Благовештение (Лк.1, 26-38) Дева Марија како «Богородица», «Мајка» и «Слугинка» Господова

Црквата ја формулира верата во Дева Марија како «Богородица» на Третиот Вселенски Собор, во Ефес (431), со следната формулација: «Ја исповедаме Дева Марија за Богородица, затоа што Бог Словото се воплоти и вочовечи од самото зачнување (во неа), за да го соедини со себе од неа земениот храм (се мисли на човечката природа)».

Св. отци на Ефескиот собор, формулирајќи ја христолошката догма, како последица од воплотувањето на Словото Божјо ја формулираа и верата на Црквата во Дева Марија како «Богородица». Отците го развиваат нивното толкување за Дева Марија во органска врска со лицето и делото на нејзиниот Син. Важно е да знаеме дека богоносните отци на Ефескиот собор во ниту еден момент не ја одделија мајката од нејзиниот Син, односно личноста на Дева Марија од христолошката догма и од Божјата Икономија, за да создадат засебна богословска област наречена «Мариологија» (затоа во иконографијата Богородица се слика неразделно од нејзиниот Син). Ваквата поделба постои во римокатоличката теологија, која прибегнува кон создавање на засебна област наречена «Мариологија», и тоа на Вториот Ватикански Концил (1962 – 1965).

Името «Богородица» веќе постои како содржина во Светото Писмо, бидејќи Дева Марија се нарекува «Мајка Господова» (Лк. 1, 43). Овде, имињата «Богородица» и «Мајка Господова» се синоними. За првпат терминот «Богородица» се сретнува кај Ориген, и тоа во неговото дело “Εἰς τὸ Δευτερονόμιον ἐκλογαί”, PG 12, 813C (сочувано во фрагменти). За тоа како Ориген го разбира името «Богородица», подетално ни сведочи неговото исчезнато дело со наслов: ,,Толкување на Посланието до Римјаните на св. ап. Павле”, чие постоење го потврдува црковниот историчар Сократ (Ἐκκλησιαστικὴ Ἱστορία 8, 32 PG 67, 812B). Имено, терминот «Богородица» се појавува и во текстовите на подоцнежните отци на Црквата, и тоа кај св. Методиј Олимписки, св. Александар Александриски, Евсевиј Памфилиски, Теодорит Кирски, св. Атанасиј Велики, Кападокијците, св. Кирил Александриски и други.

Дева Марија се нарекува «Богородица» зашто го роди Бога Словото според човечката природа. Името «Богородица» сведочи за реалноста на воплотувањето на Словото на Бога Отецот. Не е случајно што св. Јован Антиохиски го поучува еретикот Несториј пред Ефескиот собор да го прифати светоотечкиот термин «Богородица» (а го поучува бидејќи и двајцата произлегуваат од антиохиското предание). Но, за жал Патријархот Несториј не го прифати Христос како Воплотен Бог, туку како човек богоносец, нарекувајќи ја Дева Марија «христородица» со значење на «човекородица». Со ова, Несториј е недоследен на преданието на Антиохиската црква од којашто истиот произлегува, бидејќи во символот на Антиохискиот собор во 324/25, г., светите отци го употребија терминот «Богородица». Се разбира, и Црквата ја нарекува Дева Марија «Христородица», меѓутоа, за разлика од Несториј, го поистоветува името Христородица со «Богородица», бидејќи го исповеда Христа како Воплотен Бог.

Дева Марија зазема повисоко место во животот на Црквата од сите создадени битија, бидејќи преку неа се осветува целото создание и таа е посредник (ὑπουργὸς) и соучесник во Божјата Икономија. Во истиот момент кога Дева Марија ја прифати пораката на Архангелот Гаврил: «Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои» (Лк. 1, 38), Словото Божјо преку Светиот Дух си создаде за себе човечка природа во утробата на Пресвета Марија, и се воплоти од Светиот Дух и Дева Марија, заради нас луѓето и заради нашето спасение. И затоа исповедаме две раѓања на Христос (едното од Отецот безвремено, другото од Дева Марија времено и бессемено), но едно и исто Слово, Христос. Па така, Богородица посредува Словото, Син Божји, да стане човек, заради обнова и спасение на човештвото. Според православната теологија, Дева Марија беше очистена од Светиот Дух за да стане храм Божји, и истата «даде» од нејзиното тело за да се воплоти «Новиот Адам», Словото Божјо, Господ Исус Христос.

Нејзиното посредување не се ограничува само на моментот на Христовото зачнување и раѓање, бидејќи Богородица продолжува вечно да го застапува целиот свет пред троичниот Бог. Затоа, на Пресветата и упатуваме молитви да се застапува за нас пред троичниот Бог, како Мајка Божја, а пак, нашето осветување е исклучиво дело на Светиот Дух, кој нè воведува во троичниот Бог, и оттука осветувањето на луѓето се извршува секогаш во Света Троица. Важно е да знаеме дека осветувањето на човекот не доаѓа преку Богородица, туку од Отецот преку Синот во Светиот Дух, а пак, човекот се воведува во троичниот Бог од Светиот Дух преку Синот во Отецот, од едната и заедничка енергија на троичниот Бог. Во секој случај, Богородица е создание како нас луѓето, и со тоа и таа има потреба од осветување преку Светиот Дух.

Големината на Пресвета Богородица се состои во тоа што таа ја прифати ангелската вест во состојба по гревопадот, за разлика од Ева која погреши во рајска состојба, пред гревопадот. Ева како «нераспадлива девица» по благодат соработуваше во падот на човештвото и човечката природа, додека Богородица како девица со нејзината доброволна соработка и послушание го отвори патот за спасението на човештвото и обновата на човечката природа во Христа. И затоа св. Јустин Маченик и св. Иринеј Лионски први од св. отци ја нарекуваат Дева Марија «новата Ева». Послушанието и позитивниот одговор на Девата се плод на нејзината постојана вера во Бога.

Доц. д-р Борче Грамбозов