Господ рекол: Кој верува во Мене, од неговата утроба ќе потечат реки од жива вода. Тој тоа го кажал за духовниот живот на сите нас. Кога човекот живее вистински духовен живот, тој станува таков извор на вода, кој може да го напои целиот свет и да преобрази сѐ, до кое ќе се допре.
Тоа е и знак на духовниот живот во човекот, за кое Господ беседел со Самарјанката. Тој рекол, дека Бог е Дух, и дека вистинските поклоници на Бога, односно вистинските христијани, се тие, кои му се поклонуваат на Бога со дух и вистина.
И ете, денес е празникот, на кој ние се поклонуваме на Духот. Денешниот ден ни напоменува за они чудни собитија, коишто ги извршил Господ, кога им го испратил Светиот Дух на Своите ученици, Господ Животворец, Кој застанал над секој кој верува во Христос во вид на огнен јазик и го направил оган што гори, бидејќи Господ Сам за Себе рекол, дека Тој е оган. Таква неверојатна комбинација претставува Духот во човекот: тој иствремено станува пламен што гори, и извор на жива вода.
Ние понекогаш си мислиме, дека живееме духовен живот, зашто одиме во црква, се молиме, го читаме Светото Писмо, се исповедаме и причестуваме, и збирот од сите овие дјствија за себе ги нарекуваме духовен живот. Но, во реалноста знакот на духовниот живот е друг. Вчера го читавме делот од Стариот Завет , во кое Господ вели: Ќе создадам за Себе нов народ, и овој народ ќе има ново срце. Такви зборови вели Господ за луѓето кои живеат духовен живот: тоа е новиот народ, тие имаат друго срце и душа, тие се нови, не такви какви што се сите луѓе по срце и душа, не такви какви што сме ние со вас.
Ако внимателно се погледнеме во срцето, ќе го видиме, во него, сето она кое не би требало да присуствува во срецто на духовниот човек: завист, лага, корист, среброљубие, очајание, одбивност кон другите. Но, во исто време понекогаш во истото тоа срце, ужасно и страшно, се изразува жед на човекот и сака да има друго срце! Не сака да живее со тоа срце, со кое сега живее! И нели оваа тага по ново срце постои кај секој човек. На секој му е дадено да почувствува жед за друг живот, жед за друго битие.
И ете, ќе се погледнеш себеси и ќе разбереш: ги нема овие извори, мојата душа е како сува земја, изгорена од пеколната суша на гревот. Во неа нема ништо, кое вистински би можело да биде извор на жива вода, сето е исушено од нашата ветхост. Гледајќи ја нашата жед, Господ ни повикува: кој е жеден, да дојде при Мене и да пие. Но човек кој вистински копнее, кој доаѓа и пие, треба и самиот да се променува и да ја прифаќа неверојатната појава на Светиот Дух не во стари, испукани садови, не во оние мевови, кои не можат да задржуваат ново вино. Тој се влева во обновеното човештво, кое може да го прими благодатниот Божји Дух и да стане извор на жива вода, за да потечат реки и да може секој кој доаѓа да ја задоволи својата духовна жед со помош на верниот човек во Христа.
Наоѓајќи се постојано на изворот на жива вода, ние сепак сме по потрага на други извори на постоење, дури можности да ја задоволиме жедта во својот живот, сметајќи дека токму тие ни ја даваат онаа основа, која ни овозможува да постоиме во светот, некако да се реализираме во него. Светот постојано ни предлага такви извори, и ние прибегнуваме кон нив. Мислиме дека себеси се реализираме врз искуството во работата, во можноста за креативно да пораснеме, во нешто друго, се прилепуваме кон тоа, со тоа живееме и се храниме.
А, Господ ни повикува: „Дојдете при Мене и пијте! Станете извор на жива вода!“ И ние знаеме, дека тоа е така. Чувствуваме дека навистина е така! Но, прибегнуваме кон овој извор дури тогаш, кога веќе ни е многу лошо кога се задишуваме од соппствената сувост, од празнината на своето битие, кога нема веќе каде да се оди. Прибегнуваме кон благодатниот извор, пловиме до него и се враќаме кон стариот живот, прибегнуваме кон други извори и се обидуваме повторно и повторно да живееме телесен живот. И така живееме, пиејќи од време на време: имаме време, ние ќе дојдеме при Тебе, Господи, и ќе отпиеме, но ќе живееме не тука и со Тебе, а со самите себе, со своите интереси.
Ете, ние го поминавме Великиот пост. Какви сили ни даде тој на сите нас! Како се потрудивме во овие денови да се трудиме за Господа! И како ги поминавме останатите денови до Педесетницата? Со каква радост се одвраќаме од тој извор, мислејќи, дека ете, сега можеме конечно да си одмориме од Бога, малку да се опуштиме, да поживееме свој живот неповрзан со Христос. И веднаш почвата под нозете се лизга, повеќето главни нешта моментално се уништуваат: нема молитва, нема покајание, туку само окаменетост, сувост на душата и дрско срце, кое е страшно да го покажеме на Бога – ете, Господи, такво е нашето срце.
Но, гледајќи го дури нашето непостојанство, Господ одново доаѓа кај нас, за да го направи секој човек причасник на Својата Божествена природа, да му го даде Дарот на Својот живот, за да може човек конечно вистински да определи каде е изворот на неговиот живот, од каде црпи сили. Тој повторно и повторно ни овозможува да живееме живот со Него, да Го прифатиме во својата слободна волја, да се одвратиме од лажливиот сјај и да се прилепиме кон вистинскиот Извор. Нели Бог нема друг живот, освен духовниот живот. Бог е Дух и само оној кој Му се поклонува со дух и вистина е Негов вистински приврзаник. И ние треба да имаме еден живот со Бога. Не можеме да имаме различни или двојни животи, а само еден живот – Божји, духовен.
Господ ни дава радост преку обновувањето на Светиот Дух, кога во тие денови ние одиме во храмот и слушаме потресни молитви, во кои Црквата се моли дури и за оние луѓе, кои се оковани во веригите на адот. Во овој ден Духот Свет продира во целата длабочина на нашето малечко, мерзко срце, во нашата окаменета душа, за да ни ја покаже повторно и повторно радоста на духовниот живот и нашата вистинска намена.
Денес ние се молиме на Господа Тој да го обнови секој од нас, да вложи во нас ново срце, вистинско, чисто срце кое копнее за Бога, кое живее само со Него, Едниот, гледајќи ја само Неговата вистинска убавина и да се отстрануваме од секоја замена. Денес доаѓа кај нас Благиот Утешител, за да се обновиме вистински и да се исправиме за духовен живот. Амин.
Автор: Протоереј Алексеј Умински
Превод од бугарски: богослов Дамјан Трпкоски