Задушница

 

Спасителу, Кој со Твојата крв ги искупи луѓето, и со Твојата смрт нè избави од горчливата смрт, и со Твоето Воскресение ни даваш живот вечен, упокој ги, Господи, сите кои починале благочестиво, или во пустините, или во градовите, или во море, или на земја, или во секое место: цареви и свештеници, архијереи, монаси, искушеници, отци, браќа и сестри наши, од секоја возраст и род, и удостој ги за Твоето Царство небесно ![1]

 Човекот не е создаден за смрт. Нашата бесмртна душа е нашиот допир со вечноста. Таа е нашиот потсетник дека во часот на смртта, кога телото ќе биде предадено на гробот, тука не завршува сè – напротив, тогаш сме повикани на еден повозвишен начин на постоење, токму оној за кој сме биле и создадени. Затоа за нас, верните, оние што се преселиле од овој свет, се не помалку живи од оние што сè уште чекорат по него. Разделувајќи се за кратко од нас, тие го шепотат својот нем завет, својата неизговорена молба да не бидат заборавени во нашите молитви. И Мајката Црква не заборава да го исполни овој завет на нејзините упокоени чеда. Така, со молитвата за упокоените живите земаат свето учество во чинот на спасувањето на покојните, се молат и бараат од себлагиот Бог, и Бог, слушајќи ги нивните молитви на упокоените им дава милост. Но, молитвите за упокоените помагаат во спасението и на живите, зашто душата кон небесното ја управуваат и од привремената суета ја одвојуваат, срцето со најчиста љубов кон Бога го затоплуваат и со сеќавање на смртта и желба за одвраќање од злото го исполнуваат. И најважно од сè, будат поттик за великодушно и радосно трпење на маките, кои водат кон вечен живот без тага и болка.

Затоа овој ден, за сите нас е исполнет со посебна смисла и значење, бидејќи спомнувајќи си за упокоените чеда, исполнети сме со благодарност кон Бога, што ги имавме за образец и пример.

Господа и Спасителот наш Исус Христос, Кој ги раскина оковите на смртта и воскресна од мртвите, Го молиме Бога, душите на сите упокоени –  да ги вознеси во Царството Божјо, во животот што нема крај. Животот вечен, за кој што неуморно се трудиме и целосно се вложуваме…

Ова слабо слово би го завршил со следнава молитва: Спасителу, Кој си благ и милосрден по природа, и љубител на милоста, и бездна на милосрдието, сите Твои чеда што си ги преселили од ова место на злоба и смртна сенка, всели ги таму каде што е сјајот на Твојата светлина. 

 

 

[1] Од службата на Задушница;

 

Подготвил:

Петар М. Петковски,

студент на ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје