Беседа за Божик 2013 година

Беседа од Празнична Божествена Литургија во Соборниот храм посветен на “Светиот Великомаченик Димитриј“ во Битола

И, откако дојде, Он ви благовести мир, на вас далечни и блиски, зашто преку Него и едните и другите  имаме  пристап при Отецот, во еден Дух#.

(Ефесјаните 1, 17-18)

Мили наши духовни чеда!

          Му благодариме на Бога, повторно што ги дочекавме светлите денови на Христовото раѓање. Да се веселиме и да се радуваме. За да ги зголеми нашите радувања, Светата Црква, во овие денови го одредила постот како средство и подготовка за прославувањето на Божик, мајката на сите празници. Завршувајќи го постот и приближувајќи се кон празникот, ние се чувствуваме како да излегуваме на слобода. Но, ние никако не смееме да се заборавиме и да се предадеме, насладувајќи се со нашите сопствени телесни задоволства. Од дамнина, овие денови се наречени свети. Заради тоа, и нашето радување треба да биде свето. Славете Го Христа, славете го така  при што со славословието ќе се насладува и душата и срцето, а секое друго световно дело кое ветува некаква утеха, ќе се задуши од љубовта кон Богомладенецот.

Браќа и сестри во Христа Богомладенецот!

 

          Синот Божји се раѓа и станува Син Човечки. Со примање на тело кое има разумна душа, Он станува човек, во се  еднаков на нас луѓето, освен во гревот. Него, натприродно Го родила Дева, притоа не лишувајќи се од девственоста. Поминувајќи го животот достоен на заветот, далеку од светската суета, Пресвета Дева Марија (Себеси) за најголемо добро го поставила општењето со Бога и исполнувањето на Неговата Света волја, така што Таа се удостоила со најголема благодат – станала Мајка на Господа кој од неа се Воплоти. Таа е вознесена над сите созданија и станала почесна и пославна и од самите војски ангелски, односно “Почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите.

          Оној, Кој го создаде човекот станува човек и се раѓа како човек за да го спаси човекот. Ние треба да гледаме со вера на тајната на Божественото Воплотување и без љубопитсво да го прославуваме Оној Кој благоизволил да дојде меѓу нас. Зашто, кој би можел, надевајќи се на силата на својот разум, да каже, како се зачнал Бог Словото? Како безсемено се образува Неговото Тело? Како е можно да е Мајка онаа која и после раѓањето останува Дева? Како Оној, Кој е Бог по Природа, стана човек по природа, не одрекувајќи се ниту од една природа: ни од Божествената (според која е Бог), ни од нашата (според која стана човек)? Сите овие тајни ги прима единствено верата, која е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа (Евр. 11, 1).

 

 

Возљубени празникољубци!

 

          Божик наближува. Нашата возбуда надоаѓа како плима во морињата. Во исчекување сме на големиот празник. “Да празнуваме, но не раскошно, туку Божествено; не светски, туку натсветски,; не наш празник, туку на Оној Кој стана наш, подобро речено, празник на нашиот Владика; не празник на болести, туку на исцеленија, не празник на создавања, туку на обновувања#.

          Да празнуваме сите!

          Браќа и сестри! Отворете ги ширум вашите порти, примете го бедниот во вашиот дом, понудете му топол оброк, седнете го до вас, на трпеза, нека го прослави Божик со вас, тогаш Бог ќе го посети вашиот дом, нечујно ќе влезе во вашите срца, ќе ве стопли со Својата несебична љубов и ќе ве награди за вашето гостопримство, а тоа е мал дар во споредба со добивката. Он ќе ве прегрне во Својата вечна прегратка.

          Браќа и сестри! Не ги оставајте сираците сами. Овој светол празник е и за нив. Богомладенецот во јаслите и за нив е дојден, и за нив се грижи. Ним не им требаат толку материјални добра, колу што им е потребна нежност, љубов, подадена рака и мајчина и татковска прегратка. Споделете ја радоста, во овој радосен ден, со овие напуштени чеда, најмили и најневини. Посетете ги, прегрнете ги, искрено, да почувствуваат дека сепак, човек знае да сака. Тогаш Богомладенецот ќе ве опсипе со бескрајна нежност и за навек, вашата душа ќе стане мека како памук.

          Браќа и сестри! Зарем на овој светол и торжествен ден, да ги заборавиме старите и изнемоштени лица? Зарем тие, не заслужиле ли со нас да го слават и да се радуваат на Христовото Рождество? ]е ги заборавиме ли и нив, кои до вчера ни беа родители, советници, лекари и.т.н? Нека Христос Богомладенецот, нашиот Бог, заедно со нас и со нашата љубов, ги допре и нивните срца, на нашите мили мајки, татковци, дедовци и баби, нека им подари мирни денови без болки и страдања.

          Браќа и сестри! Божик е за сите!

Ширум отворете ги срцата!

Ширум отворете ги портите од своите домови!

 

 

Христољубиви духовни чеда!

 

          Во времево во кое живееме, отповеќе се води грижа за тоа, да се сочува својата нација, во туѓина да се сочуваат своите национални посебности, својот мајчин јазик, обичаите и др. Словенецот, насекаде е Словенец, Германецот-Германец, а ваква грижа има и кај нас Македонците, и тоа е за пофалба. Самиот Господ го одредува местото на живеење и татковината (Дела 17, 26), секој човек со здрав разум и чисто срце го сака својот дом, својот народ, својата татковина; кога се наоѓа далеку од нив,-постојано се потсетува, како древните Евреи, кои во ропството Вавилонско викале за Ерусалим: “Ако Те заборавам тебе Ерусалиме,-нека ме заборави мојата десница, нека се залепи јазикот мој за непцето мое, ако не те помнам, ако не го поставам Ерусалим над секоја моја радост# (Пслам 136, 5-6). А кој се одрекува од својата татковина, тој наликува на оној кој се одрекува од своите родители; тој нема ни цена ни значење, тој е како празна монета, без грб и без лице.

          Но, ако треба да се чува и одржува својата нација, тогаш колку повеќе треба да се чува својата вера Православна?! Народноста, иако претставува добробит за успешен развој на човекот, сепак таа има само привремено значење во овој живот, но не во вечниот живот, “зашто таму нема ни Елини ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а с¡ и во с¡ е Христос (Колосјаните 3, 11);  за здобивање на иден, вечен живот, нема да ни биде потребно да ја чуваме својата народност, туку вистинската вера во Христа. На ова помислувајте, браќа и сестри, бидејќи Православната вера за вас претставува најдобро и најверно средство за задобивање на Царството Небесно но и средство за зачувување и одржување на вашата народност.

 

Возљубени чеда во Господа!

 

          Христос, нашиот вистински Бог, Кој слезе од небото и се роди во пештера повиен во јасли, нека се застапи за секого од нас поединечно и за секое семејство, и секој народ. Нека Неговата десница не чува од зло и Неговата Семоќна десница нека не закрилува секојдневно.

          Еве, настапува празникот најбитен од сите. Кој ќе го нарече почеток на сите празници – нималку нема да погреши. Каков е овој празник? Раѓање на Христа во тело; во овој празник имаат почеток и основ празниците Богојавление и Воскресение, Спасовден и Педесетница. Ако Христос не се родеше во тело, тогаш немаше ниту да се крсти-па немаше да има празник Богојавление; ниту би Пострадал-па немаше да има празник Воскресение; ниту би го испратил Светиот Дух – па немаше да има празник Педесетница (Духовден). Така, од празникот Рождество Христово, проистекле нашите празници како од извори разни потоци.

 

Нека е благословено Новото 2013 лето Господово.

Благодат и мир вам од нашиот Бог Отец и од Господ наш Исус Христос

(Гал. 1,3).   Амин.

Мир Божји – Христос се роди!

 

Ваш постојанен молитвеник пред Богомладенецот Христа,

Митрополит Преспанско-пелагониски и

Администратор Австралиски и Новозеландски

Божик 2012/2013 год.                                                                 +Петар