На 02.05.2024 г., во Четвртокот од Страсната седмица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
По завршувањето на Божествената Литургија, беше отслужена Светата Тајна Елеосвештение.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јован 6, 56).
Велики Четврток, браќа и сестри, е голем празник на нашата Света Православна Црква. Од денешното Свето Литургиско Евангелие слушнавме колку Бог го возљубил овој свет, така што го дал и Својот Единороден Син, та секој што ќе поверува во Него, да не погине, но да има живот вечен.
Нашите прародители Адам и Ева, браќа и сестри, кога згрешија, не се покајаа, но Бог не ги остави, туку им пристапи, очекувајќи да се покајат, па кога на Адама и Ева им укажа за нивниот грев, тие се правдаа и останаа во својата гревовна состојба, а и нивните наследници го продолжија истото, така што заради непослушноста на Ева дојде гревот, а преку гревот и смртта. Па така, потребно беше, втората Ева, Мајката Божја, Пресвета Богородица, која беше послушна на Бога и на Неговата Света волја, да зачне и да Го роди Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа.
Христовото доаѓање во светот беше кенозис т.е. понижување. Синот Божји, Кој е во прегратките на Отецот, по благоволението на Отецот, доброволно посака заради нас луѓето да дојде во светот, да прими човечко тело, во сè еднакво на нашето, освен во гревот, да поживее и да ги поучи луѓето во нашата Света Православна Вера, и да пострада заради нас и заради нашето спасение.
Од Светото Евангелие, слушнавме како Спасителот наш Господ Исус Христос, дека по Неговото влегувањето во Ерусалим, почнува Неговото предавство од стана на Јуда, кој го предава на првосвештениците за триесет сребреници. Старозаветниот пророк Исаија, неколку стотини години пред тоа, го претскажал ова предавството на Спасителот, а во 52 и 53 глава, во ситници говори како ќе биде страдањето на Господа Исуса Христа, Неговото распнување на Крст, Неговото погребение и Воскресение. Така што во Стариот Завет, сè што е претскажано за Христа нашиот Бог и Спасител, сè е исполнето.
Во Стариот Завет, браќа и сестри, беше извршуван чинот за очистување од гревови, со принесување жртви на старозаветниот жртвеник во старозаветниот храм. Сите тие крвни жртви на животни, ја претставуваа и претскажуваа Жртвата над сите жртви т.е. распнувањето на Крст на Христа Спасителот. И со оваа врвна жртва за целиот човечки род, практично завршуваат сите други жртви, зашто поголема Жртва од Христовата нема, бидејќи Самиот Бог, Син Божји, Себеси се понижува и станува човек во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот, за да поживее меѓу нас и да пострада за нас и за нашето спасение.
Ете, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие, Спасителот Христос ќе биде тепан, плукан, шамаран, камшикуван, неправедно осуден да биде распнат на Крст, на кој ја пролева Својата Света Крв, за нас, за да нè избави од гревот и смртта, и да нè воведе повторно во заедница со Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Ете, сето ова беше претскажано во Стариот Завет и сè се исполни дословно онака како што беше претскажано, па затоа велиме дека нашата Света Православна Вера, е богооткриена, бидејќи Бог ни ја открил. Сè што било претскажано од пророците, паријарсите, судиите и старозаветните богоизбрани луѓе, сè дословно се исполнило во Новиот Завет, во Христа нашиот Бог и Спасител.
Кога Јуда, браќа и сестри, отиде кај првосвештениците и со нив се договори за цената за да им Го предаде Спасителот Христа, со тоа практично започна предавството на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој во повеќе наврати му укажуваше на Јуда за неговата намера, но Јуда остана глув на укажувањето на Господа.
Учениците кога беа собрани за да ја јадат Пасхата, заедно со Спасителот, Он повторно им укажуваше дека се приближува времето за Неговото страдање, велејќи им: „Еден од вас ќе Ме предаде“ (сп. Мат. 26, 21), а тие еден по еден прашуваа: „Да не сум јас, Господи“ (сп. Мат. 26, 22). И кога дојде редот на Јуда и праша: „Да не сум јас“ (сп. Мат. 26, 25), тогаш Господ му рече: „Ти рече!“ (сп. Мат. 26, 25), а на прашање на учениците кој е, Христос вели: „Оној, што ќе макне со Мене во чинијата, тој ќе Ме предаде“ (сп. Мат. 26, 23). Оној кој бркна во чинијата и прими залак т.е. причесна од Христа нашиот Бог и Спасител, беше Јуда, во кого во тој момент влезе сатаната.
