Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Сакам да го обратам вашето внимание на три црти од денешното евангелско четиво. Прво: колку е страшно да чуеме, дека овој човек 38 години бил во крајна потреба, целиот разбиен од телесна болест, скршен, и дека ниеден човек не се нашол да му помогне…
И тоа, што се случило со тој човек, во денешно време се случува со милиони други луѓе: затоа што ние сме ладни со срце, затоа што не нè интересира тоа што другите гладуваат, страдаат од болести, се наоѓаат во духовен очај, бараат и не можат да го најдат својот пат во животот, и на крај, да го најдат Живиот Бог, – затоа што ние сме толку ладни, милиони луѓе остануваат во темница и студ, во осаменост и ужас.
Вториот дел од денешното Евангелие се однесува имено на тоа: кој од нас може да рече дека кога некогаш мечтаел за нешто, кога нешто добил и истовремено стоел покрај некој друг кој имал потреба, но подолго од нас ја има истата потреба, кој повеќе од нас се жртвувал – не би отстапил настрана, да рече: ти оди прв, ти биди прва, јас ќе почекам… Како одговор на таа постапка, Господ би можел да му даде на човекот (на секого од нас, само ако умеевме така да постапиме) таква душевна тишина, таква светлина, која би го направила непотребно она, кон кое толку очајно се стремиме.
И на крај, Христос му вели на тој човек: Гледај, чувај се, не греши повеќе, инаку ќе ти биде полошо од тоа, што си го преживеал… Гревот, секако се изразува со зборови, мисли, постапки, наклонување на волјата; но, главно, гревот – е одделување од Бога, затоа што Бог е клучот на нашата целосност, полнота. Ако од Него се одделуваме, ја губиме можноста да бидеме цели. И се одделуваме секој пат, кога во однос кон другиот човек постапуваме онака, како што не би постапил Спасителот Христос. Тој ни покажал, што значи да бидеме вистински луѓе – целосни, кои ќе ја носиме во себе Божествената тишина и Божествената слава. Тој ни го покажал патот; Нè предупредил дека тоа, што не сме му го направиле некому од нашите ближни, не сме Му го направиле и Нему; и обратно, ако ние било-што направиме за нашиот ближен, ние сме Му го направиле Нему, зашто кога нешто добро е направено за љубениот човек, љубениот тоа никогаш нема да го заборави.
Да се замислиме над тоа што сега го читавме, над таа смисла, која сега се обидов да ја донесам до вашата свест. Доведете го до свеста, срцето, волјата, и нека тоа расцвета во живи, креативни постапки. Амин!
(28 април, 1991 г. Митрополит Антониј Сурожски)