Митрополит Петар (родено име и презиме: Јован Каревски), роден е на 29.05.1946 г. во с. Богомила, Велешко, во семејство земјоделско-занаетчиско (кројачки и волно-влачарски занает), од родители Дане и Даница Кареви.
Основно училиште завршил во родното село Богомила, во 1961 година. Како одличен ученик се запишал во средно техничко училиште, електро смер, но пред самиот почеток на учебната година, самоиницијативно, поточно по Божја промисла, одлучил да полага приемен испит за Богословијата во Призрен. Бил примен и во 1966 г. го завршил средното богословско училиште матурирајќи со одличен успех.
Истата година (1966) се запишал на Богословскиот факултет во Белград, а на Мала Богородица, заминал на 18 месечно отслужување на воениот рок во Љубљана -Словенија. По отслужувањето на воениот рок, во февруари 1968 г., отпочнува со полагање на испититите и во јунската сесија 1970 г. дипломира на Богословскиот факултет во Белград.
Од 1 септември 1970 г. поставен е за професор во Македонската Православна Богословија во Драчево, Скопје, и работи заедно со професорите Борис Бошкоски, Трајан Митревски, Методиј Гогов, Петар Јорданов, Јован Белчовски и Јован Таковски, идните први професори на Богословскиот факултет “Св. Климент Охридски” во Скопје. Ги предава предметите: Свето Писмо Стар и Нов Завет, Старогрчки јазик, Општа историја, Пастирско богословие и администрација, Црковно пеење и Физичко воспитување. Во Богословијата е класен раководител на првиот (најбројниот со 33 ученици) клас од кои мнозинството се одлични и многудобри ученици. Професорската работа ја извршува со голем ентузијазам, а со учениците комуницира непосредно, пријателски и советодавно, но одмерено и достоинствено.
Бил професор на некои од епископите во МПЦ, како на: Архиепископот Стефан, Митрополитот Тимотеј (воспитувач), Митрополитот Агатангел и на повеќемина професори во Богословијата и Богословскиот Факултет.
По професорската дејност во Богословијата, од јануари 1972 г. до септември 1976 г., е првиот секретар на Полошко-кумановската епархија, истовремено вршејќи ја и сметководствената, благајничката и референтската функција.
Во 1972 г., на 6 февруари, примил ѓаконски чин, а во 1976 г. произведен е во чин – протоѓакон. Истата година, во месец Август, прима и свештенички чин.
Од септември 1976 г. е парохиски свештеник и благајник во Соборниот Архиепископски храм “Св Димитриј” во Скопје, од каде, во јануари 1978 г., на барање на Ректорот на Богословијата и на Блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј, повторно е поставен за професор во Богословијата.
По овдовувањето (почивката на протопрезвитерата Петар на 1.1.1979 г.), само еден ден по овдовувањето на Преспанско-битолската епархија (почивката на Митрополитот Климент), на 19 јуни 1979 г. е замонашен од Архиепископот Доситеј во придворскиот резиденцијален манастир “Св. Ѓорѓи” во Криви Дол – Скопје.
Во летото 1979 г., го завршува курсот по италијански јазик во Перуѓа, Италија и од септември истата година се запишува на Грегоријанскиот универзитет во Рим, на духовна теологија.
На 04.04. 1981 г., по предлог на Архиепископот Доситеј, избран е за втор Митрополит на Преспанско-битолската епархија. На прв ден Духовден (14.06.1981 г.), во Соборниот храм “Св. Димитриј” во Скопје, хиротонисан е од сите членови на САС, во време на овдовеност на МПЦ, а наредниот ден, на 15.06, востоличен е од Митрополитот Гаврил во Соборниот храм на Преспанско-битолската епархија “Св. Вмч. Димитриј” во Битола, втората по достоинство епархија во МПЦ.
Од септември 1981 г. е поставен да администрира со црковните општини во Шведска (две) и една во организирање во Данска. Во мошне тешки услови и големи отпори на тогашните југословенски власти, успева да оформи и организира уште четири црковни општини во Германија: Хановер, Хамбург, Штудгарт и Минхен, и да освети две цркви: “Св. Наум” во Малме и “Св. Кирил и Методиј” во Гетеборг, како и да ги организира македонските верници во Трелеборг и Векше и во Данска.
Во 1982 г. ги довршува последипломски студии во Рим и ја одбранува магистерската теза на тема “Теологијата на Св. Климент Охридски во неговите напишани дела”.
Уште од почетокот на апостолската мисија, уредник е на архиепископското популарно списание “Воскресение”, па се до неговото згаснување, а од 1991 г. уредник е на Епархиското списание “Вистина”, а подоцна и на списанието за вера, образование и наука “Пелагонитиса”, а од 2000 г. и на списанието “Осми ден”, во Австралиско-новозеландската епархија.
Со доаѓањето на М. Петар на тронот на Преспанско-битолската епархија во 1981 г., која во 1994 г. со измените и дополнувањата на Уставот на МПЦ го добива името Преспанско-пелагониска, започнува една преродба на литургиски, духовен, градителски и просветен план.
Досега во оваа Епархија се изградени и осветени повеќе од 120 цркви и манастири, а обновени и осветени се повеќе од 30, како и над 350 црковни објекти, конаци, параклиси, камбанарии итн. Моментално изградени и подготвени за осветување, како и во доизградба се повеќе од 60 цркви и манастири.
Кога со Австралиската Епархија во 1995 г. управуваше САС на МПЦ, М. Петар беше замолен, како надлежен Митрополит , да го превземе управувањето со оваа Епархија, за да се спаси Епархијата од распаѓање поради поделбата на два дела.
Со неуморна работа и соработка со канонските свештеници и верниците кои сакаа литургиски живот во Австралија, основани се нови 10 Црковни Општини и два манастири.
Во досегашната Архипастирска мисија во Австралија, М. Петар осветил (со големо осветување) 10 цркви и 1 манастир, а со (мало осветување) 5 цркви и 1 манастирска црква, осветил и 9 камен темелници за градби на цркви и манастири. А со судски пресуди вратил во единство на МПЦ 3 Црковни Општини, односно го вратил имотот на МПЦ , и 1 црква на суд со спогодба.
Моментално под управување на М. Петар во Австралиско-новозеландската епархија се 11 парохиски цркви и уште 4 Црковни Општини без храмови, но со парохиски свештеници, како и 3 манастири од кои еден, “Св. Прохор Пчински” во Донибрук кај Мелбурн, е со монашка заедница. Тоа е единствен женски жив манастир во дијаспората. Игуменија на манстирот е монахиња Параскева (Стефановска). Во манастирот има редовни богослужби. Во манастирот секоја година се одржуваат свештенички и на младинската организација, семинари и симпозиуми и Епархиски собранија. Манастирскиот имот познат е и како пикник простор уште од 1946 г. и е единствен во државата Викторија кој има приватен извор со кисела вода. Манастирскиот простор покрај духовното богатство поседува и мини зоолошка градина.
Со распадот на комунистичкиот и монистичкиот систем во Европа и пошироко, во 1991 г., прво свештено лице кое влегло во Албанија, во Долна (Мала) Преспа е М. Петар кој од галеријата на храмот “Св. Арх. Михаил” кој беше претворен во кино-сала ја одржа првата проповед таму, поучувајќи и упатувајќи ги во верата Македонците верници. На нивно барање ги крсти првите 54 Христијани Македонци, по укинувањето на верата во Албанија во 1967 г,. Првиот новокрстен беше Ристо, поранешен Арбен, кој си го мразел името. Па така, одтогаш до денес, во Мала Преспа, со залагањето на М. Петар, лично од него, но и од неговите свештеници, крстени се над 5000 верници, а само во еден ден во с. Стење, на Преспанското езеро, тој крсти 111, а во с. Врбник 96 верници.
Митрополитот Петар, покрај мисионерската дејност што ја вршеше и лично и со своите свештеници, во Богословијата школуваше 13 ученици и 5 студенти од Мала Преспа. Од нив тројца веќе се свештеници во Преспанско-пелагониската епархија, двајца во Мала Преспа кои вршат богослужби на Македонски јазик, и еден вероучител. Досега под негова грижа во Мала Преспа (од темел ) се изградени и осветени 5 цркви, а целосно обновени и осветени се 5 цркви и еден манастир.
