, ме праша што се случи. – „Ништо“, одговорив. Останавме на тоа „ништо“, а тоа беше „сè“.

Верувам, дека никој, при здрав памет и без тешки неволји, не може убаво да зборува за смртта. Таа е врвно зло. Сите сла кои ги сретнуваме во животот се само попатни епизоди. Дури и можеме да се смееме отпосле над нив. Над смртта не можеме. Заради тоа, постојано ги користиме нашите одбранбени механизми – да го потиснеме стравот од смртта: јадиме, трчаме, работиме, правиме култура, зашто кога би биле постојано свесни за смртта, не би можеле да работиме.

Смртта не ја забележуваме кога умира „стоката“. Ја забележуваме дури кога ќе умре Човек. Кога сите би умирале кога ќе се наживеат, во длабока старост, кога веќе не им се живее, би мислеле дека смртта е нешто природно, нормално. Не би ни биле свесни за нејзината страшност. Често ќе чуеме: добриот и праведниот Бог го сака! – Каква хула! Велат, Бог, како домаќинката која сака да ја украси својата куќа, од бавчата го кине најубавото цвеќе. Човек добил рак, доаѓаат и му велат: Бог те сака… Кој од вас, родителите, толку го сака своето дете за да му даде болест да умре? Не правите ли сè, за тоа да се спаси? Мајката ќе ги преврти небото и земјата да најде лек за смртно болното дете. И таа е подобра од овој „бог“ како што некои го претставуваат! Но, ни на овие не треба да им замериме. Само се обидуваат да го рационализираат ужасот кој се појавува пред нив, но не се свесни за тоа, колку грда слика даваат за Бога. Со голи раце би го задавил оној кој би сакал да го растргне моето дете, па макар тоа бил и бог… а таквата смрт е општа. И сега, ќе дојде некој апологет и ќе ми каже: Бог го сака – Па и јас го сакам, но не така, за да би му дал да пострада. Бог го сака, тоа е сигурно, но не сака и не е негова желба тој така да пострада. – Тогаш, не откажувајќи се, велат: Којзнае зошто тоа е добро? – Таквиот би добил клоца без размислување, да летне на другиот крај на светот! Какво добро е невиниот да умре во најголеми маки, да му ја отсечат главата? – Да, но кој ги познал причините Божји? – А јас малку да те изгазам, па да се прашаме кои Божји причини се во тоа? Многумина го заслужуваат токму тоа, можеби преку потрес на мозокот, истиот би им влегол во употреба.

Друга христијанска хула, иако не е само христијанска, а која е спротивна на овој „оптимизам“ е обвинувањето, механизмот на кривица кој се придвижува сам од себе, затоа што е како всаден во човечката природа. Каков грев лежи во средината? Некој згрешил. Бог казнува. Тоа е рационализацијата на оние кои го доживуваат животот и односот со Бога по принципот на ретрибуција: Јас тебе ова, ти мене тоа. Праведен сум и фин, значи, сум те задолжил, па би било фер да ми возвратиш.

11796406_985735031470964_8486963605714160042_n
Медитација за смртта – Цртеж инспирисан од: Andreas Vesalius, „De corporis humani fabrica“/ отец Зоран Џуровиќ

Но, животот не е како што го разбираат овие тесногради луѓе. Нема трговија со Бога. Кога Исус го исцелил слепиот од раѓање, го прашале: Овој слеп човек, дали тој згрешил или родителите негови, та Бог го казнил со слепило? – Никој не згрешил, им одговорил Исус. Други се причините за тоа.

Отецот на Јордан рекол: Ова е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! И тој Син го моли пред да биде фатен и пред да пострада, од агонија и грч му капи крв од лицето, паѓа на земјата повеќе пати, изнемоштен, уплашен, го моли Отецот да го одмине тоа што следува, срамна и болна смрт, но Отецот не го услишува. Не го милува по главата, велејќи: Не грижи се, ова е минливо. Отецот не ја сакал смртта на Синот, Кој сиот свој живот Му го доверил Нему, Кој сè правел по Неговата волја, правел добро, никогаш зло, а сигурно не барал ни некоја искупителна жртва достојна за Неговата Возвишеност, која би требало да ги израмни гревовите на побунетите луѓе. Тоа сè, се луди идеи. Исто така, не е добро ни одвојувањето на субјектот во Христос, па се вели дека тој викал и се плашел од смртта заради нас, во својата човечка природа. Зашто ако Логосот, Синот не поминал низ оваа фрустрација, крајно истоштување, ако не ја допрел смртта, залудна е надежта наша.

Смртта и злото остануваат. Бог не ги отстранува. Можеби затоа што го цени човекот. Сака и човекот да биде учесник во своето спасение. Го цени како партнер. Над амбисот во кој гледаме, мораме да се одлучиме: Да го љубиме Бога и ближниот, да инвестираме сè што ни е најинтимно во ова и со доброто да го победиме злото. Иако знаеме дека злото останува. Дека нема одговор на смртта. Ни Исус не го дал. Го молел Отецот да го одмине страдањето, Му викнал: Зошто си ме оставил?, но не слегол од крстот. Не станавме робови кои ќе се поклонат пред очигледноста, туку оние, кои наспроти сè, се принесуваат себеси на олтарот на тој Бог во Кого имаат доверба, Кого го гледаат како Отец на љубовта. Само таквите имаат право да се сомневаат и да похулат, а таа хула да биде всушност најголемата молитва и љубов која може да Му се упати.

 

Свештеник, д-р. Зоран Џуровиќ

 

Рим, 02.08.2015.

 

Извор: http://www.pouke.org