Па така, браќа и сестри, и вие немојте да мислите дека ако се причестуваме, дека Причесната по секоја цена ќе нè спаси. Причесната ги спасила единаесетте Апостоли, но не го спасила Јуда, туку била сведок на неговото предавство. Причесната била сведок на Јудиното непокајание, кој својата душа си ја предал на сатаната. И ние ако неподготвени и во гревови пристапуваме кон Причесната, истата нема да ни биде за прошка на гревовите и вечен живот, туку за суд и осуда, како што читаме во молитвите пред Причесната.
Затоа, Господ рекол дека ние треба да Го разликуваме Телото Христово од обичниот леб и Крвта Христова од обичното вино, и ако ние подготвени ги примаме, тогаш тие ќе ни бидат за прошка на гревовите и за живот вечен. Христос на Тајната Вечера, покажувајќи на лебот, на Светите Апостоли им рекол: „Примете јадете ова е Моето Тело, кое за вас се прекршува за прошка на гревовите“ (сп. Лука 22, 19), а потоа покажувајќи на чашата со вино, повторно им рекол: „Пијте од неа сите, зашто ова е Крвта Моја на Новиот Завет, која за вас и за мнозина се пролева за прошка на гревовите“ (сп. Лука 22, 20).
Причесната нам ни се дава за прошка на нашите гревови, браќа и сестри.
Ете, Јуда се одлучи да Го предаде Христа нашиот Бог и Спасител. Ние знаеме дека Господ секогаш укажувал на тоа дека ние треба да се покаеме за нашите гревови.
Според учењето на нашата Света Црква, сиот материјален свет и целата вселена, е многу помалку вредна од една човечка душа. Гледате колку е голема човечката душа на која вредноста и ја одмерува Самиот Бог и Спасител. Во параболата за овчарот, кој ги остава 99-те овци, за да ја најде загубената овца, се вели дека кога пастирот ја најде загубената овца, ја стави врз своите плеќи и ја донесе дома, па ги повика пријателите да се развеселат зашто ја најде загубената овца. Исто така и во парабола за жената и десетте драхми, која загубила една драхма, па заборавила на деветте драхми и почнала да ја преметува целата куќа, додека не ја нашла загубената драхма, а кога ја нашла, ги повикала пријателките да се радуваат за најдената драхма. Овие параболи говорат за тоа колку е голема радоста на небесата кога ќе се покае онаа загубена душа, која станала жртва на сатаната. Затоа се вели дека за еден покајан грешник, илјадници ангели и архангели на небесата се радуваат, браќа и сестри.
Ете, тоа е големината на човечката душа. И токму затоа Господ и ја востановил Светата Тајна Евхаристија на Тајната Вечера, за да не се загубат човечките души, туку да се спасат. Па така, ние, браќа и сестри, кога грешиме и вршиме предавство, го подражаваме Јуда и одиме по неговите стапки.
Возљубени браќа и сестри, три стрели биле забодени во срцето на Спасителот наш Господа Исуса Христа. Првата стрела била забодена кога Јуда ја напуштил дружината на Апостолите и отишол кај првосвештениците за да им Го предаде Христа.
Втората стрела која била забодена во срцето Христово, кога Јуда со бакнеж го предал Христа во Гетсиманската градина, а третата стрела, е всушност откажувањето од Христа на Свети апостол Петар, кога тој бил во предворјето, а Христос бил изведен на суд пред првосвештениците Ана и Кајафа.
Замислете, Спасителот Господ Исус Христос, повеќе пати го опоменува Јуда да се покае, но тој не се покајува, а во случајот со Свети апостол Петар, само еден поглед беше доволен да се разбранува срцето и душата на Свети апостол Петар, за тој да се потпре на ѕидот и да плаче кога слушнал петел да пее, како што Христос му претскажал: „Петел додека не запее, три пати ќе се одречеш од Мене“. И не само тогаш, туку според кажувањето на епископот Климент Римски, Свети апостол Петар, целиот свој живот кога ќе слушнел петел да пее, ронел огромен број солзи за гревот што го направил. Ете, такво како на Свети апостол Петар треба да биде нашето покајание, кое е света работа. Ние треба да знаеме дека опасноста не е толку голема од нашите гревови, колку што е од непокајанието за гревовите. Господ проштева сè ако искрено и од длабочината на душата се покаеме до последниот наш момент, но да не чекаме, зашто душата кога ќе се навикне на гревовите, тогаш станува непоправлива и не сака да се кае. Затоа ние, веднаш штом ќе направиме било каков грев, веднаш да отидеме кај нашиот духовник (свештеникот) да се исповедаме за направените гревови и да побараме совет како со истите да се бориме.
Затоа од нас зависи дали ќе се покаеме и спасиме, и одлуката е наша. Ние сме тие што треба да одлучиме дали ќе Го предадеме Христа, како Јуда, или ќе се покаеме како Свети апостол Петар за нашите гревови?
По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, на Светите Апостоли, и на сите праведници, Господ Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар