На 08.11.2023 г., кога го празнуваме споменот на Светиот Великомаченик Димитриј, Преподобниот Димитриј Басарабов, Преподобниот маченик Јоасаф и споменот на големиот земјотрес, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофорот Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски, протоѓаконите Драган Ѓеоргиевски и Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
„Ако Mене ме гонеа и вас ќе ве гонат. Ако Моите зборови ги запазија и вашите ќе ги запазат“.
Времето, браќа и сестри, кога живеел светиот великомаченик Димитриј Мироточиви, Солунски, светител, великомаченик од нашиот род македонски, тоа е време на гонење на Црквата Христијанска. Тоа е време кога во првите три векови, првата четвртина од IV век, страдала Црквата неизмерно. Имено, мошне добро е познато какви биле однесувањата на тогашните римски цареви кои христијаните на секој начин ги гонеле, ги убивале, дури постоело, во тоа време, девиза, ако надојде реката Тибар, тогаш убивајте ги и распнувајте ги, гонете ги и палете ги христијаните, зашто тие се виновни за тоа. Што значи, тогашната Римска Империја била многубожечка, имале измислени богови, кумири или кипови правеле, ним им се клањале, ним жртви им принесувале, а во жртвите, меѓу другите имало честопати и невини деца, како што тоа се случувало. Некои од царевите во тоа време, кога ќе се разболеле, за наводно да оздрават, требало да се избањаат во крвта на убиените мали деца.
Такво било злосторството кон христијаните во тоа време. Но, христијаните од првите векови на христијанството со радост оделе, браќа и сестри, во смрт. Зашто тие длабоко верувале дека на земјата ние сме гости, нашиот живот е временен, и дека единствено тука на земјата можеме да го спечалиме Царството Небесно, вечниот живот. И токму затоа, тие со радост оделе, дури се случувало така што со песни и псалми, здружени, прегрнати, рака за рака да одат во смрт стотици, илјадници христијани. Еден богослов од тоа време ќе рече: крвта на христијаните во тоа време се пролеваше со потоци реки, ама крвта на христијаните стана семе за нови христијани, зашто тие браќа и сестри, со својата силна вера, со љубовта кон Бога, Спасителот наш Исуса Христа, Кој заради нас доброволно пострада на Крст, сакаа да Му возвратат на ист начин, со љубов, како што Христос заради нас грешните и недостојните доброволно, Бог, Кој беше совршен Дух и останува како таков, да излезе од прегратките на Отецот, да стане човек во сè еднаков на нас луѓето, и да поживее со луѓето, и да пострада заради нас грешните и недостојните. Таа љубовта што Бог доброволно ја дал заради нас, распнувајќи се на крст за да не избави од гревот и смртта и да нè врати повторно во заедница со Бога, треба на таа љубов со љубов да се возврати. Токму затоа, мачениците и големомачениците, великомачениците како Свети Димитриј Мироточиви Солунски, токму тоа и го направиле.
Браќа и сестри, знаеме дека Свети Великомаченик Димитриј бил од благородничко семејство. Татко му бил градоначалник или војвода на градот Солун, и кога тој починал, царот Максимијан него го поставил за градоначалник на Солун, сметајќи дека тој ќе ги гони христијаните насекаде. Но напротив, Светиот Великомаченик Димитриј не само што не ги гонел, туку ги поучувал христијаните, ги бодрел во верата, им помагал во сè и ја ширел верата христијанска. А кога слушнал за тоа царот, не испратил пратеник туку лично самиот дошол во Солун, и го повикал светиот великомаченик Димитриј, кој бил млад градоначалник, некаде околу 20 годишна возраст, и побарал од него да се одрече од Христа нашиот Бог и Спасител, на што одговорил Свети великомаченик Димитриј: Ти царе, немој да се правиш слеп, дека не гледаш оти вие, заедно со вашите истомисленици се поклонувате на измислени и од раце направени богови. Ним им се клањате и ним им служите, а не на невидливиот Бог. Затоа, јас по никоја цена нема да се одречам од мојот Бог и Спасител, Христос нашиот Бог, за што веднаш се расрдил царот и наредил да го фрлат во темнина. А додека бил свети великомаченик Димитриј во затвор, дошол кај него Нестор, млад човек, способен, кој барал благослов да престане мачењето и убивањето на христијаните, предизвикано од еден тогашен гладијатор, вонредно голем и снажен човек по име Лиј, кој бил љубимец на царот. Тој ги повикувал на двобој и ги фрлал противниците, односно христијаните врз копјата околу борилиштето, каде се натпреварувале кој е посилен. Нестор го примил благословот од Свети Димитриј, излегол на двобој со Лиј, го победил и го фрлил врз копјата. Се расрдил тогаш царот, наредил да го убијат Нестор, и пратил исто така, пратеници војници со копја да го убијат Свети Великомаченик Димитриј, и така и се случило. Бил убиен во затворот Свети Димитриј.
