СПОРЕД СВЕТИ ПАЈСИЈ, КОГА НА ДРУГИТЕ МОЖЕМЕ ДА ИМ ПОМОГНЕМЕ ДУХОВНО?

Ако сакаш да ѝ помогнеш на Црквата, подобро е да пробаш да се поправиш себе си, отколку да ги исправаш другите. Ако успееш да се подобриш себе си, еден мал дел од Црквата е веднаш поправен. Следствено, ако сите го направат истото, телото на Црквата ќе биде во благосостојба.

Но, денеска, луѓето повеќе се занимаваат со сè, освен со самите себе. Зар не гледаш, да ги судиш другите е лесно, додека работата на себе одзема напор.
Ако се трудиме да се поправиме и да гледаме со внимание кон нашата „внатрешна“ активност отколку на надворешната, давајќи и приоритет на Божјата помош, можеме да бидеме од поголема и многу позитивна помош, во однос на другите. Ние, исто така ќе постигнеме и внатрешен мир, кој тивко ќе им помогне на душите на луѓето со кои се сретнуваме, зашто духовниот мир ја рефлектира доблеста на душата, трансформирајќи ја.
Кога некој се предава себе си на надворешна активност, пред претходно да ја избистри својата внатрешна состојба, ќе се бори духовно, но ќе биде полн со грижи, анксиозност, недостаток на доверба во Бога и постојано во губиток на спокојство. Ако некој не работи на себе си, истиот не може да каже, дека неговите интереси во однос на општото добро се чисти. Кога тој ќе се ослободи од своето старо „Јас“ и сите земни нешта, тогаш ќе ја прими Божјата Благодат и ќе биде во мир не само со себе, но ќе биде во можност да принесува мир и на останатите. Но, ако не ја примил Божјата Благодат, тогаш тој ниту може да раководи со себе си, ниту да им помогне на другите, со цел донесување на Божествената сила. Тој прво мора да се нурне во Божествената Благодат и потоа да ги искористи своите осветени сили (кои се резултат на тоа), за спасението на другите.

Превел од англиски: Стефан Цветановски, студент на Теолошкиот Факултет во Скопје