Исто така, тој својата мисија ја прошири и во други делови на Македонија под Албанија, во селата Горно и Долно Крчиште, Пасинки, Стеблево, Арбеле, во близина на градот Пишкупеа.
Како мудар духовник, близок и непосреден со верниците, не штедејќи се себеси, М. Петар уште од неговото архипастирствување презема уште една обврска, да биде во академската 1981/82 и 1982/83 г. професор на Богословскиот факултет “Св. Климент Охридски” во Скопје, по предметот Староеврејски јазик.
Во речиси три и пол децениската посветеност на МПЦ, М. Петар, активно и смело се залага за возобновување на монашкиот живот во Епархијата, па така, под неговата грижа и благослов основани се 5 машки и 3 женски манастири со над 30 монаси, монахињи и искушеници.
Монашкиот живот се обновува во најпознатите стари манастири, како “Св. Преображение” – Зрзе, под грижата на игуменот, Викарниот Епископ Хераклејски Климент; во Трескавец, “Св. Никола” – с. Манастир, Мариово; “Св. Јован Претеча” – с. Слепче, Демирхисарско; “Св. Атанасиј” – с. Журче; “Св. Арх. Михаил” – Варош, Прилеп; “Св. Петка” – Цапари и “Св. Богородица” – с. Јанковец, Ресен.
Во изминативе години, како Архиереј, М. Петар извршува и многу други задолженија: Претседател е на одделот за надворешни односи на МПЦ од 1992 г. под чие претседателство се остварени голем број средби, седници и контакти на ниво на Делегации и Комисии; со Цариградската Патријаршија, Ерусалимската Патријаршија, Руската – Московската Патријаршија, Романската Православна Црква, Грчката, Бугарската, Полската, Српската, Грузиската, Албанската Православна Црква итн. На покана на М. Петар, во МПЦ престојуваше и Архиепископот на Австралиско-новозеландската епархија на Антиохиската Православна Црква, г. Павле, а во Преспанско-пелагониската епархија и во Епархијата за Арѓеш и Мусчел сослужуваше со Архиепископот Калиник и со Митрополитите на Бугарската Православна Црква, Калиник и Неофит во Враца, Бугарија.
Од 1994 г. е Претседател на Уставната Комисија на МПЦ, под чие претседателство во 1994 г., се направија посериозни измени и дополнувања на Уставот на МПЦ, а од 2003 г., е претседател и на Комисијата за канонизација на светители во МПЦ.
Во текот на десетина години беше член на државно-црковната делегација на свеченостите во Русија, во повеќето губернии и епархии во Русија, под наслов “Русија во чест на светите браќа Кирил и Методиј”. Исто така, неколку пати, предводи делегации и на свеченостите на гробот на св. Кирил во Рим, на 24 мај.
Учествувал на неколку симпозиуми за интеркултурација на Светото Писмо Новиот Завет, во Крит, Самос, и Португалија.
На полето на издавачката дејност уште од почетокот на неговото архипастирствување се зафатил со печатење на повеќе книги, од кои прво капитално дело е катихизисот за семејства Бог е Жив, прва преведена книга на странски јазик (македонски), од оригиналниот француски јазик. Во последно време со негов благослов и грижа, а со залагање и материјални прилози на верниците од Св. Петка, Милпарк, Австралиско-новозеландската и Преспанско-пелагониската епархија, досега се издадени следниве капитални богослужбени книги: Посен триод, Цветен триод, Избор на месечни и празнични богослужби (во два тома), Осмогласникот (комплетен во два тома), Минејот за месец јануари, а во подготовка за печатење се уште Минеите за февруари, март, април и мај.
Под претседателство на М. Петар, Комисијата за редакција, изврши редактирање и скоро целосен превод, на Служебникот, на старомакедонски (црковнословенски) и на современ литературен македонски јазик.
Градбите, архитектурата, живописот и иконописот на црквите и манастирите во Преспанско-пелагониската и Австралиско-новозеландската епархија, се одвиваат под контрола на Комисии, под претседателство на Митрополитот Петар, а стилот е претежно средновековен и старомакедонски.