Што е човекот? Свети Григориј Ниски одговара: Човекот е неопфатна суштина. Тој е психосоматско битие, создадено од тело и душа. Телото е она видливото, материјалното, а душата е она невидливото, духовното кое Бог при создавањето му го вдахна на човекот.
Тоа создавање, беше создавање од љубов, па затоа го создаде според Својот образ и подобие. Светите Отци велат дека човекот не беше создаден да биде бесмртен, ниту пак, да биде смртен. Тоа треба сам да си го избере. Но, човекот што направи? Сам си ја навлече смртта, прво духовната, а потоа и телесната. Неговата љубов кон Бог се олади, стана несличен на неговата природа, едноставно се помрачи умот, срцето на човекот. Тој стана некомпактибилен за Едемската градина, бидејќи тоа беше градина за совршени битија, а тој стана несовршен. Огревовениот човек не можел да остане во таа совршена градина онака, како што ни капка масло не може да се измеша со вода.
Бог со Својата љубов кон Неговото создание, ја промисли, и му ја зададе совршената педагогија за повторното враќање на човекот, односно неговото обоготворување (обожување). Таа совршена педагогија се дели на три степени: очистување на срцето од страстите, просветлување и обожение (обоготворување). А, делотворниот лек за тоа е покајанието, односно преумувањето – оставањето на стариот човек и облекувањето во новата твар, постот и молитвата.
Тоа враќање на човекот кон Бог можеше да се случи веднаш после гревопадот, бидејќи Бог го запраша човекот што направил, да не јадел од забранетиот плот. Но, човекот беше толку помрачен што дури Го обвини Бог за тоа, велејќи: жената што Ти ми ја даде, таа ме натера. О, колкава безумност. О, колкава алиенација ( оттуѓување ), од Создателот. Од тогаш па до денес, таа алиенација и тоа помрачување се зголемува сѐ повеќе и повеќе. Но, и покрај тоа, ако ние сакаме, можеме да се вратиме кај Бог, односно да се обожиме, да станеме богови по благодат, како што вели св. Атанасиј Велики. Доказ за тоа враќање кон Бог се светителите, целиот нивни живот, нивните дела и нивната посмртна пролава.
Таа совршена педагогија е егзистенцијална, бидејќи за цел ја има егзистенцијата на човековата душа, нејзиното враќање во првобитната положба. Тоа се случува кога нашето срце ќе го очистиме од страстите, со непрестајна молитва. Тогаш ја здобиваме архетипната состојба на просветлување, која ни е доволна за спасение. Но, Бог тука не застана со Својата совршена педагогија, Он ни ја даде благодатта, па поткрепени од неа да одиме уште поблиску до Него, да се обожиме. Но, за мултиплицирањето на благодатта, треба да се зголеми нашиот труд, да се засили постот, молитвата, едноставно во нас да живее Бог. Но, да се има во себе Бог, треба да направиме достоен протор. Простор каде нема грев. Само во таков протор претојува Бог. За да се направи таков простор, достоен за Бог, треба да се има живот Христов. Бог сè ни предаде, дури ни ја откри и целта на нашето постоење (свети Серафим Сарофски). А, ние треба само да ја оставиме нашата волја и да ја прифатиме Божјата, а тоа е никој од овие мали да не погине, сите да се обожиме да станеме богови по благодат, т. е., синови Божји.
Подготвил: богослов Дамјан Трпкоски