На 14.01.2024 г., кога го празнувавме Обрезанието по тело на Спасителот наш Господ Исус Христос и споменот на Светиот Василиј Велики, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофот Никола Грамбозов, протоерејот Игор Ризановски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, во чин протоереј го ракопроизведе ерејот Игор Ризановски.
После Божествената Литургијата, беше отслужен молебен за благослов на предстојната Нова Година, благодарејќи му на Бога за сите дарови, кои секојдневно ни ги дава.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Тебе Господa Те фалиме, Тебе Господa Те исповедаме, Тебе превечниот Бог и Отец, целата земја Те велича!“
Денес, браќа и сестри, ние го славиме, исповедаме и величаме Троичниот Бог, благодарејќи Му за овој троен празник т.е. Неговото Обрезание по тело, празникот на Свети Василиј Велики, Архиепископот на Кесарија Кападокиска, на кого денес споменот му го празнуваме и чија Божествена Литургија ја служиме, како и прославувањето на Новата црковна година според нашиот древен јулиански календар.
Па така, за овие три празници ќе поговориме по нешто.
Имено, Свети Василиј Велики, Архиепископот на Кесарија Кападокиска, е еден од столбовите на Црквата Христова, заедно со Свети Григориј Богослов, Свети Јован Златоуст, Свети Кирил Ерусалимски и Свети Кирил Александриски.
Свети Василиј Велики, е роден во многучлено семејство во 330 година во Кесарија Кападокиска, денешна Мала Азија. Како дете одраснал кај неговата баба Макрина, која длабоко во неговата душа, ум и срце, ја проткала нашата Света Православна Вера т.е. во него проникнала верата на оваа славна светителка Света Макрина, бабата на Свети Василиј, а исто така и верата на истоимената негова постара сестра Света Макрина.
Овој Божји угодник, на кого во раната младост му биле убиени роднините во времето на гонењето на христијаните, бил пратен на учење во Кесарија Кападокиска, а потоа во Цариград и Атина, каде поминал пет години. Таму заедно со неговиот најдобар пријател Свети Григориј Богослов, растеле и напредувале во верата, а нивното движење имало само два патишта. Првиот и најзначаен пат, бил одењето во храмот Божји, на Божествена служба, а вториот до Универзитетот, каде што Свети Василиј се наобразувал заедно со Свети Григориј, со тогашните најпознати светски науки како: философијата, реториката, астономијата, астрологијата и другите познати науки во тоа време.
Но сите тие светски науки, Свети Василиј, не го трогнале длабоко во душата, па за тоа одлучил да ги посети Светите места, каде што Спасителот наш Христос Го минал својот живот како дете, возрасен и Учител, односно Великиот Архипастир на нашата Света Православна Црква.
Главата на нашата Света Црква, е Христос нашиот Спасител, Кој заради нас и заради нашето спасение, слегол од небесата, се воплотил од Пресвета Богородица, вселувајќи се во нејзината Света утроба, откако самата таа кажала дека ја прифаќа одлуката Божја т.е. соопштената радост од Архангелот Гаврил, да биде мајка на Словото Божјо, на Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот. Пресвета Богородица, браќа и сестри, рекла: „Нека биде волјата Твоја Боже“, и во тој момент таа во пресветата своја утроба Го зачнала Христа нашиот Бог и Спасител.
Ете, токму заради тоа, заради нашето спасение Христос се воплотил во утробата на Мајката Божја, а потоа пострадал т.е. бил распнат на Крст и погребан, а потоа во третиот ден Воскреснал според Писмото и на четириесеттиот ден се Вознел на небесата, за да ја прослави нашата падната човечка природа, седнувајќи оддесно на Бога Отецот.
Па така, откако Свети Василија ја посетил Палестина т.е. местата каде што живеел и страдал нашиот Господ, ја посетил и Александрија и оние места на тогашните познати подвижници и отшелници на Црквата Христова.
Восхитен од тие места, Светиот Василиј одлучил да се подвизува во близина на една планина близу до реката Ирис, па затоа и му пишува на својот другар Свети Григориј Богослов дека тука неговото срце нашло мир и спокој, каде подоцна успеал да придобие мноштво на монаси.
Свети Василиј на тоа место организирал манастир и станал духовник, каде меѓу другото напишал и правила за монасите, кои и ден денес се практикуваат во Црквата Христова. На тоа место каде што се подвизувал, подоцна дошле да се подвизуваат и неговата мајка и сестра, каде потоа бил подигнат и женски манастир, наспроти машкиот манастир, кој го основал Свети Василиј Велики.
Овој Божји угодник, браќа и сестри, бил многу омилен меѓу народот. Пред да прими свештенички чин и да Му служи Бога, како возрасен се крстил, зашто тогаш имало некое непишано правило во Црквата, луѓето да се крштеваат возрасни т.е. откако целосно ќе ја запознаат и практикуваат верата или како што вели еден богослов, откако ќе станат „луди по Бога“ т.е. непрстајно да копнеат по Бога. Според некои кажувања, Свети Василиј се крстил од епископот Кесариски Деаниј во реката Јордан.
Овој Божји угодник на Црквата Христова, браќа и сестри, бил помаган од многумина во неговото (архипастирско) дело, бидејќи бил човек со голема духовна снага и сила, кој постојано го читал Светото Писмо, а исто така направил и многу толкувања на Книгите од Светото Писмо од Стариот и Новиот Завет.
Свети Василиј Велики напишал и Божествена Литургија, која се служи десет пати во годината т.е. на денешниот ден, во првите пет недели од Великиот Пост, на Велики Четврток и Велика Сабота, како и во предвечерието на Божик и Богојавление.
Овој Божји угодник, бил многу почитуван од народот, а го засакал и епископот Евсевиј Неокесариски, кој на почетокот заради славата што ја имал меѓу народот, Свети Василиј не сакал многу да му помага, но подоцна целосно го прифатил. Па така, кога дошло времето Свети Василиј да биде избран за епископ на Кесарија Кападокиска т.е. на главниот град на Кападокија, а јуриздикцијата на епархија се протегала до Понт, Галија, па дури и до Ерменија. Овој старец, епископот Евсевиј Неокесариски, кој бил на постела, побарал да биде однесен во Црквата на изборот на Свети Василиј за Архиепископ на Кесарија Кападокиска, па така неговиот глас бил одлучувачки Свети Василиј да стане Архиепископ на Кесарија Кападокиска.
Животот на Свети Василиј, браќа и сестри, бил исполнет со постојани прогонства, маки, страдања и непријателства. Во времето на Свети Василиј, беснеела познатата ерес на Ариј, кој учел дека Христос нашиот Бог и Спасител, не е еднаков на Бога Отецот по божество, туку дека е создаден од Него и дека Нему Бог Му Го дал Божеството.
Но Свети Василиј Велики, строго се спротивставил на тоа и ги изобличувал тогашните цареви, кои од време на време биле подражатели на оваа ерес, како што бил царот Константин Велики, а особено неговиот син Констанциј, кој целосно ја подржувал оваа ерес, кој дури го испратил префектот Модест, по секоја цена да го убеди Свети Василиј Велики да се откаже од неговото учење дека Христос нашиот Бог и Спасител е едносуштен на Отецот т.е. дека има една суштина со Отецот. Свети Василиј не прифатил по никоја цена да се откаже од правилното учење, па затоа му било кажано: „Ако не прифатиш, сиот имот ќе ти биде одземен“, на што Свети Василиј рекол: „Што ќе ми земете, кога освен оваа искината мантија и неколку книги, немам ништо свое, сè е Божјо“. Потоа му било речено дека ќе биде протеран надвор од Татковината, на што Свети Василиј одговорил: „Секаде е земјата Господова“, а кога му рекле дека ќе биде убиен, тогаш Свети Василиј рекол: „Толку многу копнеам по Бога, за да се соединам со Него во Неговото Царство, бидејќи за тоа живеам и за тоа се трудам“.
Па така, кога дошол царот Валент за да види како Свети Василиј Велики служи Божествена Литургија, бил восхитен од сето тоа, бидејќи секој негов збор што ќе го кажел, фаќал место и се впивал и длабоко влегувал во душите, умовите и срцата на луѓето.
Откако сето ова го слушнал царот, иако бил одлучен да го протера, се случило нешто необично т.е. неговиот син се разболел и бил пред умирање. Тогаш Свети Василиј се помолил и неговиот син оздравел, па затоа царот Валент се одрекол од прогонство на Свети Василиј.
После царот Вален, за цар дошол Грацијан, кој и дал слобода на Црквата Христова, а после него дошол царот Јулијан Отпадник, кој заедно учел со Свети Василиј и Свети Григориј Богослов во Атина, кој бил властелин на царот Константин Велики. Царот Јулијан Отпадник, за две години сакал да ја уништи Црква, но ништо од тоа не успеал, па затоа пред смртта Му се обратил на Христа со зборовите: „Галелејче, сепак ме победи“.
Свети Василиј, браќа и сестри, кој е прекрасен богослов на Црквата Божја, е оној што нашата Света Црква го слави денес, кој правел добрини во тешките денови на глад и сиромаштија, собирајќи парични средства од верните, за да им помага на сиромасите. Па така, според едно народно предание, се вели кога собрал многу пари, за со нив да им помага на сиромасите, а тие пари всушност ги дале сиромасите, рекол: „Ајде овие пари да му ги дадеме на царот, за да не ја гони Црквата Христова“. Царот ги одбил парите, а Свети Василиј рекол: „Направете тогаш пити, односно мазници, како што денеска ние правиме, и во нив ставете од златото, кое е дадено за сиромасите“. И што се случило, браќа и сестри? Секој што дал паричен прилог за сиромасите, истиот си го добил назад во питата, која уште се нарекува и Василопита, односно пита на Свети Василиј Велики.
Ете, таков бил овој Божји угодник, браќа и сестри, кого со слави нашата Света Православна Црква.
Денеска го славиме и Обрезанието Господово, како празник на Христа нашиот Бог и Спасител, за да се докаже дека Христос бил вистински Бог, а не како што учеле некои еретици т.е. дека бил привиден Бог и приведен човек.
Христос бил вистински Бог, Кој предвечно се раѓа од Отецот, а заради нас и нашето спасение, по благоволението на Отецот, доброволно одлучел да излезе од прегратките на Отецот и да се всели во утробата на Пресвета Богородица и да прими човечко тело, станувајќи еднаков во сè на нас луѓето, освен во гревот.
Ете, токму затоа кога се родил, бил обрезан, зашто според Еврејскиот Закон, сите оние што се потомци од Авраама, требало да бидат обрезани т.е. да им биде отсечен нечистиот дел од телото, за на тој начин да се каже дека во човекот не треба да има нешто нечисто.
Христос нашиот Бог и Спасител се обрезал, и за да почувствува болка во страдањата при телесното обрезание.
Но Оној, што го исполнил законот, Тој го променил Законот т.е. од телесно обрезание, наредил да има духовно обрезание, а духовното обрезание, е Крштението на верните, преку кое се ослободуваат од сите гревови, вклучувајќи го и првородниот грев, кој го направиле нашите прародители Адам и Ева, како што вели Свети апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“ (сп. Рим. 5, 12).
Но преку Вториот Адам, Христа нашиот Бог и Спасител, човекот беше ослободен од гревот и повторно беше подигната неговата падната природа, која потоа беше вознесена на небесата и прославена.
Па така, во православната Црква, телесното обрезание, е заменето со духовното обрезание, а тоа е Светата Тајна Крштение, бидејќи преку Крштението ние се ослободуваме од првородниот грев, но и од сите гревови што ги имаме и што сме ги наследиле.
Исто така, ние треба да знаеме дека духовното обрезание, се состои во тоа т.е. ако при телесното обрезание се очистува телото од нечистиот дел, тогаш при духовното обрезание, се очистува срцето од грешните страсти, желби и чувства, а умот од грешните мисли, помисли, и од грешните вообразувања или фантазии што ги правиме. Ете, тоа е вистинското обрезание.
А сега кога веќе ова го објаснивме и кажавме, нешто да кажеме и за Новата година т.е. за Новото лето Господово на нашата Света Православна Црква, кое се разликува од световната Нова година, и во вакви, но и во уште полоши состојби, кога не беше овој вирус Kovid-19, кога во пијана состојба беснее цел свет, според зборовите на Свети Јован Златоуст: „Пак беснее Иродијада и ја бара главата на Јована Крстител“. Како што некогаш Иродијада беснеела и ја барала главата на Свети Јован Крстител, затоа што Свети Јован Крстител го изобличуваше нејзиниот грев го Ирода, па токму затоа таа на табла ја побарала неговата глава, ете така и Едоксија ја побара главата на Свети Јован Златоуст, како што и денеска се бараат многи глави, браќа и сестри, од многу нечесни жени и девојки, кога сè прават со цел да се унижи достоинството на човечкиот род.
Затоа ние треба да сфатиме и разбереме дека човекот т.е. неговото тело, не е создадено да биде срам и подбив на сатаната, туку напротив, телото на секој човек, е создадено од Бога, да биде храм на Светиот Дух. А ако е веќе храм на Светиот Дух, тоа значи дека човекот треба да го очисти срцето од грешните страсти за кои говоревме и умот од грешните мисли, помисли и фантазии.
А оние, браќа и сестри, кои целосно се осветиле и обожиле, а тоа се светителите, уште тука на земјата покажуваат дека постои Царството Небесно. Тие се нашиот најголем доказ во нашата Света Православна Црква. Во другите религии такво нешто нема. Зошто? Зашто според Апостолското предание и преданието на нашата Света Православна Црква, а и на Светите Отце, се знае дека нашиот Бог, Отецот, и Синот и Светиот Дух, не е далеку од нас, туку е со нас и во нас, бидејќи ако ние се подготвиме да Го примиме Неговото Свето Тело и Неговата Света Крв, тогаш ние преку Светиот Дух Го примаме Троичниот Бог, Кој се вселува во нашите срца и санува наш Бог, а ние стануваме Негови луѓе. Тоа е Црквата Христова, тоа е нашето Православие, кое не е религија, која учи дека Бог е некада далеку, а ние сме овде, па Му правиме милост да смилува на нас. Не, во нашата Света Православна Вера, Бог нам ни се открива и јавува, и ни кажува што треба да правиме, а ние само треба тоа што Бог нам ни го кажува да го прифатиме и да го живееме.
Тоа е учењето на нашата Света Православна Вера и Црква.
Па затоа, ајде во оваа Нова Година, браќа и сестри, да ја запееме песната „Тебе Господа Те фалиме“, со која ја започнавме оваа беседа.
Ние, не ја прославуваме Новата година со прејадувања и опивања, туку со питата на Свети Василиј Велики, со која практичо се правело милостина на луѓето. Ете, затоа и била направена таа пита.
Нашето прославување за Новата година, не е со недостојни песни, туку со песната „Te Deum laudamus — „Тебе, Бога, хвалим“, која ја напишал Свети, Амвросиј Медиолански, а која гласи: „Тебе Бога Те фалиме, Тебе Бога, Те исповедаме, Тебе Небесниот Бог Отец, целата земја Те прославува“.
Така Го славиме Единиот Бог, Троица Отецот, и Синот, и Светиот Дух!
Честити нека се празниците, браќа и сестри, и за многу години!