Но, браќа и сестри, смртта на праведникот е прекрасна и величенствена. Зашто Господ не дозволува светецот да види распаѓање, и токму заради тоа, неговото свето тело Господ го запазил од распаѓање, го направил свето, бидејќи тоа е храм на Светиот Дух. Па ете, и ден денеска, неговото свето тело нераспадливо, неговите свети мошти се чуваат во црквата Свети Великомаченик Димитриј во Солун, каде што ни е на некој начин потврда за тоа дека светителите, мачениците, исповедниците, великомачениците ги сочувал Бог, зашто рекол Дивен е Бог во Своите светии.
Браќа и сестри, кога ќе се преселиме умствено, мисловно во времето кога живеел Свети великомаченик Димитриј, во Солун, треба да знаеме дека тоа е време на големи страдања на црквата Христова. Но Господ, бидејќи од љубов пострадал заради нас и светите маченици, великомаченици, исповедниците и сите оние, кои животите свои ги дале за верата наша света православна, а зборот маченик, на грчки мартириос, значи сведок, а слушнавме од денешното Свето авенгелие дека Господ им рекол на своит е апостоли, а преку нив и нам, на грешните и недостојни нивни следбеници, ќе им го испрати Светиот Дух, којшто ќе сведочи за нив, а им вели и вие ќе сведочите. Но еве, сведочат и сите маченици за верата Христова, дека е Христос Бог и Спасител, браќа и сестри. И ништо друго не можело да ги натера светите маченици свесно да одат во смрт, и тоа, во своите најубави години, како Свети Димитриј, 20-та година од неговиот живот. Зошто? Затоа што, Свети Димитриј го засакал повеќе небесниот Ерусалим, отколку градот свој Солун, зашто знаел дека Небесниот Ерусалим е вечниот град. Исто така, повеќе ја засакал небесната татковина, Царството Небесно, отколку нашата татковина Македонија, затоа што знаел дека и земните градови, и земните татковини, еден ден ќе престанат да постојат, ама вечниот Ерусалим, вечниот град и вечната татковина Царството Небесно нема никогаш да престанат, зашто тие се вечни. И токму заради тоа, свети Димитриј одлучил достојно да го положи својот живот за верата наша света православна.
Слушнавме од денешното Свето Евангелие дека Господ им вели на Своите свети ученици и апостоли, да се сакаат еден со друг, по тоа ќе познаат луѓето дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе. Потоа Господ им вели, знајте дека ако светот ве мрази, Мене уште пред вас светот ме замрази. Потоа Господ им вели дека Ако Мене ме гонеа и вас ќе ве гонат. Еве, како Христос што бил гонет, биен, шамаран, плукан, трнов венец Му ставиле на Неговата глава, на крст бил распнат и истиот и сличен начин и Неговите следбеници и Светите Апостоли, и мачениците и великомачениците и исповедниците и сите тие, на ист начин ќе пострадаат за Христа нашиот Бог и Спасител. Зашто Господ не им ветил на Своите ученици и нам на христијаните, удобен живот тука на земјата, туку обратно, ни ветил дека преку страдања, преку маки, преку искушенија, преку болести, но сето тоа, ако го поднесеме со вера, ќе ни биде примено како награда во Царството Небесно. Па ете од таа голема љубов и се случило она што се случило, да го положи својот живот свети Димитриј за верата наша света православна.
Во првите векови, христијаните биле еднодушни. Да си спомнеме како се говори за христијаните во делата на светите апостоли дека биле еднодушни, со едно срце и една душа биле. Своите имоти ги продавале, парите ги полагале пред нозете на апостолите, а овие на сите според потребите им давале. Денеска, иако се поминати скоро 2000 години оттогаш наваму, се поставува прашањето дали ние се унапредивме подобри да бидеме од раните христијани? Не браќа и сестри, тогаш се велело на многубошците: ако сакате да видите какви се христијаните, тие исто се облекуваат како другите, и тие работат како другите сè, ама нивниот живот е поинаков. Нивниот живот е свет. Тие не лажат, Тие не крадат. Тие не завидуваат, не убиваат, тие се чесни луѓе. А денес ако го поставиме прашањето дали ние крстените православни христијани не лажеме, дали ние православните христијани не крадеме, дали ние не сме завидливи, злобни, дали не сме луѓе кои ги понижуваат своите браќа. Дали нема меѓу нас онакви кои убиваат, а секој ден слушаме од медиумите за сè што се случува кај нас во нашата земја и насекаде каде што се христијаните. Се зборува исто како за во тоа време што се живеело, неморален живот, недостоен. Тогаш имало оргии, познати биле тогаш оргиите на многу места како што биле познати и тогашните цареви, злобни и убиствени за христијаните, како Нерон, како Калигула, Тибериј и другите. А зар денес не е нешто слично? Дури за жал и со првите луѓе кои управуваат со државите, кои управуваат со Европа и пошироко. Ете, токму тие што треба да бидат образец на верата христијанска, нека не е православна, нека е и римокатоличка и протестантска, ама христијанска, барем малку да се огледале на Христа и на христијаните од првите векови. Но денес токму тие ни носат закони спротивни на христијанството. Закони да се убиваат децата во утробите на мајките, закони да живеат луѓето неморално, па биле на некој начин дискриминирани затоа што биле хомосексуалци, лезбејки и секакви, со што практично го унижуваат достоинството на човекот и ги унижуваат телата кои се создадени да бидат храмови на Светиот Дух. Затоа ќе рече светиот апостол Павле: Зар не знаете дека вашите тела се создадени да бидат храмови на Светиот Дух, зар не знаете дека цАрството Небесно нема да го наследат ниту мажеложниците, односно хомосексуалците, ниту пијаниците, ниту убијците, ниту развратниците? Сите тие нема да го наследат Царството Небесно. А денес токму закони ни се носат дека мора таквите да ги почитуваме, и дури тие се шетаат со таканаречените нивни протести на гордоста. Гордост било да бидеш голем грешник и престапник да се гордеат со тоа, срам за човечкото достоинство, браќа и сестри.
Затоа ние денеска прославувајќи го светиот великомаченик Димитриј Мироточиви Солунски, да се угледаме на овој прекрасен млад човек, кој го жртвувал својот живот за верата наша света православна. Кој покажал прекрасен пример како треба да се живее. Кој бил градоначалник на градот Солун и пак е градоначалник, зашто тој е светителот, најживиот меѓу живите во Солун. Нека се угледаат на него сите градоначалници ако сакаат вистински да управуваат со градовите. Во противно, срам ќе бидат за својот народ, срам ќе бидат за верата наша света православна. Не треба градоначалниците да бараат некој пример од некој друг градоначалник од Европа, Америка, Русија или не знам каде. Еве ви го прекрасниот пример. Многу почитувани градоначалници во Македонија, градоначалникот на Солун на Македонија, вистинскиот жив светител и денеска.
По неговите молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји помилуј нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар