На 23.09.2024 година, по вечерната богослужба, кога молитвено ги прославуваме преподобната Теодора Александриска, преподобниот Силуан Атонски и преподобниот Ефросиниј готвач, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско – пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, благоизволи во молитвено присуство на игуменот на манастирот свето Преображение – Зрзе, преосветениот епископ Хераклејски Климент со братството, да ги замонаши во мала схима расофорниот монах Тихон (Бошевски) и расофорниот искушеник Никола (Чурановски) кому му го даде монашкото име Натан, по старозаветниот пророк Натан.
Радоста на зрзеското братство беше удвоена со присуството на епископот Велички г. Никола, како и присуството на архиерејскиот заменик и епархиски секретар протојерејот – ставрофор г. Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски.
Митрополитот г. Петар, по монашењето произнесе вдахновено и поучително слово, го благослови започнатиот монашки подвиг, а на зрзеското братство му посака напредување и преуспевање во духовниот живот.