На 07.07.2024 г., кога го празнуваме Раѓањето на Светиот Јован, Претеча и Крстител Господов, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Зворничко-тузлански г. Фотиј, отслужи Света Архиерејска Лиртургија во храмот посветен на Светиот Јован Крстител во Зворник.
Митрополитот Фотиј во својата беседа се обрати на собраниот народ, нагласувајќи го значењето на свети Јован Крстител како последниот пророк на Стариот Завет и првиот пророк на Новиот Завет: „Неговиот подвиг и евангелско дело мораме секогаш да ги имаме на ум, бидејќи тој е последниот пророк на Стариот Завет и првиот пророк на Новиот Завет, кој го најави доаѓањето на Спасителот. Кога многу луѓе дојдоа на Јордан да се крстат, меѓу нив беше и Господ Христос. Другите не го препознаваа додека Свети Јован не покажа на Него, велејќи: ’Еве го Јагнето Божјо кое ги зема гревовите на светот’. Свети Јован ни е учител на смирението, покајанието и подвигот. Живееше во пустината во скромност и испосништво, носејќи облека од камилска коса. Неговото големо смирение и дело во историјата на Црквата се непроценливи. Иако луѓето мислеа дека тој е Месијата, свети Јован смирено зборуваше дека не е тој Христос, туку дека по него доаѓа посилниот од него, кому не е достоен ременот на обувките да му го одврзе. Тој е учител на покајанието и вистинскиот духовен живот, кој нѐ упатува на самиот Христос.“
Понатаму, Митрополитот Фотиј, му се обрати на владиката Петар, говорејќи за воспоставувањето на црковното единство: „Исто така, сакам да му се заблагодарам на нашиот почитуван митрополит Петар од Битола. Тој одигра важна улога во повторното воспоставување на единството помеѓу Српската и Македонската православна црква. Како член на Синодот и учесник во преговорите, можам да кажам дека тоа е голема победа за Православието. Овој подвиг на единството е дело на Светиот Дух и Црквата Божја. Нашиот митрополит Петар е човек со цврста вера, кој заедно со другите архијереи, издржа притисоците на времето на комунизмот и безбожништвото. Сите кои учествуваа во овој процес се апостоли на нашето време, носејќи го духот на љубов и единство. Му благодарам на Бога што митрополитот Петар е денес со нас, водејќи нѐ во овој празник и служејќи ја светата Литургија. Го поздравувам како брат и ученик пред учителот, молејќи го со неколку зборови да го благослови нашиот српски православен народ во епархијата Зворничко-тузланска.“
Митрополитот Петар, во својата беседа, ја нагласи важноста на љубовта и братството помеѓу Српската и Македонската православна црква: „Денес покажавме на дело дека љубовта меѓу Српската и Македонската православна црква е бесмртна“ – рече тој, додавајќи дека во Зворник се чувствува како меѓу својот народ.