Ќе победам со смирена љубов! – Преподобен отец Јустин Ќелијски

 

Само најретките избраници од родот човечки,

меѓу кои несомнено припаѓа и Достоевски, можеле

така длабоко да ја почуствуваат трагичноста на човековото битие

и во самите себеси да го согледаат делот од таа трагичност.

Тоа е врвот на сéчовечноста. Тука човекот на таинствен начин

се чуствува реално крив и за сите страдања на човечкиот род

и реално одговорен за сите и за сé на земјата.

 Теолошко – духовните и верски погледи и размисли на Достоевски  при пишувањето на неговото капитално дело „Браќа Карамазови“

За Достоевски, светителот е најпозитивниот и најдобриот тип на човек, најубавиот и најсовршениот израз на битие што се нарекува човек. Затоа Достоевски уште од најрано ја изучувал психологијата на светителите, истражувајќи ги нејзините закони, проникнувајќи во нејзините тајни. Тој имал исклучително почитување, молитвено восхитување и специјална љубов кон светиот Тихон Задонски, руски светител од XVIII век. Во него наоѓа сé што му е потребно на човековите широки видици и големи проблеми. За него светиот Тихон е позитивниот руски тип, кој го бара руската литература. Да го опише светиот Тихон,  да го внесе во руската литература, да го постави за нејзин позитивен тип – постанало заветен идеал на Достоевски. Смислувајќи го планот за „Браќа Карамазови“, во 1870 година му напишал на Мајков: Можеби ќе успеам да создадам еден величествен, вистински светител … Се подразбира, дека јас во никој случај нема да создадам, туку ќе го произнесам, опишам реалниот Тихон, кој одамна го носам во своето срце. Уште повеќе, ќе го гледам како голем успех ако успеам да дадам макар точен, верен нацрт.

За да што поуспешно ја оствари својата заветна мисија, Достоевски направил обиколка на руските манастири, посетувајќи ги современите подвижници, духовни старци, меѓу нив и прочуениот оптински старец – духовникот Амвросиј. И успеал на еден безпримерно совршен начин во лицето на старецот Зосим, преку кој создал вистински и реален светител во руската литература, односно позитивен руски тип – тип на човек со неискажана убавина и харизма.

Старецот Зосим многу личи на светиот Тихон Задонски и на старецот Амвросиј Оптински. Тоа е природно, бидејќи старецот Амвросиј со другиот оптински старец Макариј му послужиле на Достоевски како жив пример, жив оргинал. Достоевски преку старецот Зосим ни го дава најсовршеното и најнеопходно решение за проблемите на личноста, решение богочовечко и православно. За него старецот Зосим е светител и поголем човек од нас; тој знае и има вистина, тој ја познава правдата и … чувар е на правдата Божја …

prp_Amvrosiy_Optinskiy_photo_2

            Старецот Зосим е харизматично овоплотување на православен со безкомпромисни и безрезервни идеи за Христа и живеење заради Христа. И ноќите и неговите денови се исполнети со христочуствени подвизи и со човекољубиви напори. Воодушевен од прекрасниот Христов лик и воден преку Него во мракот на овој свет, тој како светло сонце и тивко и приоѓа на тајната на својот живот, загревајќи ги премрзнатите души и оживотворувајќи ги за нов живот по Христовото Евангелие.

 

превел : Петар М. Петковски,

студент на ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје